Европскиот фудбал и национализмот

10.06.2021 11:56
Европскиот фудбал и национализмот

 
  Светските спортски настани природно ја истакнуваат посветеноста кон нацијата. Но кога ривалствата во вистинскиот живот ќе се помешаат со спортските натпревари, „прекрасната игра“ брзо може да стане грда. Кога повеќе лидери силно инвестираат во спортот за да ги подигнат популистичките поени за политичка корист, тоа го менува прашањето за тоа кои би можеле да бидат крајните победници на одложениот шампионат.

Кога ќе започне 16-ото Европско фудбалско првенство, од 11 јуни до 11 јули, европската фудбалска асоцијација УЕФА сентиментално ќе го слави турнирот како симбол на интернационалното разбирање. УЕФА навистина подготвува нешто многу посебно за својата 60-та годишнина: за прв пат во историјата на турнирот, тој ќе биде одржуван истовремено во 10 евроски градови и во еден град во Азија.

Натпреварот насекаде ќе биде воспеван за неговото промовирање на разновидноста и на човековите права. Сепак, ова е само површниот дел. Зад светкавата фасада на мултикултурната фудбалска индустрија, најпопуларниот спорт во светот служи и како полезен инструмент за стекнување моќ. Фудбалот овозможува речиси совршена прилика за автократи, националисти и сепаратисти.

На пример, Унгарија: во Будимпешта ќе се организираат три прелиминарни рунди и нокаут фаза - изновредна политичка можност што Виктор Орбан сигурно нема да ја пропушти.


Орбановото откупување на фудбалот

Откако дојде на позиција во 2010, Орбан направи пакт со организираниот спорт. Неговата влада финансираше конструкција и реновација на стадиони, спортски сали и капацитети за тренинг. Орбан лично ги охрабрува компаниите да инвестираат во спорт во замена за даночни олеснувања. Дополнително, водечките членови на партијата Фидес сега се во бордовите на директори на поголемите фудбалски клубови. Еден таков пример е Габор Кубатов, кој е и пратеник и претседател на повеќекратните шампиони Ференцварош Будимпешта. Конкретнава релација се исплати за Орбан кога Кубатов го мобилизираше осигурувањето на Ференцварош и радикално десничарски фудбалски фанови, против антивладини демонстратори.

Арената „Панчо“ со капацитет од над 3800 е изградена во скромното место Фелшут, село со помалку од 1700 жители – стадионот е речиси спроти домот на Виктор Орбан. Именуван е според легендарниот фудбалер Ференц Пушкаш – Панчо, кој играл за Реал Мадрид.

Во ЕУ Орбан го гледаат како националистички аутсајдер, но во фудбалот тој може да се претстави како голем Европеец. Додека Германија наметна построги барања за влез на почетокот на годината поради ширењето на британската варијанта на коронавирусот, Унгарија дозволи влез странски спортисти за спортски настани. Ова овозможи неколку европски натпревари да се случат во Будимпешта во март, и покрај 300 смртни случаи дневно, најлошата бројка во Европа во тој момент.

Арената „Панчо“ во родниот град на Орбан

Путин и фудбалот како пропаганда

Орбан го следи моделот на спортски политики втемелен од Владимир Путин. По падот на Советскиот сојуз и турбулентните години на Борис Јелцин, Путин сакаше да ја поврати стабилноста и меѓународната почит во доцните 1990-ти. Исто како и во Студената војна, но сега на експанзионистички капиталистички начин, спортот послужи како совршена руска пропагандна алатка.

Постепено, државните институции и претпријатија – енергетски џинови, банки – се пробија во руските фудбалски клубови. Најголемиот производител на природен гас во светот, државното претпријатие Газпром, играше главна улога во издигнувањето на клубот од родниот град на Путин, Зенит Св. Петербург, во повисоките нивоа на европскиот спорт. Фирмата воспостави и меѓународни партнерства.

Политичката стратегија е на сила и во руските провинции, кои често жестоко се натпреваруваат меѓусебно за привлекување туристи, професионални работници и инвестиции. Повеќе од третина од 16-те клубови во Руската премиер лига примаат подршка од локалните власти. Ова за нив претставува вин-вин ситуација: клуб што е успешен поради јавно инвестирање, за возврат привлекува инвеститори допадливи за елитните слоеви на населението.

И провинциите имаат корист од успешните крупни настани што Кремлин во последно време ги носи во Русија. Пред сѐ, во 2014 се одржа Зимската олимпијада во Сочи, но важни се и Светскиот шампионат во биатлон во 2001 во Канти-Мансијск, Светскиот шампионат во атлетика во Москва во 2012, Светскиот шампионат во хокеј на мраз во Москва и во Св. Петербург во 2016. Врвот беше Светскиот куп на ФИФА во 2018 во Русија. Турнирот помина без поголеми скандали и обедини стотина спротивставени етнички групи во најголемата земја на светот.

Поради националните успеси што ги остварува, спортот во Русија служи како оштествен зацврстувач. Исто така му овозожува на Путин да се прикаже себеси како космополитски политичар, едновремено водејќи хард-кор политика на сила. Има причина што Путин повеќе не е добредојден гостин на многу политички самити во Европа откако Русија го анексираше Крим, изврши инвазија врз источна Украина, се бореше заедно со Басар ал-Асад во сириската граѓанска војна и се мешаше во претседателските избори на САД. Но, во Св. Петерсбург ќе се одржат седум европски натпревари годинава – платформа на која Путин ѝ се радува.


Ердоган и фудбалот во име на религијата

Фудбалот може да послужи како политички симбол на моќ, дури и без честото присуство на државниот лидер на стадионот. Некои од нив успеваат да интегрираат религиски елементи. Откако Реџеп Таип Ердоган стана премиер а потоа и претседател, државата повеќепати даде лукративни градежни договори на исламско-конзервативни компании за аеродроми, патишта, џамии и, впечатливо, за речиси триесет фудбалски стадиони.

Многу од стадионите се изградени во градови каде владејачката АКП има големо мнозинство. Околу овие градежни проекти се градат продавници, локален транспорт и понекогаш цели населби. Во меѓувреме, стадионите, порано именувани според Ататурк или неговите современици,сега добиваат нови идентитети. На пример, локацијата во една од општините во Истанбул каде моменталната влада често се соочува со критики, изворно именувана според Исмет Инону, вториот претседател на Турција, е заменета со стадион со име на компанија за мобилни телефони.

Претседателот Ердоган барал стадиумите веќе да не се нарекуваат ‘арени’, барање што ја изразува неговата желба да даде отпор на западниот симболизам. Во конзервативните области како Анкара и Конија, се повеќе се слушаат националистички и исламски пеења на фудбалските стадиони.

Самиот Ердоган е гласен поддржувач на Башакшехир. Клубот, базиран во предградие на Истанбул, има блиски врски со Министерството за спорт, Турската фудбалска федерација и медиумите. Иако Башакшехир има релативно малку фанови, тимот прв пат стана шампион на Турција во 2020 откако неговиот стадион беше изграден за само 16 месеци. На отворањето на стадионот Ердоган даде три гола.

Реџеп Таип Ердоган во дрес на Башакшехир

Фудбалот и Нагорно-Карабах

На Европскиот шампионат, турскиот национален тим ќе игра два прелиминарни натпревари во Баку, Азербеџан, клучна земја сојузник на Ердоган. Сепак, до неодамна фудбалот не беше првата асоцијација на регионот. Војната помеѓу Азербеџан и Ерменија околу регионот Нагорно-Карабах резултираше во неколку илјади жртви.

Фудбалот беше пропагандна алатка за двете страни. Во Баку, клубот Зира истакна банер за Илгар Бурчалиев, поранешниот млад играч кој стана војник и загина во битка. Насекаде имаше азербеџански знамиња. Тимовите носеа дресови со натписот „Карабах е Азербеџан“. Играчите отпоздравуваа пред камерите и споделуваа воени видеа на социјални медиуми. „Треба да ги убиеме сите Ерменци“, напиша на Фејсбук прес секретарот на азербеџанските шампиони Карабах.

Азербеџаните се идентификуват со Карабах. Клубот има корени во Агдам, порано најголемиот град во Карабах. При распадот на Советскиот сојуз, конфликтот околу територијата се претвори во војна. Ерменија победи и ги протера сите Азербеџанци од регионот. Агдам беше разрушен и тимот Карабах пребега во Баку. Таму тие примија политичка и финансиска поддршка; тимот освои седум шампионати по ред и учествуваше во неколку европски натпревари.

Автократскиот претседател на Азербеџан, Илхам Алијев, сака да ги искористи ваквите позитивни вести за победи за да го привлече вниманието кон залихите на нафта и гас во неговата земја. На слчен начин, добра видливост дава Формула 1, која се одржува во Баку секоја година од 2016. Во 2015 во Баку беа одржани првите Европски игри. После долги преговори, натпреварувачите од Ерменија можеа да учествуваат, но со воена заштита. Хенрик Мхитаријан, капитенот на ерменскиот национален фудбалски тим често настапува во улогата на Национален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Но за финалето од Европската лига во Баку во 2019 се откажа од присуството, плашејќи се за својата безбедност.

Според посебно правило на УЕФА, клубови од Ерменија и Азербеџан не смеат да играат еден против друг. Сепак, на меѓународните натпревари често се наоѓаат непријателски песни и пораки, неретко вклучувајќи членови на заедници од дијаспората порзани за некоја од страните. Во Берлин и во Виена, фанови со турско потекло понекогаш се здружуваат со Азербеџанците против Ерменците. А во Варшава и во Будимпешта, радикално десничарски групи се солидаризираат со Ерменија.


Шпанскиот сепаратизам и улогата на фудбалот

Шпанската влада го нема признаено Косово од страв од сепаратистички тенденции во Каталонија и во Баскија. Пред квалификацискиот натпревар меѓу Шпанија и Косово на Светскиот куп на ФИФА 2022 , Министерството за култура во Мадрид му пристапи на шпанскиот национален медиум РТВЕ за да се осигура дека модераторите и коментаторите ќе зборуваат за косовскиот тим, но нема да ги споменуваат националните аспекти.

Во Баскија, Атлетик Билбао е сметан за значаен културен симбол повеќе од 120 години. Поранешниот играч Хозе Антонио Агире стана првиот регионален претседател на Баскија во 1936. Тој го поддржа воспоставувањето на Баскиски национален тим, делумно како потентен катализатор за одделување од Шпанија. Но крајот на шпанската граѓанска воја во 1936 ги запре вавквите идеи. Франко ги потисна регионалните традиции и забрани клупски имиња што звучат странски; Атлетик Билбао стана Атлетико Билбао за време на неговата диктатура од 1941 до 1974. Во тој период, многу Баскијци развија анимозитет кон централизираната моќ во Мадрид.

Повеќе од која било друга група, ЕАЈ-ПНВ, највлијателната националистичка партија во Баскија, го инстументализирала фудбалот во својата политика. Во 1977 политичарот на ПНВ Хесус Марија Дуњабеитија го презеде раководењето со Атлетик Билбао. На стадионот повторно започнаа да настапуваат баскијски музичари. Сѐ повеќе фанови бараа политичка автономија, што придонесе до одреден успех: во Шпанија, Баскијците беа воспоставени како одделна националност и баскисјкиот стана службен јазик.

Сепак, баскијскиот национализам има и опасна страна: членови на подземната сепаратистича организација ЕТА убија повеќе од 800 луѓе пред организацијата да се распушти во 2018. Јавната видливост на фудбалот им ги посочи на ЕТА главните цели. Тие го киднапираа бизнисменот Хуан Педро Гузман, член на бордот на директори на Атлетик Билбао, неколку дена во јануари 1986. Организацијата уценуваше и богати Баскијци како Биксенте Лизаразу, роден во француската страна на Бакија, кој играше за ФК Баерн Минхен.

ЕТА никогаш немала повеќе од 200 членови, но имаа десетици илјади симпатизери. На стадионот Билбао, фановите бараа да се ослободат затворените членови на ЕТА. Кога Атлетик одржа минута молечње во 2008 за баскијскиот социјал демократ Исаија Караско, убиен од ЕТА, дел од публиката го прекина чинот со свиркање.

Овој нагласен национализам се манифестирал и во формацијата на тимот. Повеќе од сто години Атлетик Билбао регрутирале ексклузивно играчи со баскијско потекло. Денес родното место веќе не е пресудно, но се бара играчите да „израснале во баскијскот фудбал“. Секако, таквите „правила“ за откривачите на талент не се внесени во никакви статути, што би било незаконски.

Скорешните дебати се вртат околу наследството на играчите и повремено вклучуваат расизам кон играчите од африканско потекло. Инаки Вилијам, роден во Билбао, од татко со потекло од Гана и мајка од Либерија, беше првиот црнец што постигнал гол за Атлетик во 2015 за време на Европската лига.

Многу фанови на Атлетик Билбао не сакаат да имаат ништо со Шпанскиот национален тим . Во Баскија, интересот за меѓународни натпревари е понизок во споредба со други региони. Првично, шпанскиот тим требаше да ги игра трите прелиминарни Евро 2020 рунди во Билбао. Но Билбао не сакаше да гарантира прием за гледачи за време на пандемијата. Потоа УЕФА ги премести игрите во Севиља, и многу локални фанови се израдуваа што Баскија беше „поштедена“ од посета на шпанскиот национален тим.

Такво одбивање е малку веројатно во останатите градови домаќини на Европскиот шампионат. Орбан, Путин и Ердоган дури би ги експлоатирале своите фудбалски тимови и натпреварите за национални цели. И на овој фудбалски шампионат многу организатори во прв план ќе го стават својот национализам.

Извор: Eurozine