Необичниот холандски сликар Тинус ван Дорн

16.06.21 10:28

Мартинус Џејкоб ван Дорн (Martinus Jacob van Doorn, 2 јуни 1905 година, Паданг - 17 мај 1940 година, Укле) бил холандски сликар и графичар, претставник на  експресионистичкиот стил.

Роден е во Индонезија, кога имал осум години, неговото семејство се преселило во Хаг, Холандија, во училиштето тој ги покажал своите уметнички способности правејќи дрворези со животни. Во 1924 година ги започнал своите студии на Кралската академија за уметност, дипломирајќи во 1928 година. Една година живеел во Огстгест, а потоа се преселил во Ротердам, каде ја запознал и се оженил со пијанистката Ени Вермелен, позната како „Акие“.

Тинус ван Дорн бил под влијание на делата на Марк Шагал и Франц Марк, експериментирајќи со формата и бојата, за кои сметал дека се примарен носач на чувствата. Негови сликарски теми биле животните, библиските сцени и селаните; подоцна сликал скитници, циркузанти и луѓе на работ на општеството. На неговите последни слики, смртта е тема која постојано се повторува.

Во 1931 година, тој добил работа како сценограф на балетот „La Boîte à Joujoux“, од Дебиси. Неговата прва голема изложба се одржала во Музејот Стеделијк во 1933 година. А бидејќи не можел да заработи стабилен приход  од неговите слики,  работел и како илустратор, неговите цртежи можат да се видат во делата на Слауерхоф, Алберт Хелман, Антун Кулен и Мартинус Нихоф и други.

Истата година, тој се преселил во Ахтерхок, близу германската граница и бил загрижен поради политичката ситуација. Тој пречуствувал дека нема да смее да слика како што сака под владеење на нацистите. Тоа го довело до депресија. Во 1938 година, кога германските трупи започнале со заканувачки маневри кон Холандија, тој се преселил во Белгија. Сепак и преселбата не му помогнала. Во 1940 година, кога германската армија го окупирала Брисел, тој и сопругата Акие извршиле самоубиство.

Извор: аrtnet

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото