
Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.
Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.
„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.
„На враќање“, Фросина Пармаковска, „Или Или“
Кога Ирина ми рече да заминам, јас го зедов тоа наивно, мислев да заминам додека го напишам романот и да се вратам дома. Јас, впрочем, и затоа заминав – за да отпатувам толку колку што треба, да ја напишам книгата и собран во главата и во мислите, да си се вратам дома, да си ја вратиме рутината.
Но, сепак, најголемата вистина беше дека јас воопшто не размислував јасно тогаш, не размислував никако, со последните краеви на мислата, во последните катчиња на свеста, јас си велев дека одам за со добро да се вратам, не бев на чисто што точно ми се случува. Да беше жива баба ми и да го чуеше тоа, сигурно ќе ме однесеше кај Атиџе да ми забае.
Откако си заминав, со едно ранче и чанта за лаптопот и уште некоја книга, отидов под кирија во една малечка гарсониера. Имаше моменти кога си велев самиот себеси дека е добро, да си ја завршам работата и ќе им се вратам, сѐ ќе си продолжи од таму кај што застана... од пред патувањето заради продажбата на куќата. Можеби навистина требаше да ми забаат.
Книгата, почна малку по малку да се пишува, но секое од тоа малку бараше извонредно многу време. Многу време ми требаше за да летам и за да слетам после на земјата и да поднапишам неколку реда, ама не можев да се жалам затоа што создадов и во тоа некаква, каква-таква рутина.
И тоа сѐ си беше така, го туркав токму така, сѐ до моментот кога ми пиша Сами, мојот издавач од Истанбул и побудалев од среќа. Сами пиша дека конечно сме успеале со преводот, всушност, сме успеале уште пред неколку месеци, но не ми кажувал додека не биде завршена работата. Па така, со задоволство може да ми соопшти дека книгата е пуштена во печат и дека веќе се подготвува промоцијата, во низата со уште неколкуте настани на некој мини саем за книга во Истанбул, во рамките на една недела. Бараше да му потврдам дека тој и тој датум, кој беше за дваесетина дена, ми одговара. Освен што побудалев од среќа, јас тоа го толкував како недвосмислен знак затоа што пишувајќи ја книгата која бараше да се соочам со минатото и да ги отворам сите врати што ги имав закатанчено одамна, патот ме водеше кон нејзината земја, кон градот нејзин, кон неа – тоа не можеше да биде случајност, си велев и се вивнував да летам натаму уште пред вистински да тргнам.
Во тие денови дури да тргнам, полн со нетрпеливост која ми беше разбирлива, ми се наруши и таа каква-таква рутина и сѐ помалку пишував, а сѐ повеќе со мислите патував.
Одлучив дека сакам да патувам со кола и немав никакви недоумици околу тоа. Башка, ми беше непоимливо тукутака, од оваа реалност тука, одеднаш за еден саат, колку што трае летот, да бидам исфрлен таму, во царството што заземаше голем дел од моите долги одлутувања, просто, знаев дека тоа ќе ми биде шок кој многу тешко ќе го поднесам. Од друга страна, јас сакам долги патувања кога можам со саати да гледам низ прозорецот или да патувам во патувањето со мислите побрзо од колата, сакам кога одам на некое место за каде што ми требаат долги саати додека да стигнам и тоа тогаш особено ми одговараше во таа ситуација.
„Турнеја“, Сашо Огненовски, „Бегемот“
Во автобусот, кој следниот ден тргна подоцна од вообичаеното, владееше молк. Сите беа шокирани од исчезнувањето на Димко, а Божо со Линдита и управата на театарот, на кои ова им беше втор голем шок во два дена, ги презедоа сите активности за да се пронајде актерот без кој навистина мораа да си заминат.
- Ќе се приклучи... Само нека го најдат... - прошепоти низ солзи Булдогот, додека Вуле, кој седеше до него, не можеше да најде начин како да го утеши скршениот менаџер кому оваа голема турнеја требаше да му донесе голем напредок во кариерата, но еве првите малери почнаа „уште нетргнати!“, како што просаска низ солзи. Вуле се обиде утешително да го поттупне по грбот, но Булдогот толку крвнички го погледна, што овој гледаше низ прозорецот сѐ до пристигнувањето во Истанбул. Линдита за целото време беше во контакт со Министерството за култура, т.е., со државниот секретар, градејќи стратегија како сево ова да не стигне до македонските медиуми затоа што имаше уште многу до завршувањето на турнејата и целиот тој разговор веќе чинеше едномесечна плата на вработен во истото тоа Министерство. Но, само нека се најде човекот, па не се важни парите.Така си помислуваше и таа обидувајќи се да ја смири ситуацијата за да течат работите онака како што беа планирани, намигнувајќи му оптимистички и по малку еротски на веќе залипаниот Булдог.Екипата беше скаменета, но не можеа да не коментираат за тоа што, всушност, се случи со Димко, кој за целото време се однесуваше чудно делејќи се од сите нив и чепкајќи низ телефонот.Тоа го коментираа Лавинија и Борјан, Тоци и Боци се правеа дека спијат, а Ееееј беше во добро расположение, исто како Панде, говорејќи дека Димко го прави сето тоа „за еве, нас да нѝ направи непријатности и да се направи важен“, како што тоа, всушност, еднаш ѝ го направил нејзе, а на Панде вниманието му беше во двоецот Булдог -Вуле завидувајќи дека режисерчено на рецитали и свечени пригоди многу безобразно му го зазеде полтронското седиште и по неколку реченици ја поттурна Ееееј, стана од седиштето и тргна кон предните седишта да ја сподели тагата. Секако, пиењето од плоската му ги накрена емоциите, па ете, сакаше и тој некако да ја искаже својата сочувственост намирисувајќи го попатно воздухот со ферментирано виски, на што Штрковски и Ситница ги затнаа носовите и се пикнаа еден во друг користејќи го моментот да бидат што поблиску и конечно да започнат некаква романса. И Филка не можеше да издржи да не му се јави на својот Виктор и накратко да му објасни што се случи, на што Булдогот сомничаво погледна, видно вознемирен дека „оваа може да истресе нешто што ќе нѐ посрамоти“. Потоа ѝ даде знак на Линдита да ја смири, на што оваа дискретно, со раката му одговори дека „сѐ ќе биде во ред“. Панде се приближи и Булдогот кимна со главата во знак дека, ако вака продолжи, „мав ни е планот“. Панде сакаше „да помогне“ истурајќи му сѐ што слушнал меѓу колегите, најмногу меѓу Лавинија и Борјан, кои најмалку го почитуваа токму поради неговиот талент за токсично озборување и за широко раширување на шпионажа. Возачот и стујардот не се мешаа во овие работи и сето ова за нив беше само професионална рутина, така што стујардот на одредено време стануваше и го преплашуваше Божо говорејќи за тоа колку имаат до следната дестинација, што ќе добијат патниците и на колку време, како и тоа колку има до одморот.