Србите и Албанците, како до помирување

21.06.2021 12:59
Србите и Албанците, како до помирување

 

Претпоставката врз која имплицитно почива значењето кое меѓународните и домашните власти му го придаваат на дијалогот помеѓу Белград и Приштина би можела да се опише вака: косовскиот проблем ќе биде решен кога претставниците на Србија и Косово ќе постигнат (и, најпосле, применат) сеопфатен политички договор. Сепак, иако несомнено важен, политичкиот договор може да донесе решение само за некои актуелни политички проблеми - каде меѓусебно и меѓународно е признаена границата, чиј е суверенитет над секој метар на косовската земја, чие знаме се виори пред ОН и слично, чија химна се интонира на некој меч. И со тоа, кога станува збор за политичарите, работата е готова. Од нив едвај може и толку да се очекува.

Со други зборови - ако чекаме политичкото решение да донесе помирување меѓу Србите и Албанците, никогаш нема да се помириме. Договорот ќе дојде и ќе пројде, а ќе ни останат непријателството, омразата, конфликтните наративи, дијаметрално спротивното сфаќање на балканската историја и идејата за вечниот и непомирлив конфликт помеѓу Србите и Албанците кој трае од памтивек и ќе трае до недоглед. Пред повеќе од дваесет години Гер Дујзингс во својата книга Религијата и идентитетот на Косово напиша дека „во главите на повеќето Срби и Албанци, како и набљудувачите однадвор, сега доминира сликата на длабоко вкоренет и непремостлив јаз меѓу Србите и Албанците, 'подревен' и поостар отколку поделбата во Босна“. Звучи како да е напишано вчера, а како што стојат нештата, не гледам дека ќе ја изгуби актуелноста и во наредните дваесет години.

Затоа, за помирување не е доволен, па можеби ни клучен, политички договор. За помирување е потребно нешто што ги менува работите во длабочина, што влегува во срцата и главите на луѓето и ги тера да омекнат и да почнат поинаку да гледаат едни на други. Затоа, за помирување најпрвин е потребно да раскажеме и потоа да повторуваме некои поинакви приказни од вообичаените. Тие приказни би требало да оспорат некои од клучните предрасуди кои ги негуваме едни за други, или често повторуваните лаги кои со текот на времето се воспоставија како „вистина“, од кои три се чинат особено важни.

Деконструкција на историјата

Најпрвин, би требало да се оспори идејата дека нашата меѓусебна историја првенствено се состои од бескрајни, вековни крвопролевања, масовни злосторства и етнички конфликти и омраза. Истражувајќи ги стереотипите кои со векови се создавале на Западот за „крвожедниот“, „нецивилизиран“ Балкан како различен во однос на Европа, бугарско-американската историчарка Марија Тодорова во книгата Имагинарен Балкан изнесува парадоксално тврдење: „Навистина, има нешто специфично неевропско во фактот дека Балканот никако не успева да ги досегне димензиите на европскиот колеж“.

Со други зборови, историјата не европските народи, пред сè меѓусебната историја на Германците, Французите и Англичаните, е неспоредливо покрвава и побрутална од историјата на односите на Србите и Албанците. На пример, додека цела Западна Европа беснеела во политички и граѓански војни уште од средниот век, а во религиозните војни помеѓу католиците и протестантите сè до 17 век, немаме забележан ниеден средовековен конфликт помеѓу Србите и Албанците. На пример, додека меѓу Англија и Франција траела таканаречената Стогодишна војна, која - со кратки прекини - се водела од 1337 до 1453 година, српската и албанската властела, без оглед дали под власта на Немањиќ или византиските владејачи, одржува роднински и брачни врски и не се наоѓа на спротивставените, завојувани страни. Кон средината на 15 век, албанскиот национален јунак Ѓерѓ Кастриот Скендербег во градот Леска на јадранскиот брег, склопува сојуз за борба против Турците со албанската властела од регионот, во што некои албански историчари го гледаат и првиот обид за албанско обединување. Но, никогаш, ни пред ни после тоа албанската властела не се здружувала заради заедничка колективна борба против Србите, и обратно.

Понатаму, Западна Европа има долга историја на меѓусебни верски конфликти - да речеме, само во Бартоломејската ноќ, 1572 година, француските католици брутално убиле десетици илјади свои сонародници наклонети кон реформацијата, а таканаречената Триесетгодишна војна која беснеела во Западна Европа помеѓу 1618 и 1648 година, според проценките, однела 8 милиони животи во Германија и средна Европа, итн. За тоа време, немаме ни назнака за некакви верски конфликти од пошироки размери помеѓу Србите и Албанците.

Точно е дека во дваесеттиот век имавме меѓусебни конфликти кои однесоа десетици илјади животи во балканските војни, повремени конфликти во двете светски војни, и војната на Косово 1998-1999 година, која однесе десетина илјади животи. Но само во една битка, на Сома, настрадале повеќе од милион англиски, француски и германски млади момчиња, од кои 300 000 смртно. Со други зборови, колку зло и да сме си нанеле едни на други, никогаш во историјата ни одблиску не сме се истребувале толку систематски и масовно.

Една друга приказна, или уште една нишка од оваа поинаква приказна, би требало да ја оспори идејата дека Србите и Албанците се драстично различни и радикално Поинакви. Напротив, низ историјата гледаме дека да се биде Србин воопшто не значи да не се биде Албанец, и дека истовремено може да се биде и едното и другото. Кастриоти, Балшиќи, Црноевиќи, Бранковиќи... а покрај нив секако и мноштво други за кои нема сочувани податоци, имаат мешано српско-албанско потекло. Етницитетот во средниот век бил флуиден, и особено пред ширењето на исламот мешањето на словенското и албанското население било вообичаена појава.

И покрај тоа, кога ќе ги погледнеме динарските племиња од кои потекнуваат многу денешни жители од Западен Балкан, ќе видиме дека многу од нив се „присвојуваат“, односно негуваат преданија за заеднички предци и заедничко српско-албанско потекло. Така, да речеме, најстарите црногорски историски белешки од средината на 18 век покажуваат дека тогашните Црногорци ги сметале Албанците како дел од нив, односно ги сметале за сродници. Низа подоцнежни извори го потврдуваат ова локално сведоштво.

Кон средината на 19 век, австрискиот конзул во Скадар, Јоханес Хан, од локалните Албанци забележал приказна за шест браќа од кои настанале шест племиња - Пипери, Кучи, Хоти, Бонкечи, Васоевиќи и Красниќи (од кои три се српско-црногорски, а три албански). Неколку децении потоа истата приказна, но од Црногорци, ја слушнал српскиот патеписец Спиридон Гопчевиќ. Се чини дека од крајот на 19 век и меѓу Црногорците и меѓу Албанците сè попопуларна била традицијата за петте браќа - Васо, Красо, Озро, Пипо, Хото, основоположници на племињата Васоевиќ, Красниќи, Озриниќ, Пипери и Хоти (три црногорски и две албански племиња). На ова треба да се додадат и преданијата за заедничкото српско-албанско потекло на племето Кучи, кое сè до 19 век имало етнички и религиски мешано српско-албанско население, како и бројни други црногорски и северноалбански братства.

Овие усни генеалогии впрочем ја кодификуваат блискоста која се согледува во речиси идентичниот начин на живот и погледот на светот помеѓу овие племиња без оглед на нивните јазични, религиски и етнички разлики. Кога околу 1870 година црногорскиот кнез Никола го повикал на Цетиње тогашниот правен стручњак Валтазар Богишиќ за да го состави Законикот, Богишиќ спровел истражување на правните обичаи и покажал дека во Црна Гора, Херцеговина и Албанија најмногу владејат исти обичаи, народно право и начин на живот: значењето на гостопримството, побратимството, кумството, чојството и јунаштвото се подеднакво раширени меѓу нив: во познатите Примери на чојство и јунаштво кои ги напишал познатиот кучки јунак и војвода Марко Миљанов, во третина од избраните примери за благородност и јунаштво, протагонистите се албански јунаци итн.

Нештата не се поинакви ни во поглед на епските односно јуначките песни на нашите два народи. За Крали Марко песни пееле и Србите и Албанците, фалејќи го како српски јунак, а за Милош Обилиќ како албански јунак, постои богата традиција меѓу Албанците. Таа традиција први ја забележале токму српските фолклористи, особено Веселин Чајкановиќ, кому српскиот патриотизам и учеството во балканските војни и Големата војна не му пречеле да заклучи дека „нашата епска поезија не смее да се смета исклучиво за српски продукт, како целина која настанала само кај нашиот народ“, и дека „Милош е херој кој имал свој култ и традиција меѓу Арбанасите и Србите. Значи, тој не е само српски туку и арбанашки херој“. И покрај тоа, иако српските историчари нерадо навлегуваат во таа проблематика, бидејќи Косовската битка се водела на територија на Вук Бранковиќ, кој бил во роднински врски со соседната албанска властела, веројатно на српската страна учествувала и некоја албанска властела, додека Крали Марко, бидејќи тогаш веќе бил вазал, веројатно учествувал во битката на турска страна. Со други зборови, ни Марко ни Милош не се и секогаш и само наши, како што не е ни Скендербег, чија мајка е од српски род а еден од браќата погребан во Хиландар, не е само нивен. Нашата историја не е црно-бела, не е или/или, туку повеќе е и/и, во нијанси на сива - многу јунаци, настани, простори и објекти истовремено се и српски и албански.

Србите и Албанците можат заедно да живеат во слога

Најпосле, важен дел од таа поинаква приказна за Србите и Албанците би било и оспорувањето на врежаната идеја дека Србите и Албанците не можат да живеат заедно. Впрочем, лесно би можело да се тврди токму спротивното, со оглед на тоа дека ретко кои народи толку долго и упорно живееле заедно и во исти политички творби како Србите и Албанците. По доаѓањето на Словените на Балканот, и едните и другите живеат во рамки на Византиската империја, потоа практично мнозинството од двата народи живее цели два века во Рашка под водство на Немањиќ, а потоа, повторно заедно, четири-пет (во зависност од регионот) векови во Османлиското царство. Најпосле, и во текот на дваесеттиот век, голем дел од Албанците живееја во двете Југославии, заедно со Србите и другите јужни Словени.

Скептиците кои ќе речат дека тоа било па поминало, треба да ги упатиме дека Србите и Албанците на многу места сè уште живеат заедно, само што таквите приказни ретко имаме можност да ги слушнеме.

На крајбрежјето на Бар и Улцињ, локалното население кое историски се вбројувало во Мрко(е)виќи со векови го покажува спојот на словенските и албанските говорни и културни црти, а во Улцињ, Врака и Скадар и денес има луѓе кои, во зависност од ситуацијата, наизменично - или паралелно - користат две имиња и презимиња, едно српско/црногорско а друго албанско. Понатаму, во Косовска Митровица, која ја сметаме за поделен град, раздвоен со мост, кој го чуваат вооружени странски војници, постои Бошњачка махала во која заедно и подолго време во мир живеат Срби, Албанци, Бошњаци, Турци и Горанци. Такви примери има и во Косовско Поморавскиот округ, а вниманието на медиумите последниве години го привлекоа и протестите против изградбата на мини хидроелектраната во Штрпце на кои заедно учествуваа Срби и Албанци. Очигледно, локалното население доживеа потенцијално еколошко уништување како заедничка закана и повик за заедничко дејствување.

Сè на сè, прашањето кое го надминува споменатиот политички договор би можело да се сведе и на тоа кои приказни ќе продолжиме да си ги раскажуваме едни на други. Избирајќи помеѓу трите раскажувачки нишки - дека историјата на нашите конфликти е значително поблага одошто се смета, дека ние не сме радикално Поинакви туку слични и блиски едни со други, и дека отсекогаш сме живееле заедно и дека тоа го правиме и натаму - истакнато е дека нема ништо во нашето минато и сегашност што оправдува или бара да продолжиме со приказните за вековната омраза, непријателство и конфликти, од кои само следува уште омраза, конфликти и крвопролевања.

Се чини дека премногу често сме склони да признаеме дека национализмот, што и да мислиме за него, едноставно има добра приказна - сите ние сме една нација, поврзани со јазикот, тлото, крвта на предците итн., славното минато и јунаштвото и постојано заедно страдаме во праведната борба да живееме обединети во српската/албанската нација во сопствената држава. Поинаквите приказни за еден бурен, повремено напнат но суштински заеднички живот, кои повикуваат на помирување и носат пораки за соработка и пријателство, а доаѓаат од длабочината на нашето заедничко историско, културно, па и политичко искуство, и тоа како се вредни за раскажување.

Александар Павловиќ е научен соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија од Белград и автор на книгата Имагинарниот Албанец. Симболиката на Косово и фигурата на Албанците во српската култура.

Слики: Паја Јовановиќ (1859-1957)

Превод: Алек Кузмановски

Слични содржини

Балкан / Спорт / Теорија
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото