Глобалниот капитализам против даночните оази

18.06.2021 01:06
Глобалниот капитализам против даночните оази

Речиси и да нема извештај за состанокот на министрите за финансии на земјите членки на Г7, одржан неодамна во Лондон, кој не го содржи епитетот - историски. А тој епитет му се придодава на постигнатиот начелен договор за глобална даночна координација. Два клучни елементи од договорот се минимален данок од 15 проценти на корпоративната добивка и оданочување одреден дел од профитот на најголемите компании во земјите во кои е и генериран. Како што истакнаа министрите во дополнителните изјави, станува збор само за прв чекор, но чекор кој во меѓународната соработка не е забележан со децении.

Вториот чекор би требало да се случи следниот месец на состанокот на земјите членки на Г20 во Венеција, на кој преостанатите 13 земји би требало да се договорат околу условите на договорот. Ако се совлада оваа пречка, есеноска ќе следи обид за договор на ниво на 139 земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Значи, претстојат уште многу уверувања, компромиси, закани и останати стандардни облици на комуникација во дипломатијата. Без оглед на тоа што сме во иницијалната фаза и што реализацијата на договорот сè уште е неизвесна, консензуалната оценка на историската важност на договорот сепак не е претерана. Доволно е само гестот во насока на меѓународната даночна координација да се спореди со идеолошката клима од последниве децении. Привлекувањето инвеститори со пониски даноци и фамозната трка кон дното со години беа единствената игра која се сметаше за „природна“ конкуренција помеѓу државите.

Пред да им се вратиме на идеолошките реперкусии и политичките резони на постигнатиот договор, да се осврнеме малку на неговата содржина. Споменатиот минимален данок на добивка од 15 проценти не значи дека секоја држава мора да воведе толкава даночна стапка ако дотогаш таа била пониска. На пример, ако некоја мултинационална компанија со седиште во Франција своите приходи ги книжи во Ирска преку една од компаниите ќерки, таму ќе плати 5 проценти на добивката, а Франција ќе има право да го наплати остатокот до даночната стапка од 15 проценти. На тој начин се дестимулира префрлањето на книжењето на приходите во даночните оази или во ЕУ земјите со ниски даночни стапки како Ирска. За разлика од книжењето на приходите, потешко е да се префрлат седиштата на компаниите во други земји и промената на „националноста“ бара комплицирани операции како купување фирми или спојување. Техничките детали треба да се прецизираат, но не постојат непремостливи пречки за реализација на минималниот данок на добивка и негово ефикасно собирање.

Друг важен елемет е алокацијата на оданочувањето на профитите на најголемите компании во земјите во кои е генериран. На пример, ако некоја мултинационална компанија оствари одреден профит во Хрватска, дел од данокот ќе заврши во хрватскиот буџет. Овој елемент бара малку покомплицирана дополнителна разработка. Треба да се прецизира што е тоа што оваа компанија ја изложува на ваков вид оданочување и после колкава профитна маргина треба да се активира данокот. Исто така, тоа подразбира и високо ниво на транспарентност на информациите за работењето на компаниите од земја до земја. Ваквите информации до неодамна беа деловна тајна, но заради притисокот и новите регулации уште сега се располага со доволна количина знаења за воведување ваков вид оданочување. Но, потребна е понатамошна координациска и форензичка работа во таа насока.

Во интерпретациите на постигнатиот договор овие два елементи се третираат како отстапки. Данокот од 15 проценти се смета за отстапка на европските земји членки на Г7 во однос на САД, а алокацијата на данокот во согласност со локацијата на генерирање на приходот како американска отстапка во однос на Европа. Со други зборови, европските земји се откажаа од дигитален данок на американските Big Tech компании, а за возврат добија даночна алокација. Кога станува збор, пак, за внатрешната американска перспектива, потегот е во склад со инфраструктурните и другите инвестиции за кои се одлучи Џо Бајден. Овие инвестиции делумно би се финансирале и преку овие даночни приходи. За европските држави, пак, покрај некоја конкретна корист во време на пандемиски дефицити, влегувањето во договорот претставува и јасно позиционирање рамо до рамо со САД после неволјите од периодот на Доналд Трамп, но и „инспирација“ за некои слични координациски потези на ниво на ЕУ. Особено во претстојниот пост-Меркел период.

Идеолошките реперкусии се јасни: неолибералната алергија на даноци веќе не е нулта политичко ниво. Некои елементи од економското и политичкото управување повторно стануваат легитимни. Од тоа не произлегува нужно подобрување на животниот стандард за поголем дел од населението, но механизмите кои можат да послужат за таа цел веќе не се дискредитирани како такви. Размислувањето во насока на координација наместо конкуренција не претставува прв чекор во напуштање на капитализмот, ни одблизу. Станува збор само за тоа дека минатата економска криза, политичките турбуленции и пандемиските ризици ги освестија политичките елити кои сфаќаат дека одредени видови координација, повисоките даночни стапки и јавната потрошувачка се нужни елементи за стабилизација на капитализмот и барем ефикасен отпор кон Кина. Идеолошката клима дефинитивно се менува.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Tim Robinson

Извор: https://www.bilten.org/