Балканот и бегалските приказни

21.06.2021 15:01
Балканот и бегалските приказни

 

Извор за текстот: Дојче веле

Ние, неколкуте југословенски генерации родени по војната, долго верувавме дека се разликуваме од нашите родители пред се‘ по тоа што за војната знаевме само од историските читанки и од партизанските филмови. Додека нашите баби и дедовци паметеа неколку војни во својот животен век, ние бевме уверени дека во модерното време во кое живеевме војните повеќе не се возможни. Иако знаевме дека повоеното време сепак беше време на долгата „Студена војна“ помеѓу Истокот и Западот, убедени бевме дека модерната наука и образование од сите нас во Југославија направија длабоко мирољубиви луѓе. Впрочем, Југославија беше еден од водачите на „Движењето на неврзаните земји”. Секако, сите како деца игравме „војна на партизани и Германци“, меѓутоа, мислевме дека тоа е исто како „Индијанци против Американци”. Ги знаевме напамет партизанските филмови, кои се повторуваа ритуално за секој државен празник, како и „каубојските“ филмови со Џон Вејн и Гари Купер. Затоа бевме уверени и дека сме Запад, а не Исток. Не веруваме дека и ние ќе доживееме војна, иако на студиите уште во првата година имавме предмет ОНО, во кој учевме за модерните теории на војните. А еднаш во годината имаше задолжителна проба на нашата подготвеност за одбрана на земјата од непознат или од познат непријател. Сепак, во тоа време никој од нас не веруваше дека има уште луѓе кои би посакале војните од филмските екрани и од учебниците по ОНО да станат реалност. Како што ни на сон не помислувавме дека една држава може да се распадне.

Меѓутоа, нашите баби и дедовци поседуваа друга мудрост, различна од нашата социјалистичка верба во прогрес. Таа мудрост беше онаа на паталците балкански. Тие го носеа во себе стравот од војните и бегалствата. Тоа ми стана јасно при првата катастрофа во моето детство, земјотресот во јули 1963-тата. Додека ние децата избезумени се прашувавме што може толку силно да ја тресе земјата, за да се уриваат ѕидовите и покривите, татко ми извика: „Да не почнал трети светски рат?“ Иако беше дошол во Југославија како момче, татко ми во својот егејски говор секогаш имаше не само скопски, туку и српски фрази. Тој обожаваше филмови, особено такви за Втората светска војна. Затоа за него беше сосем реално по втората да има и трета светска војна. Првата ноќ на 26-ти јули ја поминавме на отворено, спиејќи во дворот, а над нашите глави прелетуваа авионите што носеа помош за настраданите. Прабаба ни Софка имаше последен пат слушнато бучава на толкав број авиони само во август 1948-тата, кога во Граѓанската војна во Грција беше бомбардирано селото Бапчор. Затоа таа извика: „Аероплани! Ама каде да бегаме сега?“ Додека ние децата се исчудувавме на нејзиното прашање, за неа стравот беше реален. Тој беше нејзината бегалска траума.

Како и за татко ми, така и за неа војната беше присутна и во мирот, за кој ние, децата, верувавме дека ќе трае вечно. Затоа што верувавме дека живееме во Југославија, а не на Балканот. Тој за нас тогаш беше само збор од историските читанки. Затоа не ги познававме и сите негови грди лица, кои ги познаваа нашите предци. Иако во нашето секојдневие постојано се среќававме со сведоците и со трагите од војните - бегалските приказни. Балканската историја на војните и бегалствата ја препознаваме и во необичните имиња на луѓето во нашето македонско секојдневие. На пример, во ерменското име на лекарот во амбулантата или во руското име на старата сосетка на мојата школска другарка во населбата Ченто. Со неа зборував руски, а таа ми раскажуваше дека била последната од фамилијата на руски бегалци, кои дошле во Македонија бегајќи од Октомвриската револуција. Тие луѓе за мене беа лицето на Балканот кое ја брануваше мојата фантазија. Затоа што секој од нив криеше во себе една драматична бегалска приказна. Секако, и самата бев родена во бегалско семејство! Си замислував колку многу тие луѓе, дојдени од една за мене непозната земја и култура, ја збогатиле Македонија со своето искуство и знаење. На тоа мислев и како студентка, секогаш кога во аулата ќе го здогледав професорот Владимир Мошин. Прочуениот историчар, богослов и православен свештеник, Русинот, роден 1894-тата во Санкт Петербург, пребегал по Октомвриската револуција во Кралството СХС и работел на повеќе универзитети. Тој е еден од професорите кои учествуваа во основањето на универзитетот во Скопје, каде што почина 1987-та.

„Temporary Detention Center“, Adrian Paci

Размислувајќи за трагичен лик на денешниот Балкан, помислувам дека можеби помирувањето помеѓу балканските народи би било побрзо кога во историските читанки децата повеќе нема да читаат текстови за славни царства и за моќни војсководачи, за херои и воини, за освојувања и победи, туку за бегалските приказни на балканските народи. Кога историјата не би ја раскажувале победниците, туку повредените и ранетите, трауматизираните бегалци. Тие се единствените што го виделе одблизу грдото лице на сите освојувачки војни. Тие се оние кои уште паметат дека балканските, но и сите граници на националните држави се исцртани со човечка крв.

Бегалците со своето постоење меѓу „тукашните”, меѓу некогаш за нив туѓите сограѓани, го разобличуваат сонот за чистите национални држави. Вистински интересни и творечки се само оние култури и земји кои се способни да ги интегрираат сите оние кои кај нив побарале засолниште од војните, неволјите и катастрофите. Чистите национални држави не го ослободуваат умот и фантазијата, креативната енергија и способноста за емпатија, способноста за обединување на различните култури во едно општество. Македонија отсекогаш интегрирала во себе многу култури. Тоа е најдрагоценото наследство од историјата на географскиот регион Македонија. Последните рецидиви на грдата националистичка балканска политика, која уште сонува за „големи држави на чисти нации”, која не сака да ги дели хероите со друг народ, се токму блокадите и ветата. Кога еден ден целиот географски регион Македонија би станал дел од ЕУ, тогаш комуникацијата помеѓу народите кои живеат во тој регион има шанса да стане многу интензивна. Тоа може да ги релативира еден ден и границите на националните држави на Балканот. Тогаш Македонците од Егејска, Пиринска и Вардарска Македонија би имале непречена комуникација. Можеби токму тоа се обидуваат да го спречат анахроните националистички политики на блокада на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Затоа е толку значајно да се запишуваат, да се читаат и да се учат балканските бегалски приказни. За да почнат да се воспитуваат нови генерации, кои големината на својот народ нема да ја гледаат во неговата затвореност во себе, туку во неговата отвореност за различното. Само педагогијата која нè учи од деца на емпатија и сочувство со туѓото страдање, но и на почит кон различноста на другите, дава надеж дека еден ден и Балканот може да стане регион на мирот и толеранцијата.

Francis Alÿs од изложбата A Story Of Deception, 2011

Насловна слика: Francis Alÿs