Закон што Мојсеј им го предал на Македонците

11.06.2021 10:19
Закон што Мојсеј им го предал на Македонците

Човековиот имунолошки систем е неверојатно сложена творба што се состои од голем број различни клетки и протеини чија основна задача е да го штитат организмот од секакви упади на микроби и инфекции. Војниците на имуносистемот се од најразлични „родови“: извидувачки специјални единици кои го препознаваат непријателот – таканаречените анититела, како и повеќе борбени родови на бели крвни зрнца во кои спаѓаат лимфоцитите бе-ќелии, те-ќелии и ќелиите-убијци, кои ги паметат и убиваат носителите на инфекцијата. Со нив во нашата заштитна армија се уште и моноцитите, макрофагите, фибробластите и еден куп протеини што служат како различна воена опрема во битката што имуниот систем без прекин и неуморно ја води од денот на раѓањето на човекот до неговиот последен здив.

Цитокинска бура

Цитокините се мали протеински партикули чијашто улога во имуносистемот е главно комуникациска: тие служат како посредници помеѓу различните делови на системот, како еден вид повикувачи за помош и тревога. Нив ги излачуваат практично сите големи ќелии-убијци од имуносистемот што непосредно учествуваат во колежот на натрапниците. Лачењето на цитокините е повик за помош кој предизвикува интензивно производство на уште повеќе ќелии на имуносистемот, кои пак веднаш се втурнуваат во кланицата и почнуваат интензивно да лачат уште повеќе цитокински протеини. Е, сега, кога нашиот организам ќе се соочи со непознат натрапник – нов вирус кој почнува бесно да се умножува, напаѓајки ги виталните органи како што се белите дробови – имуносистемот знае претерано да реагира, и тоа безмалку хистерично. Оваа хиперимуна реакција се состои од неконтролирано обилната продукција на цитокини, што во некои ситуации прераснува во вистински „зол круг“, кој предизвикува уште поинтензивно умножување на ќелии-убици, кои пак лачат уште повеќе цитокини…

Оваа претерана реакција на имуносистемот е наречена „цитокинска бура“ и нејзините последици се најчесто фатални за човекот во чиишто бели дробови настанала. Од преголемиот и неконтролиран упад на имуноклетките во алвеолите, тие почнуваат да ги убиваат сите клетки во нивна околина, поради што настанува масивно оштетување на алвеоларните простори и на целите белодробни крила. Овие оштетувања се претвораат во еден голем едем, во тотално раскашавување и затнување на алвеоларните простори со мртви ќелии и телесна течност. Ова затнување ја оневозможува основната функција на белите дробови и влегувањето на кислородот во организмот, поради што доаѓа до масивно откажување на виталните системи во телото и безмалку неизбежна смрт. Бурата настанува секогаш одненадеж, при што доволни и се неколку саати, една ноќ или деноноќие за да ги усмрти своите домаќини. Научниците сметаат дека токму цитокинската бура е главната причина за веќе неколкуте милиони човечки жртви на пандемијата ковид-19, но и на проценетите 50 до 100 милиони умрени од пандемијата на шпанскиот грип пред точно еден век.

Зошто ја раскажувам оваа ужасна медицинска скаска? Аутоимуната или претераната хистерична реакција на биолошкиот систем на заштита е метафора која ја сликува вистината за тоа дека најголема штета во еден општествен организам – во мирнодопски услови, се разбира – може да направат токму оние ќелии на организмот што се задолжени за одржување и заштита на уставниот и правниот поредок. Во правниот поредок, законите и правните ќелии што ги спроведуваат го чинат имуносистемот на општеството, не само во судството или органите за прогон, туку на ќелиско ниво. Тие ги читаат и спроведуваат законите и прописите, тие ги препознаваат границите на законитоста на „протеинско ниво“, на ниво на секој предмет, и секој дамар во функционирањето на општеството. Кога тие ќе ја „заборават“ својата улога во системот, кога веќе нема да можат да го препознаат уставното од неуставното, законското од незаконското, нивната улога страотно се изобличува, и тие од одржувачи и бранители на системот, стануваат неговите активни уништувачи.Продолжениот живот на зомби-законот

Зборувам за – не трудете се, невозможно е да погодите – продолжениот живот на зомби законот за легализација на бесправните градби. Но немам намера да го анализирам и да докажувам дека овој законски текст е активна негација на уставниот поредок, како цитокинска бура за белите дробови, и практично смртна пресуда за една правна држава. Нема да пишувам ниту дека овој закон ги поништува не само законите за просторно планирање, за урбанистичко планирање, за животна средина, за градење, за градежно земјиште, за сопственост и други стварни права, туку и кривичниот законик и веројатно уште два-триесеттина закони што го уредуваат животот, просторот и општествениот поредок. Не, почитувани читатели, имав намера да укажам на неколку сосем занемарени аспекти на правничката законоцидна бура.

Прво, законот е стара вест: тоа е практично истиот текст на вмровскиот закон за постапување со бесправно изградените градби од 2011 година, продолжуван и растегнуван до 2018; закон со кој во Македоња не е само обесмислено планирањето или законското градење, туку е заборавена и самата смисла на законите и законитоста воопшто.

Второ, со првиот закон се процесирани повеќе од 300.000 бесправни градби, додека сега се зборува за најмалку уште 50.000 случаи што жедни го чекаат почетокот на спроведувањето на втората сезона од законот. Практично, што со заокружувања, а што со одбиените и нерешени случаи, се работи за бројка од 400.000 градби, колку што во земјава не се изградени од Втората светска војна до денес. Мистерија?

Трето, никој досега не се осврна на неверојатниот факт дека првиот закон за легализација на бесправните градби не само што самиот беше генератор на беззаконие, туку беше и масовно злоупотребуван за решавање на закочени, закречени, корумпирани и други унесреќени случаи што ги произведуваа – и сè уште тоа го прават – декапацитираните и корумпирани државни органи.Така, законот масовно се употребуваше за впишување во катастар на легални наследства или градби што катастарот одбиваше да ги признае како легални поради несовпаѓање на некои параметри во документацијата. Тој стана универзално решение за секој проблем што на граѓаните – повеќе од тапост отколку од злоба – ќе им го направеа државните органи: требаше само предметот што е закочен во процедура да го пријавите како бесправна градба и сè како по чудо стануваше легален имот! Поради својата улога на калауз кој ги отвора сите врати, и со брза, нетранспарентна, нестручна, но затоа и неселективна постапка, сите проблеми ги претвора во легален имот запишан во книгата на недвижности, овој вмровски бисер од закон стана најомилениот и најупотребуваниот закон во републиката, та неиздржливиот притисок да се донесе нов „ист таков“ почна практично дента кога престана емитувањето на првата сезона од законот.

И, четвртото и нај, најинтересното во врска со законот за легализација на нелегалното, е дека во нормална правна држава овој закон – да замислиме и да бил донесен по грешка – немаше да може да се спроведува. Зошто, ќе прашате? Па, зашто одредбите од законот се директно спротиставени со важечките уставни одредби, како и со одредбите од сите веќе набројани закони што се паралелно и цело време на сила, па нормалните правници во нормалната правна држава ќе одбраа да ги применуваат одредбите од материјалните закони што се на сила, а не криминалните одредби од законот за легализација! Но ние самите еуфорично одбравме да ги применуваме токму одредбите од неуставниот закон, како да е единствен важечки, најсилен од сите – како да ни го предал лично Мојсеј, на враќање од својата викендичка на Синајската Гора!

Карикатури: Pavel Constantin

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото