Парите од само две еколошки такси се користат за животната средина, другото оди во државниот буџет

19.06.2021 15:02
Парите од само две еколошки такси се користат за животната средина, другото оди во државниот буџет

Итно да се формира Фонд за животна средина и сите средства кои се собираат како еколошки такси да се трошат за проекти за заштита на животната средина, бараат граѓанските организации. Иако граѓаните и компаниите еколошки давачки плаќаат по многу различни основи, а деновиве беше најавена и уште една од 3,5 денари за литар за нафтените деривати, сепак овие средства не се наменски и не се враќаат за подбрување на состојбите во околината во која живееме и работиме. Најголемиот процент од овие пари завршува во централниот буџет за други намени. Само минатата година над 4,6 милиони евра собрани како еколошки надоместоци по десетина различни основи се слеале во државната каса. За разлика од нив, само 1,2 милиони евра завршиле на сметка на Министерството за животна средина и се искористиле за еколошки проекти.

Фондот за животна средина е долго најавувана новина, која може да ја измени оваа состојба. Сепак, и покрај долгогодишните ветувања и најави никако да биде реализирана. И во моментов, велат од Министерството за животна средина, нема најава за формирање на ваков Фонд.

„Финансии има, само не се трошат за екологија“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“ и посочува дека доколку сакаме да се приближиме до европските стандарди мора да почнеме да вложуваме во животната средина.

„Кај нас, пак, се случува сосема спротивното, што ни покажа и пандемијата на Ковид 19, кога првите пари кои беа повлечени беа тие за Охридско езеро, кога се скрати буџетот на министерството и парите за мерните станици за воздух и за други еколошки проекти. За разлика од нас, други држави свесно инвестираа токму во животна средина во овој период“, додава таа.

Чоловиќ-Лешоска посочува дека потребата од Фонд за животна средина никогаш не била поголема. Неговото формирање е поврзано со реструктуирање на самото министсрство и формирање на Агенција за животна средина, која ќе го менаџира.

„За да ги постигнеме стандардите во животната средина кои ќе овозможат благосостојба и заштита на ресурсите, земјата мора да вложува во овој сектор. Креирање на Фондот за животна средина преку системско собирање на еко-таксите на едно место, ќе го обезбеди потребниот буџет за активностите и мерките за заштита на животната средина и природата и воедно ќе наметне поголема контрола на трошењето на парите, бидејќи досегашното користење на еко-таксите беше нетранспарентно. Со фондот ќе бидеме во состојба посветено да работиме на реставрација на уништените предели и екосистеми, што е еден од главните механизми за борба со климатските промени и обезбедување одржлива иднина“, вели Чоловиќ Лешоска.

Според законите за животна средина, отпад, води и природа, на име на еколошки такси во земјава се наплатуваат надоместоци по различни основи. Најголемиот дел од нив завршуваат во централиот буџет на државата, а многу помал дел се прибира на сметката во министерството за животна средина.

За екологија се наменети надоместоците наплатени при регистрацијата на возилата и таксите од интегрираните еколошки дозволи, а минатата година, по овие два основи министерството имало прилив од речиси 75 милиони денари или околу 1,2 милиони евра. Од таму информираат дека тоа се целосно наменски средства за кои секоја година се објавува Програма за инвестирање во животна средина и врз основа на неа се спроведува конкурс за распределување на средствата за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности кои се од областа на животната средина.

„Средствата се распределуваат по однапред утврдени намени. Тоа се изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води, реализирање на проекти и активности за заштита на природата и биолошката разновидност, за подигање на јавната свест, едукација и обука во областа животна средина, поттикнување на образовни, истражувачки и развојни студии, програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина и природата и други“, велат од министерството.

Оттаму додаваат дека годинава, буџетот на министерството е 922 милиони денари, или околу 15 милиони евра, од кои 769 милиони денари или 12,5 милиони евра, се предвидени за реализација на еколошки проекти.

Од друга страна пак, во државниот буџет од еколошки такси се влеваат над 280 милиони денари или околу 4,6 милиони евра, кои не се наменски искористени за проекти за заштита на животната средина.

Минатата година од надоместокот за увоз на производи кои содржат олово, батерии и акумулатори биле собрани речиси 120 милиони денари. Нешто помалку, 113 милиони, се наплатиле за користење на води, а од глоби за еколошки и комунални прекршоци во буџетот се собрале 15 милиони денари.

За производство на енергија од фосилни горива еколошката такса платена минатат година била над 20 милиони денари, а надоместот за концесии за користење вода при производство на електрична енергија бил 11,5 милиони денари. За таксата за заштита на животната средина од пластични производи и амбалажа во буџетот влегле 2,3 милиони денари, а како надоместок за испуштање на води се наплатиле околу три милиони денари.

Извор: Мета.мк

ОкоБоли главаВицФото