Кинотеката ќе го прикаже првиот македонски игран филм „Фросина“

12.06.2021 17:01
Кинотеката ќе го прикаже првиот македонски игран филм „Фросина“

Синоќа во летното кино на Кинотеката „Мирно лето“ со свечена церемонија беше претставена дигитално реставрираната копија на македонската филмска комедија „Мирно лето“ на Димитрие Рули Османли.

На летната кинотечна сцена, токму со филмот по кој таа го носи името, директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов го претстави и веќе добро познатиот проект под име „Сезона на класични филмови“ (Season of Classic Films), кој веќе втора година по ред се организира од страна на Асоцијацијата на европски архиви ACE (франц: Association des Cinémathèques Européennes – ACE; анг: Association of European Cinematheques), каде што Кинотеката е членка уште од 1998 година. Во оваа ексклузивна ревија на архивски и реставрирани филмски класици вклучени се и филмските архиви од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и филмските архивите од Загреб, Белград, Атина, Тирана, Софија...

 „Целта на оваа иницијатива координирана од ACE и финансиски поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“, што повеќе луѓе да погледнат што повеќе наслови од европската филмска ризница – со проекции во живо и он-лајн, со лајв стрим пренос - а филмските архиви и институции да ги споделат со светот своите реставрирани филмови“, рече Ангелов.

Освен присутните гледачи кои го исполнија дворот на Кинотеката, проекцијата на „Мирно лето“ можеше да се следи и он-лајн преку лајв стримингот на линкот што го озбезбедуваме од нашите Фејсбук и Инстаграм профили, како и од кинотечниот јутјуб канал.

Филмот „Мирно лето“ нема целосни оригинални негативи, туку само позитив 35-мм копии кои останале од кино-дистрибуцијата во минатото, кои денес не се технички соодветни за проекции. Затоа тимот на Кинотеката - Игор Старделов, филмолог-советник и раководител на Архивот, Александар Трајковски, филмолог и Тихомир Кашмицовски, филмски техничар - го надгледуваа процесот на скенирање на интернегативи во 2К-резолуција, кои беа обработени од лабораторијата „Клик филм“ во Загреб, Хрватска. Звукот исто така беше дигитално обновен и завршен е новиот 2K мастер, од кој сега се достапни DCP и други дигитални верзии за прикажување и архивирање.

На 16 јуни (среда) во 20 ч. Кинотеката на Македонија ќе го прикаже првиот македонски игран филм „Фросина“ на Воислав Нановиќ во летното кино и он-лајн.

Проектот на европските кинотеки започна со Југословенска кинотека во декември со немиот филм ГРЕШНИЦА БЕЗ ГРЕВ (Грешница без греха, 1930) на Коста Новаковиќ, потоа следуваше проектот на Филмотеката на Валенсија (Шпанија) - САНЗ И ТАЈНИТЕ НА НЕГОВАТА УМЕТНОСТ (Sanz y el secreto de su arte, 1918) на Максимилијано Тус и Франциско Санз (Maximiliano Thous & Francisco Sanz). До крајот на јуни 22 Кинотеки, члени на ACE, ќе ги претстават класичните филмски бисери од нивните (каталогот на „Сезоната на класични филмови“ можете да го симнете тука).