Роман на годината 2020: „Името ми е Вивиен Ли“ и „Лазарка“ (14)

21.06.2021 11:24
Роман на годината 2020:„Името ми е Вивиен Ли“ и „Лазарка“ (14)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

 „Името ми е Вивиен Ли“, Горјан Петревски, „Македонска реч“

Откако малку се прибрав и се созедов, пак си помислив на Вероника и на одењето со неа во „аристократското“ Љубојно. Ќе ја потсетам на тоа. Не можев веќе да издржам и ѝ се јавив.

-Ах, Линочка, на сѐ се сеќавам.Сѐ си мислам и на госпоѓата Ева Евелина. На библиотеката и фустанот...- се разнежни. - А и на тоа кога во гробиштата нѐ преплаши дедо ти Геро. Но и на езерото со румена јаболкова боја. На сѐ што доживеавме во Љубојно... Сепак, најмногу сум опседната со загатката за цвеќето и духовите на Вивиен Ли и Кларк Гејбл...

-Пак ќе одиме, Векијо!

-Би сакала. А кога?

-Кога ќе посакаш,тогаш,Таму ќе бидеме!

-Сепак, најпроверен е податокот за фустанот на глумицата...

- ме потсети. -Но и да знаеш, измислив нешто што ќе те изненади...

- Во врска со Норвежанецот од Љубојно?

-Уште поинтересно. Ќе разговараме. Врзано е со фустанот,сфаќаш?

- Ќе сфатам кога ќе ми кажеш.

- А, сепак, и со ...Норвежанецот!
ЈЕЕЕС!!!

Таква е Вероника. Полна со секакви досетки.
Од Љубојно добивме вест, (од дедо Герасим, хроничарот на настаните во Преспа), дека пак се појавиле чупата и младичот, влегле во гробиштата и оставиле цвеќе на гробот од Ева Евелина. „Канаѓаните“ овојпат ќе да дошле од Охрид преку Галичица, во сончев, но простуден ден кога јаболката сѐ уште не биле дообрани. А и пак се чпирнале во езерото, без страв од веќе неизбежно студената вода. Ги виделе некои од берачите.(Во Преспа, во родни години, јаболката не се стигнува да се дооберат од Крстовден до Митровден и по некое, благодарно се остава на гранките за да се радува дрвото и доесен да даде уште побогат род.)

Така загатката од гробиштата во храмот „Свети Јован Богослов“ во Љубојно, стана уште поголема и, (според Вероника, се разбира), со сигурност заличува на хорор, а овие податоци треба да влезат во романот...

...веќе наголемо го пишувам со наслов „Норвежанецот од Љубојно“, (или како ќе се вика, сѐ уште не сум сигурна!?), а мислата ми тече, како да го имам занаетот во малиот прст, а, сепак, го немам, не сум дури ни аматер во оваа работа.
- Кој и да е, Даме, сполај му за цвеќето на гробот од тета
Ева...- благодарна е и мама. - Некој кој можеби ѝ е должен, а ние не знаеме...

-Можеби, Уро, а е загатливо!? - прифаќа и тате. -Госпоѓата Ева Евелина беше добротвор. Господ да не ѝ возвраќа на овој начин, со цвеќе!?

Веста ѝ ја пренесов и на Вероника.

- Ти сѐ уште не веруваш, Линочка!? Тоа се духовите на актерите Вивиен Ли и Кларк Гејбл, женска главо?! - се обидува да ме вразуми. -Во вашено Љубојно се случуваат чуда, еј!

„Ах, Љубојно, славно Љубојно!“, ми дојде да отпеам.

  „Лазарка“, Љупчо Петрески, „Арс Либрис“

Конечно сама. Конечно ништо не стои помеѓу нас.Ти ги читав писмата што ти ги напишав во библиотеката сношти.Така си всаден во мојот мозок да не можам на ништо друго да мислам. Во сѐ што ќе погледнам те гледам тебе. А животот, нема смисла без тебе. Нема на кого да пишувам писма. Последното му го напишав на Ралф.Останаа само вечно долгите денови кои никако да завршат и ноќите кои пребрзо се претвораат во зори. Сѐ што ми преостана е само да си насадам нарциси и кокичиња на гробот.Ништо не остана од тебе, само неколку книги. И колку долго да гледам низ прозорецот ќе успеам ли да ја видам твојата висока става покрај ниските борчиња, како ги поминуваш трупците, а потоа ги искачуваш оп-оп за да стигнеш на тревникот? Нема со кого да се прави discerattas, со кого да се смееш на одредени зборови. Да се дискутира колку е тешко да љубиш, да го читаш Ибзен навечер. И да играме карти кога е премногу „придушено“ за читање. Се чувствувам како да сонував, речиси несвесно, толку многу од мене беше во тебе.

Не појадував. Напишав писмо за Ралф.Толку многу му должиме. Се надевам дека ќе го добие после сето ова, после нас.Не цртав, не отидов на прошетка, всушност не направив ништо корисно ова утро, барем и да не се разбудев.Том е во градината. Ралф и Стивен се со сопругите по дома. Јас сум сама во оваа наша библиотека. И да, не ти спомнав, ја облеков твојата виолетова наметка за крај, сигурно ќе забележиш.Ти кажав, не спалив сѐ. Изгореа твоите маици, очила, ситници, моите ситни неважни нешта, но оставив нешто за крај. Ја оставив оваа наметка како прегратка во која јас и ти ќе се прегрнеме тука и во воздухот, некаде, каде било само не овде.

Знаеш, го здогледав зајачето за кое ти раскажував, сега пораснало, се надевам дека нема да се исплаши од звукот на сачмарката. Но ќе ме разбере, исто како што ја разбира потребата да биде во близина со неговите, со неговата мајка, со неговите браќа и сестри. Подготвена сум да згаснам меѓу убавината на нашата библиотека и распарталениот куршум.Во сета таа темнина слушам тапи звуци и ладна крв како извира од мене. Ги гледам Френсис и Ралф преплашени.Том е во шок, настрана гледам непознати лица. Те нема тебе. Ралф рони солзи. Напиј се чашка шери, Ралф му велам. Не грижи се, копнеев да умрам. Ралф плаче како дете.Ми треба неговата рака.Ми треба блиску до мене. Ралф, драги, не грижи се. Ќе бидам добро.Ќе бидам добро. Му шепотам на уво со последни сили. Го почувствував неговиот образ. Го бакнав.И неговите топли солзи.Тоа беше сѐ. А потоа вечност.

Наскоро и луѓето кои ги знаеја неговите тенки бледи дланки и текстурата на неговата густа сјајна коса и таа ужасна брада, и тие ќе бидат мртви и сето сеќавање на него ќе исчезне.Сум ја видела таа празнина за други, но за Литон, кој би поверувал дека и после тоа светот би бил ист.

Кон претходните делови