Белешки од карантин (3)

10.06.2021 10:26
Белешки од карантин (3)

ЕУРЕКА

Господинот Кјото Пинг потекнуваше од сиромашно дрводелско семејство. Го наследи занаетот од татко му, и една вечер, кога го мачеше несоница, Кјото Пинг се симна во својата семејна работилница и изработи мала палка од дрво и зелена дрвена масичка. Зеде пластично топче и застана од левата страна на масичката. Почна да удира со палката по топчето, но нешто му недостасуваше.
Господинот Линг Понг потекнуваше, исто така, од сиромашно дрводелско семејство, но живееше на спротивната страна на Пекинг, од господинот Кјото Пинг. И Линг Понг, истата вечер, се симна во својата работилница, и изработи зелена дрвена масичка и мала дрвена палка. Зеде пластично топче и, за разлика од господинот Кјото Пинг, застана од спротивната, десна страна на зелената дрвена долгнавеста масичка. Почна да удира со палката по топчето, но нешто му недостасуваше.

Господинот Пјер Тире, француски емигрант во Пекинг, инаку рибар по професија, истата вечер, се симна во својот подрум, и изработи долгнавеста мрежа ‒ бидејќи како рибар имаше соодветен материјал за изработка на мрежи. Имаше дрвена масичка, купена во некоја од локалните продавници. Ја стави долгнавестата мрежа на средина на масата. Но, нешто недостасуваше.

Наредната вечер, сабота, сосема случајно, во едно кафеанче на ист шанк се најдоа Кјото Пинг, Линг Понг и Пјер Тире. Не се познаваа од претходно, но после неколку чашки алкохол започнаа разговор. Секој од нив го сподели својот проблем со другите двајца. Кјото Пинг имаше зелена маса, мала дрвена палка и стоеше на левата страна од масата, удирајќи пластично топче со палката. Линг Понг имаше зелена маса, мала дрвена палка и стоеше на десната страна од масата, удирајќи топче со палката. Пјер Тире имаше зелена маса и долгнавеста мрежа поставена на средината на масата.
И, одеднаш ‒ еурека! ‒ извикаа Кјото Пинг, Пјер Тире и Линг Понг, истовремено. Дојдоа, во ист момент, до совршено решение за своите проблеми. Измислија нова игра и ја нарекоа по презимињата на тројцата: Пинг Тире Понг т. е. Пинг‒Понг.

Останатото е историја.


И ЈАС ВЕ САКАМ ВАС

Никогаш не ми се допаѓала музиката на славната ирска рок‒група U2.

Пред неколку недели, добив телефонски повик во ниедно време, три саат сабајле. Беше тоа повик од Боно, пејачот на U2.

Видно вознемирен, ми кажа дека откако се расчуло низ светот дека јас не го бендисувам бендот, тој не може да спие навечер, се превртува во креветот, не може око да склопи.

И покрај неговите очајни молби да го омекнам негативниот став кон нивниот музички опус, опстојав на своето.

‒Тапа сте дечки ‒ му одвратив на господинот Боно Вокс.
Ме молеше, кутриот, гласот плачливо му трепереше, но залудно.

Ми кажа дека гитаристот на групата, Еџ, откако чул дека мене, на Марко Петрушевски‒Шишмиш, славна дебармаалска фаца, чиј збор го ценат најугледните музички критичари на"Њу Мјузикал експрес "и "Мелоди Мејкер", ЈУ‒ТУ не му значат ама баш ништо, паднал во тежок очај и сериозно размислува да батали рок кариера и да се повлече во своето родно село за да се посвети на плетење џемпери со ирски фолклорни мотиви.

Адам Клејтон, басистот на бендот, јачеше Боно преку телефонот, сосема ја изгубил волјата за живот. Не јадел ништо со денови, гледал тапо во една точка на ѕидот и, како во транс, повторувал:‒Зошто ги мразиш толку ЈУ‒ТУ, Шишмиш?

Лери Мулен Џуниор, тапанарот на U2, инаку убеден атеист, редовно почнал да оди во најголемата католичка катедрала и да се моли за да го сменам ставот, оти маф им е работава.
На крај на телефонскиот разговор, Боно ме молеше, ме преколнуваше, да им пуштам, од сожалување, некој позитивен муабет низ скопскава чаршија. Демек, да сум речел дека не се толку лоши момците, и тоа, поради мојот огромен авторитет и влијание, кој може да се рамни само со оној на Марин Бабиќ, брзо ќе се прошири низ светските музички кругови.

‒Спаси го U2, Шишмиш, брате! ‒ таговно шепна Боно во телефонската слушалка.

Ама, јас не сакав ни да чујам! Каде Марко Петрушевски‒Шишмиш плукнал, таму не лиже!

Му ја треснав слушалката, и иако ми ѕвонеше неколку пати до исклучување, се вратив во постела и продолжив со спиење.

Неколку дена подоцна, ми ѕвони некој на врата, отворам: сите четворица ‒ Боно, Еџ, Адам, Лери. U2 беа на мојот праг.

Седнавме кај мене, во дневна, ги послужив со ајвар, пинџур, ракиичка. Тие отворено ми соопштија дека после мојата негативна оцена на нивната музика, тиражите им паднале, планираната турнеја морале да ја откажат бидејќи продале премалку билети и иднината на бендот е сериозно доведена во прашање.

Ми падна жал. Се размуабетивме, се отворивме еден кон друг, беа супер луѓе, со огромни срца, со сочувство за сиромашните и онеоправданите, вистински, искрени филантропи. Само, што да правам, кога ептен не ми го прават ќефот нивните песни? Може некој да ти се допаѓа како човек, а да не ти се допаѓа како музичар.

Веќе солидно наѕуѕани, се изгушкавме и се изљубивме како браќа, и тие тргнаа да си одат, да го фатат авионот за Даблин.

На заминување, Боно, Еџ, Адам, Лери, сите четворица, со искрена емоција во гласовите ми рекоа:
• U2 loves you, man!
А јас, исто искрено, им возвратив:
• I love you, too.

Моето you, too и нивното U2, иако изговорени звучеа идентично, немаа исто значење. Јас ги засакав како луѓе, но не и како музичка група. А тие од мене бараа да ја засакам нивната музика. Но, по оваа средба, и тие мене ме засакаа како човек.

А пријателството и љубовта се поважни од разликите во музичките вкусови. Поважни се од било какви разлики.

Фотографиите се од перформансите на Nam June Paik


 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото