„Изгубениот“ Леонардо сè уште е скриен

11.06.2021 01:03
„Изгубениот“ Леонардо сè уште е скриен

„Салватор Мунди“ на аукција во Лондон, 2017 година

Француските кустоси цела деценија работеа на подготовки за големата изложба која ја одбележа 500 годишнината од смртта на Леонардо да Винчи. Меѓутоа, кога се отвори изложбата, сликата за која најмногу се зборуваше и која планираа да ја прикажат - „Салватор Мунди“, најскапото дело некогаш продадено на аукција - го немаше никаде.

Кога за време на една продажба на недвижност во Њу Орлеанс беше извадена од темнината, сликата во 2017 година беше продадена како откриено „изгубено“ дело на Леонардо, а за неа анонимен купувач плати повеќе од 450 милиони долари и ја чуваше како скриена. Две години подоцна, можноста таа да биде прикажана на одбележувањето на годишнината во Лувр, предизвика сензација во меѓународните уметнички кругови, а нејзиното отсуство покрена бура нови прашања.

Дали Лувр заклучи дека сликата не е дело на Леонардо, како што сметаше една гласна група стручњаци? Дали купувачот - наводно саудискиот принц Мухамед бин Салман, иако никогаш не потврди - одби да ја позајми за изложбата зашто се плашеше од судот на јавноста?

Ништо од ова не е вистина.

Принцот Мухамед бин Салман

Крунисаниот принц во тајност ја достави сликата „Салватор Мунди“ во Лувр една година претходно, во 2018, според наодите на неколку француски претставници и според доверливиот извештај за автентичноста на сликата до кој дојде Њујорк тајмс. Во извештајот исто така се наведува дека сликата му припаѓа на Министерството за култура на Саудиска Арабија - а тоа никогаш не беше јавно потврдено.

Тим француски научници го подвргна платното на форензички испитувања кои траеја со недели и во тајниот извештај наведоа дека автор на делото е Да Винчи.

Французите одбија да објават позитивен извештај за автентичноста доколку Саудијците не дозволат „Салватор Мунди“ да биде прикажан на изложбата во Лувр.

„Искрено, мислам дека сета фама досега спласна“, наведува Лук Сајсон, директор на Музејот Фицвилијам во Кебриџ, Англија, кустосот кој во 2011 година учествуваше во изложбата на делата на Да Винчи во Националната галерија во Лондон, чиј дел беше токму и сликата „Салватор Мунди“. Ако сликата едноставно беше изложена, „луѓето сами ќе можеа да судат за неа врз основа на сопственото искуство“.

Верува дека „Салватор Мунди“ е насликана околу 1500 година, а ова дело беше едно од двете слични слики кои се забележани во колекцијата на англискиот крал Чарлс Први, после неговото погубување во 1649 година. Податоците за сопственоста на оваа слика се познати до крајот на 18 век, а потоа, околу 2005 година, неколку дилери од Њујорк на еден имот во Њу Орлеанс пронаоѓаат невешто реставрирана и делумно пребоена слика која им паднала во око. Ја откупуваат за помалку од 10 000 долари и ја носат кај стручњак кој ќе го реставрира оригиналот.

Оттогаш, сликата помина низ неколку раце, сè додека во 2011 година не беше прикажана како дело на Леонардо во Националната галерија во Лондон. Сепак, рекордната сума која во 2017 година ја плати анонимен купувач, ја доведе на насловните страни и во центарот на вниманието на јавноста, особено откако Тајмс извести дека сликата е купена во име на саудискиот престолонаследник.

Музејот Лувр во Париз

Сега, во новиот француски документарец кој беше прикажан на 6 април, се тврди дека Лувр заклучил дека Леонардо „едвај придонел“ во содздавањето на делото „Салватор Мунди“. Во телефонски разговор, режисерот на документарецот, Антоан Виткин наведе дека стои зад ова тврдење и додаде дека претседателот на Лувр одбил да ги коментира заклучоците на музејот за оваа слика.

Лувр тврди дека „не постои“ извештај за автентичноста на сликата, рече Виткин.

И покрај негирањето, кустосите од Лувр во тајност подготвија резиме со заклучоци на 46 страни од нивното испитување на сликата. Тајмс пронајде повеќе копии од тој извештај.

Во воведот, претседателот на Лувр, Жан-Лик Мартинез напиша: „Резултатите од историското и научното истражување претставено во оваа публикација ни дозволуваат ова дело да му го припишеме на Леонардо да Винчки.

Сепак, дел од каталогот во кој се опишува автентификацијата е отстранет пред објавувањето, а музејот наредил сите копии од извештајот да бидат заклучени.

Додека Французите одбиваат да зборуваат за делото „Салватор Мунди“, а Саудијците одбиваат да го прикажат, прашањата за оваа слика се сè побројни.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

Свет / Технологија / Уметност
Свет / Уметност / Филм

ОкоБоли главаВицФото