Растенија диносауруси

14.06.2021 01:24
Растенија диносауруси

Гинко

За разлика од својот роднина Тираносаурусот, кој бил агресивен месождер и мршојадец со огромни челусти за гризање коски, повеќето диносауруси впрочем биле тревопасни. И генерално, судбините на диносаурусите и тогашните растителни видови биле мошне поврзани: од распространетоста на растенијата и нивниот број зависело дали диносаурусите ќе гладуваат или ќе живеат во изобилство. Токму заради таа причина, бидејќи растенијата еволуирале во мезозоикот, многу видови диносауруси во тој период исчезнале, а се појавиле други.

Во мезозоикот, кој траел во периодот од пред околу 250 милиони години до пред околу 65 милиони години, растенијата главно изгледале многу поинаку од денес: помалку од нив цветале и не биле толку разновидни како денес. Меѓу подоминантните растенија биле и четинарите чии неколку видови познаваме и денес - борови, секвои, тиси, араукасии, чемпреси. Тие ја сочинувале основата на исхраната на диносаурусите вегетаријанци.

Едно од познатите растенија диносауруси е гинкото, мошне старо па и ретко дрво, иако и денес може да се види на некои места. За него се вели дека е „жив фосил“ - тоа е растение кое нема живи роднини. Разновидните остатоци од гинкото кои се пронајдени сугерираат дека ова листопадно голосемено растение е настанато во мезозоикот и било мошне распространето. Денес во Азија се смета за свето дрво и се одгледува во двориштата на палатите, а како диво растение расте единствено на југоистокот од Кина, во планинските подрачја. Во Европа и Америка се одгледува во паркови каде привлекува големо внимание со својот необичен изглед: тоа е листопадно дрво високо околу четириесетина метри, со пирамидална крошна и листови со мошне специфичен облик. Листовите се триаголни со засеци на врвот, а на женските растенија во пазувите на листовите се образуваат мали семени никулци. Но бидејќи семето мириса мошне непријатно, во парковите вообичаено се садат машки растенија.

За живите фосили пишувал и Чарлс Дарвин во книгата „За потеклото на видовите“, каде наведува дека постојат видови кои се поврзани со некои одамна изумрени растенија. Тие опстојале до ден денешен и тој ги нарекол живи фосили. Генерално, тој назив се користи за означување растенија и животни кои постоеле во повеќе геолошки периоди, задржале некои од примитивните карактеристики и кои морфолошки и физиолошки наликуваат на фосили - како што се, на пример, крокодилите, кои ги надживеале диносаурусите.

Австралиски бор

Но, да им се вратиме на растенијата. Во периодот јура тие значајно се промениле, а со нив и изгледот на планетата: се создале многу растенија што цветаат. Растеле брзо, лесно им се прилагодувале на климатските и другите услови и имале живи бои, а биле одличен извор на хранливи материи за диносаурусите и другите тревопасни животни.

Кога денес би правеле градина со диносауруси кои цветаат, во неа би посадиле разни ловори, бербериси, палми... кои успеваат дури и во наша близина. Едно од највпечатливите растенија во оваа градина би била магнолијата (Magnolia grandiflora). Ова дрво, високо околу 25 метри, во 1759 година го опишал Швеѓанецот Карл Лине во „Systema Naturae“, во која за првпат на соодветен начин се класификувани сите живи суштества. Магнолијата е мошне распространета и на овие простори - ја има во паркови и приватни дворови, а препознатлива е по долгиот, темнозелен мек и сјаен лист и големите бели цветови (оттука името грандифлора) кои помалку мирисаат на лимон.

Во нашата градина со диносауруси би се нашол и австралискиот бор (Wollemia nobilis), четинар од семејството Araucariaceae, кој е еден од најстарите и најретки видови на планетата - најстарите пронајдени остатоци им припаѓале на растенија кои живееле пред околу 200 милиони години. Научниците го запознаа преку откриените фосили и сè до 1994 година се веруваше дека не постојат живи примероци. Таа година, во Австралија, во Националниот парк „Волемија“ во Нов Јужен Велс, околу 150 километри од Сиднеј, откриен е еден примерок: чуварот Дејвид Нобл, добар познавач на ботаниката, сосема случајно, во мошне непристапниот дел од паркот, здогледал дрво високо околу 30 метри кое му се чинело интересно. Со себе понел гранче очекувајќи дека некој од ботаничарите ќе знае да го идентификува видот, но набрзо открил дека овој бор (кој така се нарекува иако не е вистински бор) е сосема непознат, како и дека нема живи роднини на Земјата.

По откривањето името го добил по националниот парк во кој растел но и по Дејвид Нобл, ботаничарите почнале да го размножуваат и да разнесуваат примероци насекаде во светот. Досега е утврдено дека некои примероци успеале да преживеат и на температура и до 12 степени целзиусови под нулата, но и дека се мошне чувствителни и склони кон болести. За да се заштити ова растение, локацијата каде е пронајдено се чува во голема тајност. Од друга страна, за да може што повеќе да се размножи и распространи, австралискиот бор е промовиран како поволно новогодишно дрво на тој континент. Исто така, примероците кои растат во парковите и градините се толку вредни и важни што вообичаено се засадени во големи кафези за да се избегне можност да бидат оштетени или да се заразат.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото