Имиграцијата не го зголемува криминалитетот

17.06.2021 01:21
Имиграцијата не го зголемува криминалитетот

Врз основа на податоците собрани во текот на четири децении, истражувачите од американскиот Универзитет Бафало, дошле до резултат кој покажува дека не постои врска помеѓу зголемувањето на стапката на криминалитет и бројот имигранти во одредена средина.

Во рамки на студијата биле проучувани демографските движења во дури 200 американски градови врз основа на податоци добиени од пописите на населението во периодот 1970-2010 година. Исто така, истражувачите ги земале предвид и базите со податоци кои во истиот период ги собирало и Федералното истражно биро, ФБИ.

Како што покажуваат резултатите од студијата, не само што не е воочена врска помеѓу зголемувањето на стапката на криминалитет во заедниците во кои се зголемил бројот на имигрантите, туку било утврдено дека зачестеноста на одредени криминални дела, впрочем се намалила.

„Ние не тврдиме дека имигрантите никогаш не сториле некое кривично дело. Она што сакавме да го покажеме е дека во заедниците кои се наоѓаат во процес на демографски промени заради прилив на имигранти, не се зголемува бројот на кривични дела. Во повеќето случаи стапката на криминалитет била вообичаена или дури се јавувале и помал број извршени кривични дела“, наведува професорот Аделман.

Истражувањето на овој тим донесува мошне цврст научен доказ дека антиимигрантските политики немаат потпора во објективните факти. Според авторот на трудот, едно друго истражување кое се занимавало со изучување на бројот извршени прекршоци и апсења на тлото на САД, покажало дека странските државјани се помалку склони кон извршување кривични дела од оние кои се родени во Америка.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://elementarium.cpn.rs/