Уметноста се сели на интернет

17.06.2021 13:21
Уметноста се сели на интернет

Достапноста на Интернет за голем број луѓе ширум светот и сè попристапните компјутери, паметни телефони и таблети со текот на годините создадоа сосема нов вид „дигитална уметност“ што живее на социјалните мрежи, форуми и онлајн заедници.

Славниот сликар Салвадор Дали често кажувал: „Не плашете се од совршенството - затоа што никогаш нема да го достигнете“. Голем број уметници ширум светот не се стремат кон совршенство, туку нивната работа и дела да бидат забележани и валоризирани од уметничката заедница, критичарите, како и од пошироката јавност. Иако повеќето уметници не ги сметаат своите колеги за „конкуренција“ (како што е случај во другите сфери на животот - бизнисот, политиката или спортот), факт е дека, всушност, нема неограничен простор во медиумите, галериите или концертните сали за секој што би сакал да ги изложува своите дела или да биде слушнат.

Сепак, последниве години, пред сè благодарение на интернетот, но и на комплетно новиот начин на работа и соработка во глобалната уметничка заедница, се случи вистинска експлозија на креативност, нови уметнички дела и нови содржини.

Дигиталниот свет го имитира оној вистинскиот

Од крајот на 70-тите и почетокот 80-тите години, со растечкотото присуство на компјутерите, прво во универзитетите и училиштата, а подоцна и во домовите, полека се дефинираше новата уметничка пракса наречена „дигитална уметност“. (дигиталната уметност порано беше нарекувана виртуелна). Оваа насока вклучува различни уметнички изрази - може да биде сликање со „дигитални бои“, цртање со пиксели на екранот (Pixel Art), сè до 3Д анимација, создавање ликови во видео игри, па дури и креирање на цели виртуелни светови. Со дигиталните алатки може да се создаваат уметнички дела кои едноставно не би можеле да се направат со употреба на традиционалните уметнички техники.

Често се вели дека „дигиталниот свет“ го имитира вистинскиот - така и во овие „виртуелни ателјеа“ има разни видови четки, мешање на бои, позадини… и во последниве години виртуелната скулптура станува сè попопуларна во софтверите како што е „Blender“.

Познатиот музеј Лувр во Париз, којшто многумина го сметаат за најзначајната уметничка колекција во светот, пред една деценија ја сфати важноста на интернетот и глобалната онлајн заедница за промоција на уметноста. Така, тие најпрво ги презентираа своите колекции на својата веб-страница, со описи и историски податоци за секој уметник, а денес е можно да се „зачекори“ во самиот музеј. Користејќи AR уреди (Augmented Reality, проширена реалност), корисниците можат да го разгледаат целиот музеј во 3Д светот, исто како физички да се наоѓаат во самиот галериски простор.

Мона Лиза одблизу и во висока резолуција

Самиот музеј е поделен на три дела - „Денон“ (Denon), „Сали“ (Sully) и „Ришелје“(Richelieu), а секој од нив има четири ката. „Денон“ е најпопуларен и во реалниот и во виртуелниот свет, бидејќи ги содржи најпознатите дела, вклучувајќи ја и Мона Лиза. Ова ремек-дело на Леонардо да Винчи може да се разгледа одблизу и со висока резолуција - нешто што не е можно во реалниот свет.

Во последната година, глобалната пандемија принуди многу светски музеи и галерии да ги сменат своите планови, но и начинот на комуникација со јавноста и посетителите. Така, скоро секој познат музеј денес нуди виртуелни тури, или на својата веб-страница или преку некои од социјалните мрежи. Интернет гигантот Гугл преку својата програма „Уметност и култура“ ви овозможува бесплатно да го посетите Националниот музеј на уметност во Сеул или Националната галерија во Вашингтон. Познатиот германски музеј Пергамон во Берлин е исто така присутен на оваа платформа.

Ако сте љубител на археологијата, Националниот музеј од Мексико нуди онлајн патување низ своите 23 изложбени простори каде се сместени некои од наретките артефакти, како и комплетна историја на некогашната цивилизација на народот на Маите.

Академската сликарка и едукаторка, Весна Маринковиќ вели дека интрнет е многу битен кога станува збор за работата на уметникот. „За мене, како едукатор, исклучително е важно да бидам во постојан контакт со моите ученици, а тоа е најлесно денес со помош на разни социјални мрежи. Работата на уметничко дело или проект вклучува постојани консултации, а апликациите како Месинџер и Вибер се клучни за мене. Јас ги користам Фејсбук и Инстаграм во презентацијата на моите уметнички дела, овие мрежи ги користат многу мои колеги уметници, како и голем број љубители на уметноста. Инстаграм ми дозволува да бидам во контакт со странски уметници, од Ирска, Соединетите американски држави, Италија… “, вели Маринковиќ.

Иако Фејсбук, Инстаграм и Твитер се секако најпопуларните и најкористените социјални мрежи, тие сепак се од „општ тип“, без посебен фокус на каква било активност на неговите корисници. Затоа со текот на годините се создадоа специјални мрежи за уметници и музичари.

„Deviant Art“ секако е најпопуларната „онлајн заедница“ наменета за уметници од различни профили. Формирана уште во 2000 – та година, оваа заедница е организирана според категории: традиционална уметност, дигитална уметност, фотографија, кратко видео и други. На оваа платформа се наоѓаат околу 330 милиони различни дела, а има над 35 милиони корисници од речиси сите држави во светот. Корисниците, слично како и на другите социјални мрежи можат да ги коментираат делата на другите уметници, а секој од корисниците има своја галерија и страница. Исто така, „Deviant Art“ поддржува и директно споделување на сликите и содржините и на другите социјални мрежи.

„Уметноста не зависи само од творецот“

„Band Lab“ е слична онлајн заедница, но е наменета за музичари и овозможува креирањеи споделување на оригинална музика. Исто така, платформата содржи и „виртуелно студио“ DAW, Digital Audio Workstation), односно софтвер за снимање и обработка на музика и звучни записи. Корисниците можат да креираат виртуелни „албуми“ така што ќе ја аплаудираат својата музика, снимена во студио или настаната на компјутер во некој софтвер. Во последните години, „Band Lab“ бележи огромен пораст на бројот на корисници, а новата музика што се наоѓа таму ја објавуваат и познати продуценти и диџеи.

Она што особено придонесува за популарноста е можноста „cross platform” – можноста да започнете креирање музика на компјутер и да продолжите на паметен телефон или таблет. Така, користејќи го „Band Lab“ може да се снимите додека свирите, н апример, гитара во парк, да го обработите аудиото и веднаш да го објавите, а подоцна да го споделите на социјалните мрежи.

Уметницата Невена Мициќ вели дека интернет и социјалните мрежи донесоа потполно нови можности. „Добрата страна на интернетот е што уметноста стигнува до многу поширок круг на луѓе. Бидејќи има поголеми шанси да ја видат, има и поголеми шанси да биде ценета. Уметноста не зависи само од творецот, туку во голема мера од начинот на кој ја гледаат, затоа публиката има важна улога. Колку повеќе луѓе ќе го видат делото, толку е поголема шансата токму тоа дело да предизвика посебна емоција или дури и инспирација, а инспирацијата е една од најубавите работи што некому можете да му ја дадете“.

Што би лајкал Пабло Пикасо?

„Промовирањето на интернети социјалните мрежи може во голема мера да ја олесни продажбата на уметничките дела. Убаво е и што имаме шанска да откриваме нови работи, кои не сме во можност да ги видиме во живо и што меѓусебно се инспирираме, пронаоѓаме и поврзуваме преку уметноста“, вели Мициќ.

Делата на најпознатите сликари - Пикасо, Рембрант, Дали, Ворхол и други се „дигитализирани“ уште од првите денови на интернет и првите веб-презентации. Се разбира, денес овие дела се достапни за секого со едноставно пребарување на Гугл, но со многу поголема резолуција и квалитет, благодарение пред се на сè на брзите интернет конекции. .

Уметноста и уметничкиот израз на човекот постои уште од првите денови на цивилизацијата - дали авторите на пештерските слики ќе ги разберат денешните компјутери? Дали Пабло Пикасо денес би ги „лајкнал“ неговите слики на Инстаграм? Дали Валентин Серов би можел да покрене виртуелна обиколка на Ермитаж? Останува фактот дека идејата и пораката на уметникот се најважни, без разлика дали се пренесува со јаглен на ѕидот, четка на платно или преку социјалните мрежи и онлајн просторот..

Слики: Beeple, NFT

Извор: balkans.aljazeera.net

 

Слични содржини

Свет / Уметност / Филм
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото