Еко-активистите револтирани од масакрот на дрвја на улицата „Орце Николов“

11.06.2021 11:55
Еко-активистите револтирани од масакрот на дрвја на улицата „Орце Николов“

Еко-активистите се револтирани од, како што го нарекуваат, масакрот на дрвјава на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало, направен вчера, во склоп на нејзината нејзината реконструкција. Иако беше најавено дека ќе се сечат 13 болни стебла, сепак, меѓу нив имаше и здрави дрвја. Здруженијата бараат одговорност како за сечата, така и за тоа што дрвјата во Скопје пропаѓаат и се разболуваат.

Од О2 инцијативата потсетуваат дека сличен случај беше и со дрвјата на булевар „Србија“ пред 1 месец, но и на Рузвелтова.

„Од она што се гледа – дрвата не се болни, единствен проблем им е што биле големи, најголемиот дел исечени дрвја се со огромни стебла. Од она што се гледа на терен останува впечаток дека им се нашле на пат за поставување, цевки, кабли, па што има да смислуваат решение, ќе му се секираат за некое дрво, пушти пилата и решен проблем башка ќе се отвори тендерче, ќе си посадат нови, со помали стебелнца, важно да се брои, плус ќе си пораснат цифрите на ново посадени. Друга работа е што во приказнава ич не се замаарат што толку многу дрвја им се разболуваат на толку мал простор, очигледно некој не си ја работи работата за која е платен, ама тоа за нив е нормалан работа. Нормално им е да ги соголат корењата, со бетон да ги премачакаат, да ги асфалтираат, важно улица реконструирале – достигнување, вредно за жртва од децениски израснати дрвја“, лути се од иницијативата.

Од „Гоу грин“ бараат под итно да се објави извештајот за проценка на квалитетот и состојбата на исечените дрвј, на лицето кое ја извршило анализата на терен, но и не употребените методи.

„Дали кога е правен зелениот катастар на Град Скопје овие стебла се проценети во лоша состојба? Според она што ние го видовме на „полуфункционалната веб страница“ (http://gisportal.skopje.gov.mk/zk/) , овие дрвја се попишани со зелено – а не жолто или црвено. На терен видовме дрвја кои имаат шупливи гранки, но не и стебло! Проблемот тука е што не е навремено интервенирано од страна на надлежните лица да се кратат и одржуваат тие дрва за да не дојдат до ова. НО! Секако не е тоа причина за да се исече цело дрво! Се оштетуваат корењата на дрвјата кои ги „поштедиле“, за до нив да се бетонира. Автоматски му се ускратува животот на тоа дрво! Се сечат млади стебла! Ова не се стари и шупливи дрвја!“, реагираат од здружението.

Од Платформата „Здравје пред профит во Центар“ пак поставија повеќе прашања за кои надлежните не дале одговори.

„Зошто немаше анализа кога се правеше проектот колку дрва се болни?
Зошто на презентацијата на проектот не беше најавено дека болните дрва ќе се заменуваат?
Зошто градоначалникот кажа дека ниту едно дрво нема да се сече?
Зошто не чувствуваат потреба да ги објаснат постапките однапред?
Зошто ги доведуваат граѓаните во ситуација да се осеќаат изманипулирани?“, прашуваат од платформата.

Дрворедот на „Орце Николов“ се протегаше од двете страни на улицата, како една од ретките зелени оази во еден најгусто населените делови во Скопје. Од Општина Центар тврдеа дека стеблата се стари, како и дека ќе засадат нови јавори на нивно место. Сепак, за едно дрво да порасне, потребна е најмалку една деценија.

Извор: Радио МОФ

 

ОкоБоли главаВицФото