Премиера на втората епизода на регионалната емисија за книжевност Inside/Out

17.06.2021 13:07
Премиера на втората епизода на регионалната емисија за книжевност Inside/Out

Во сабота, на 19 јуни во 19:00 часот, ќе се емитува втората епизода од новата сезона на онлајн емисијата за книжевност INSIDE/OUT.

Втората епизода ќе биде во формат на критичарски кружок во чии рамки ќе се зборува за романот „Резервен живот“ од авторката Лидија Димковска. Во емисијата гостуваат критичарите Маја Абаџија и Борисав Матиќ, критичарката Наташа Лазукиќ и преведувачката Викторија Блажеска. Разговорот ќе го модерира Мања Величковска.

Во епизодата ќе се зборува за креативните и техничките аспекти од процесите на пишување книжевна критика за дадениот роман и ќе коментираат на одредени извадоци од книгата. Освен тоа, ќе се осврнат на деловите од приказната кои се однесуваат на градењето на сликата за љубовниот и пријателскиот живот кај жените со нетипичен развој, на преиспитувањето на приватното во рамки на политичкото во приказната и на можностите за пишување експериментална критика.

Линк до Фејсбук-настанот за втората епизода.

Третата сезона на Inside/Out е посветена на македонската книжевна сцена која се занимава со феминистички и квир промислувања. Сезоната ќе се емитува во текот на месеците јуни и октомври 2021 година, на Јутјуб и Фејсбук каналите на партнерските организации.

Емисијата има за цел да го разјасни креативниот процес и ја промовира книжевноста како работа која е девалвирана во нашето општество, а заслужува рамноправен третман помеѓу професиите. Inside/Out се стреми кон поврзување и јакнење на постјугословенската книжевна сцена и надминување на јазичните, културните и генерациските бариери. Активно учество во емисијата ќе земат книжевнички/ци, културологињи/зи, критичар(к)и, преведувач(к)и и активист(к)и од целиот регион, со посебно внимание кон претставување и интеграција на младите од овие полиња на културата.

Темат во фокус на оваа сезона се современите македонски феминистички и квир книжевност, култура и практики. Сезоната ја реализираат Коалиција МАРГИНИ, порталот за култура ОКНО и регионалната мрежа на книжевни критичарки Pobunjene čitateljke од Србија.

Редакцијата на третата сезона на Inside/Out ја сочинуваат: Мања Величковска, Борисав Матиќ, Фросина Крушкаровска и Наѓа Бобичиќ. 

Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.