„Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам

14.06.2021 11:48
„Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам

 

Извор на текстот: Дојче веле

Има малку книги во кои систематски и на анатомски начин е претставен авторитаризмот во Македонија за време на владеењето на Никола Груевски. Една од нив е „Заробена држава“ на долгогодишниот новинар и аналитичар, Манчо Митевски, издадена во 2017 година, во која тој ги детализира сите фази на она што го оквалификува како „политички организиран криминал“. Објективно, Македонија е на маргините на Европа, иако е дел од нејзиниот центар. Деценискиот спор со Грција беше една од препознатливите одредници за нашата држава (ако го исклучиме мирното заминување од СФРЈ и конфликтот од 2001 година), а потоа се најде на насловните страници на многу светски медиуми и во критичките опсервации на стручни списанија со дизнилендскиот проект „Скопје 2014“. Потсмевот за потрагата по нов национален идентитет длабоко во антиката поттикна многу странски политички истражувачи и научници да погледаат подлабоко зад гипсените фасади и да дознаат каков тоа режим се решил да примени генетски инжинеринг. И дали зад античко-барокно-неокласицистичката бркотница во центарот на Скопје во основа се крие нешто друго: етаблирање на нова олигархија која сака да ги држи сите узди на финансиските текови во свои раце преку политичката моќ.

Еден од резултатите на овие научни истражувања е книгата Фабио Матиоли „Мрачни финансии: неликвидност и авторитаризам на маргините на Европа“. Матиоли е предавач по социјална антропологија на Школата за социјални и политички науки на Универзитетот во Мелбурн. Неговиот интерес за научно проучување на груевистичките години не е поврзан само со оваа книга, тој има објавено петнаесетина научни статии за она што го нарекува „авторитаризмот во Македонија“ во различни списанија – од научни до политички. Трудот „Мрачни финансии“ (248 страници) на некој начин е врв на целото тоа негово истражување за годините на груевизмот. Книгата на Матиоли ја издаде престичниот американски универзитет Стенфорд во 2020 година.

Кит Браун од Државниот универзитет на Аризона го напиша ова за „Мрачни финансии“: „Ова е една од најпривлечните, најубедливите и најстудените анализи за местото на Северна Македонија во глобалната економија и циничната експлоатација на народот од неговата избрана влада, што сум ја прочитал во последната деценија“.

Каков збир на одлуки се финансиите

Во најавата за излегувањето на книгата самиот Матиоли напиша: „Мојата претстојна книга ‘Мрачни финансии’ опишува како финансиската експанзија влијаеше на демократијата за време на глобалната финансиска криза, фокусирајќи се на студијата за случајот на Северна Македонија“.

Универзитетот Стенфорд вака ја претстави книгата на Матиоли: „’Мрачни финансии’ нуди еден од првите етнографски извештаи за финансиската експанзија и нејзините политички влијанија во Источна Европа. Следејќи ги работниците, менаџерите и инвеститорите во македонскиот градежен сектор, Фабио Матиоли покажува како финансирањето може да ги зајакне авторитарните режими - не со тоа што парите ќе бидат достапни за секого, туку дозволувајќи ѝ на мала група олигарси да го монополизираат пристапот до меѓународниот кредит и да промовираат каскада од експлоатациски односи со внатрешниот долг.

Пејзажот на неуспешни зделки и неостварливи соништа, кој е претставен во оваа книга, ги прикажува финансиите не како единствен, технички процес. Наместо тоа, Матиоли тврди дека финансиите се збир на политички и економски односи што ги заплеткуваат граѓаните, еврократите и работниците во напнати парадокси. Матиоли го следи потеклото на неликвидноста во реорганизацијата на европскиот проект и постсоцијалистичката перверзија на социјалистичките финансиски практики - опасна мешавина што ја криеше слабоста на македонскиот режим зад фасадата на урбано обновување и, за една деценија, го правеше секаде присутен и непобедив. ‘Мрачни финансии’ опишуваат како по еден лош договор авторитарниот режим на Македонија се возеше на бранот на финансиска експанзија што го продлабочи неговиот пристап во македонското општество, за да открие дека неговата доминација, како и сите шпекулативни меурчиња, се тетеравеше на работ на колапс“.

Како го опишува Фабио Матиоли авторитарниот режим на Груевски и како се градеше неговата мрежа на влијание и како преку финансиите се претвори во илиберална демократија?

Книгата е поделена на шест поглавја: Магијата на градењето, Периферно финансирање, Принуден кредит и компензација, Неликвидни времиња, Шпекулативна мажественост, Финансиите и пиратската држава.

Матиоли пишува дека авторитарниот систем на Груевски бил „директно поврзан со форми на финансиска експанзија на периферијата на Европа“. И дека Груевски беше во можност да ги задоволи и очекувањата за профит на глобалните финансиски играчи и желбата за признание од македонските граѓани - барем за некое време.

Обилната меѓународна ликвидност на располагање за владата и домашниот недостиг на пари им овозможија на деловните субјекти да ѝ дозволат на македонската влада „да ја монополизира понудата на пари и да присили нелиберална политика врз деловните субјекти и физичките лица“. Потоа финансиите се испреплетоа со политиката.

Во центарот на сѐ е „Скопје 2014“

Матиоли елаборира дека централниот столб на нелибералната економска архитектура на Груевски беше мега-проектот „Скопје 2014“ и мрежата за јавни набавки зад него. Иако тој јавно беше наменет за кокетирање со античкото наследство, градењето на нови идентитет и политички симбол за развој, Матиоли пишува дека вистинската цел на проектот беше да ги поврзе олигарсите со Груевски. За урбаната средна класа, градбите во центарот на Скопје беа непријатни и навредливи, но за работничката класа тоа значеше нови работни места.

Во книгата се наведува дека најважниот сојузник на Груевски е Сашо Мијалков и се осврнува на улогата на неговиот татко како претставник во странство на голема компанија. Јордан Мијалков е само еден од примерите, вели Матиоли (без оглед што почина рано) кои со дубиозни финансиски постапки на преминот од еден систем во друг успеаја во постоцијалистичкото време да го трасираат патот кон подоцнежните илиберални финансиски практики. Матиоли нагласува дека по големиот бран на приватизацијата во 1990-тите години Груевски уште како министер за финансии во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ почнува да ја гради алтернативната олигархиска мрежа наспроти онаа на СДСМ.

Средбата на европските неолиберални финансии и македонскиот илиберализам е најдиректниот политички контекст на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Во книгата пишува дека Груевски не можеше да ја воспостави својата илиберална мрежа без поддршка од меѓународната финансиска заедница. Матиоли вели дека дека во 2006 година „Груевски беше избран како проевропски неолиберал од страна на руралните и работнички националистички гласачи“.

Наведувајќи ја зделката со „Визер“, нискобуџетната унгарска авиокомпанија, Матиоли пишува дека од Унгарија требало да пристигне и МОЛ, големата нафтена компанија, и да го монополизира пазарот во Македонија, но тоа не се случи. Но затоа дојдоа унгарските пари за медиумите. Илибералните финансиски мрежи на Македонија и Унгарија се преклопија, вели Матиоли.

Пред светската финансиска криза, меѓународните инвеститори покажаа мал интерес за Македонија. Сепак, неолибералната кампања за брендирање на Груевски на крајот го привлече вниманието на меѓународните инвеститори под притисок на кризата. Во исто време, приватните банки останаа претпазливи и не сакаа да даваат заеми на компании и домаќинства, претпочитајќи стабилни приноси на државните обврзници. Како резултат, помеѓу 2007 и 2015 година јавниот долг на северна Македонија се зголеми од 20% на БДП на 46%.

Опишувајќи го проектот на владата на Груевски „Инвестирај во Македонија“ и меѓународната маркетинг кампања Матиоли објаснува дека тој со тоа ја идентификувал Македонија како дестинација за евтина работна сила за странски инвеститори.

Објаснувајќи ја улогата на компензацијата Матиоли вели дека во тие години таа еволуирала од едноставна алатка за управување со ликвидност до средство за финансиска репресија, т.е присилно позајмување. „Тоа првично беше искористено за креативно надминување на ликвидносните проблеми, но постепено се трансформираше во принуден заем, кој системот на Груевски го искористи за да извлече дополнителна добивка“.

Политичкиот еконимист Габор Ширинг вели дека Фабио Матиоли напиша книга богата со научени лекции, мапирајќи ги мрежите што ја одржуваа моќта на Никола Груевски и живите искуства од „авторитарната финансизација“, обезбедувајќи нов увид во политичката економија на Македонија и Европа. Книгата комбинира етнографски и речиси поетски чувствителности, давајќи богат опис на економските, урбаните и социјалните предели. Покрај умно извршената етнографија, „Мрачни финансии“ е импресивна студија на случај на криминал, политичка драма и политички трилер. Се препорачува не само за оние кои сакаат да го разберат системот на Груевски, туку и за сите заинтересирани за илиберални финансии.

Слики: Свирачиња