Климатските промени и производството на храна

16.06.2021 00:53
Климатските промени и производството на храна

Ерупцијата на вулканот Скафтарелдар, која се случила во 1783 година, е најфаталната ерупција во пишаната историја на Исланд. Како последица на ерупцијата умрела една четвртина од популацијата. Мал број луѓе погинале во потоците со лава, повеќето настрадале од посредни ефекти на ерупцијата. Освен катастрофалните последици за Исланд, оваа вулканска ерупција ослободила огромна количина пепел во атмосферата. Една мала вулканска ерупција во 2010 година беше доволна за да запре авионскиот сообраќај над Европа на неколку недели. Ерупцијата од 1783 година била значително посилна, со фини честички вулкански пепел го прекрила небото ширум Европа и донела мало заладување, кое траело десетици години. Намалената сончевост и наглиот пад на температурите над европскиот континент влијаеле на падот на приносите на земјоделските култури. Најголем дел од населението, кметовите земјоделци кои и пред тоа биле во тешка економска ситуација, гладувале и умирале. Десетина години после ерупцијата на вулканот на Исланд, заради разни општествени околности, а меѓу другото и заради недостатокот на храна кој е предизвикан од мини климатските промени, избива Француската револуција. Ова е само еден од бројните примери како во текот на историјата промените на климата влијаеле на производството на храна, а со тоа биле и акцелератор на важни општествени настани.

Земјоделството е гранка на економијата која е најчувствителна на промената на климата. Земјоделското производство е директно поврзано со климатските услови, па малите варијации на температурата или влажноста можат да доведат до драстично намалување на приносите. Како што климатските промени влијаат на земјоделството, така и денешното модерно индустриско земјоделство значително придонесува за глобалното затоплување, ослободувајќи големи количини гасови со ефект на стаклена градина. Сточарството, а особено производството на говедско месо, е голем емитер на овие гасови. Исто така, палењето и сечењето шуми, претворањето на ливадите во обработливи површини, употребата на вештачко ѓубриво и пестициди, палењето на остатоците од нивите, како и употребата на земјоделска механизација имаат голем удел во емисијата на гасови со ефект на стаклена градина. Индустриските фарми се особено големи емитери.

За разлика од луѓето и животните, кои имаат можност за побрза адаптација и миграции заради промената на климата, кај растенијата таквата реакција е мошне бавна. Растенијата бавно се адаптираат на промените на климата и кога овие промени се случуваат со брзина со која се случуваат денес, растенијата се оставени на милост и немилост на силите на природата. Иако имаат можност за миграција, таквата миграција е толку бавна што за луѓето е речиси невидлива. Дополнителен проблем се јавува кога заради промената на климата се појавуваат нови инвазивни видови кои, без природните непријатели во опкружувањето, се во состојба да уништат големи полиња посеви со монокултури, кои се простираат од Канада до Австралија.

Растот на човечката популација навидум бара постојан раст на земјоделското производство, за да се прехрани растечкото население на глобално ниво. Досега потребата за нови обработливи површини се решаваше со сечење шуми, особено шумите во тропските предели чиј биодиверзитет е најбогат. За тропските Амазонски шуми 2019 година беше особено погубна, кога заради климатските промени и намалената регулација која ја донесе владата на претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, дојде до огромни пожари. Тоа дополнително придонесе за климатски промени, зашто огромни површини шуми изгореа и беа пресечени, а истите служат како природни регулатори на количината на јаглерод диоксид во атмосферата. Кога се во прашање климатските промени важи правилото дека се што ќе се земе потоа се наплаќа повеќекратно поскапо. Ефектите од климатските промени можат да се согледаат во намалената количина врнежи и секоја година илјадници хектари обработливо земјиште се претвораат во пустини кои се шират постојано. Заради климатските промени дојде до големи промени во режимот на врнежите и додека количината вкупно наврната вода останува иста, сè почесто се појавуваат долги сушни периоди или силни поплавни бранови. Ваквите промени на режимот на врнежите веќе влијаеја на намалувањето на приносите по хектар во одредени делови од светот.

Како и самиот капитализам, климатските промени немаат еднакво влијание на сите: слабите и сиромашните трпат најмногу, додека богатите на почетокот можат дури и да профитираат. Најизложени на ефектите од климатските промени се земјите од Глобалниот југ, кои заради својата географска положба веќе ги сносат последиците, а уште повеќе заради недостатокот на пари за мерки за адаптација на климатските промени. Во Европа на удар е земјоделството во јужните и источните земји, кои се дополнително ослабени од наметнатите мерки за штедење. Грчкото земјоделство бележи намалување на приносите последниве неколку години, а на удар е и земјоделството во Шпанија, Португалија, Италија и другите медитерански источноевропски земји. Од друга страна, финското земјоделство заради затоплувањето бележи значителни придобивки, а слична е ситуацијата и во останатите богати држави од Глобалниот север.

Природните непогоди, а впрочем општествени катастрофи, немаат врска со некакви виши сили, туку можат да се предвидат и може барем да се влијае на нивно ублажување.

Како решение за променетите климатски услови и сè поранливото земјоделство често се нудат генетски модификувани семиња. Овие семиња би требало да бидат способни да преживеат значително посурови климатски услови и да пружат квалитетен плод. Со употребата на лиценцирани ГМО семиња земјоделците го губат суверенитетот над семињата и се принудени секоја година да купуваат ГМО семиња од неколку големи корпорации кои имаат монопол над ГМО производите. Употребата на вакви семиња доведува до намалување на биодиверзитетот и се создаваат полиња со монокултури, за кои напоменавме дека се изразено ранливи на инвазивните видови. Покрај тоа, безбедноста на ГМО производите сè уште не е целосно докажана и во некои земји нивното производство и дистрибуцијата сè уште се забранети.

Во контекст на климатските промени кои се случуваат, наместо да се потпираме на контроверзните генетски модификувани култури и корпорациите, освен субвенции за наводнување и слично, потребно е итно ажурирање на планирањето во земјоделството, зашто уште денес многу ратари забележуваат дека видовите кои успевале во одредени подрачја сега бараат релокација на поголема надморска височина, посеверна експозиција, посвежо земјиште... Ова се некои од можните начини барем малку да се поправи квалитетот на животот на селското население и да се спаси прехранбениот суверенитет и да се спротивставиме на ГМО индустријата.

Без оглед на напредокот и технолошките иновации воведени во земјоделското производство, временските прилики остануваат најзначаен фактор во производството на храна. Факт е дека глобалното затоплување влијае на земјоделските приноси и тие ефекти се видливи уште сега. Во земјите кои голем дел од својата економија ја темелат на земјоделски производи климатските промени се реалност и нивното влијание на земјоделското производство се согледува во загубите храна среде суши, поплави и други екстремни временски услови. Затоа е неопходно што побрзо да се почне со мерки за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, но и со адаптација на климатските промени.

Сирија помеѓу 2006 и 2010 година ја погодија рекордни суши. Падот на земјоделското производство натера многу селани да мигрираат и да ја побараат среќата во градовите. Комбинацијата од порастот на урбаното население, сиромаштијата, лошото управување и другите фактори влијаеше на избивањето на бунтот во 2011 година. Тој подоцна се претвори во крвава граѓанска војна во која учествуваа многу замешани страни и кој од Сирија направи уште поголема пустина. Сириските граѓани платија крвава цена за климатските промени, за кои речиси нималку не беа заслужни.

Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени

Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) на 8 август 2019 година објави посебен извештај на 1 200 страници, со наслов „Климатските промени и земјата“, кој претставува детално резиме на моменталните научни сознанија за сложените односи помеѓу климатските промени, дезертификацијата, деградацијата на земјиштето, одржливото управување со земјиштето, безбедноста на храната и гасовите со ефект на стаклена градина во екосистемите на земјата (ИПЦЦ, 2019). Основниот тим кој работеше на овој извештај сочинуваше 107 експерти од 52 земји, а помош им пружија повеќе од илјада научни соработници.

Сеопфатен заклучок на извештајот е дека земјиштето стана исклучително редок ресурс. Тоа ни е потребно за сè, а поголемиот дел веќе го користиме. Повеќе од 70 проценти од копнениот дел на планетата без мраз веќе се обликувани од човечките активности. Бидејќи дрвјата се сечат а фармите заземаат сè поголем простор од ова земјиште со кое управува човекот, годишно се емитуваат околу 5 гигатони гасови со ефект на стаклена градина. Ова е една четвртина од глобалната емисија на гасови со ефект на стаклена градина, вклучувајќи и 13 проценти јаглерод диоксид и 44 проценти реактивен метан со краток животен век. Преостанатите 30 проценти од копнената површина, со која управува природата, вдишува 11 гигатони гасови од стаклената градина.

За разлика од глобалната температура која од прединдустрискиот период се зголеми за околу 0,87 степени, температурата на земјиштето порасна за повеќе од 1,5 степени, бидејќи земјиштето генерално двојно побрзо се загрева од планетата. Глобалниот пораст на температурата доведува до чести суши, ерозија на тлото и пожари и ги намалува приносите во тропите и придонесува за одмрзнување на пермафростот во близина на половите. Порастот на температурите предизвикува ширење на пустините, особено во Азија и Африка, а Америка и Медитеранот се во опасност, се тврди во извештајот.

Еден од најважните заклучоци од извештајот е дека тлото, од кое целосно зависи човештвото, губи повеќе од 100 пати побрзо отколку што се формира во ораниците и исчезнува 10 до 20 пати побрзо, дури и на полиња кои не се обработени. Загревањето на воздухот го зголемува неговиот капацитет за прифаќање влага, секој степен при зголемување на температурата го зголемува овој капацитет за 7 проценти. Тоа значи дека потоплата клима има потенцијал за поинтензивни врнежи кои ја зголемуваат ерозивната сила на врнежите кои со самото тоа ја зголемуваат веројатноста за водена ерозија, како што пишува во извештајот.

На пример, во централна Индија дојде до тројно зголемување на екстремните врнежи во периодот од 1950 до 2015 година, што влијаеше на забрзување на процесот на деградација на земјиштето и ерозијата на тлото.

Исто така, во извештајот се напоменува дека екстремните временски прилики и промената на климата негативно влијаат на безбедноста на храната преку регионално намалување на приносите од посевите. На пример, последниве децении на глобално ниво има загуба од околу 10 проценти од производството на житарки заради екстремните временски појави. Под влијание на климатските промени во следните децении се очекува дополнително да бидат загрозени приносите со храна.

Во извештајот се нагласува и улогата која ширум светот ќе ја имаат социо-економските промени во одредувањето на иднината на планетата, со напомена дека проекциите често покажуваат дека овие промени имаат поголемо влијание на обрасците за користење на земјиштето од самите климатски промени. Штетата која се создава заради променливата клима нема да биде резултат исклучиво на порастот на температурите, туку и на начинот на кој се менуваат човечките потрошувачки обрасци, управувањето со земјиштето и зголемувањето на бројноста на населението.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jean-Francois Podevin

Извор: https://zajednicko.org/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото