Презентација на работилницата „Гласот на телото“ во КСП Центар-Јадро

22.06.2021 11:09
Презентација на работилницата „Гласот на телото“ во КСП Центар-Јадро

Во вторник (22 јуни) со почеток од 18 часот, во КСП Центар-Јадро започнува финалната презентација на работилницата „Гласот на телото“, во рамки на која учесниците во работилницата за изведувачки уметности го претставуваат процесот на работа реализиран во претходните седум дена, под водство на Искра Шукарова (МК) и Питер Шишиоли (САД). Од КСП Центар-Јадро, учесниците и менторите ќе ја поведат публиката на следната локација, во градскиот парк, каде што ќе ја заокружат презентацијата. По презентацијата ќе следи разговор со учесниците во работилницата, во КСП Центар-Јадро.

„Гласот на телото", седумдневната работилница за изведувачки уметности се фокусираше на движење, глас и тело низ различни уметнички медиуми, под водство на танчерката, кореограф и професор Искра Шукарова и Питер Шишиоли, интердисциплинарен изведувач, креатор, едукатор и продуцент од Бруклин. Како дел од тековниот дијалог што го имаат од 2013 година, Шукарова и Шишиоли ги споделуваат своите пристапи кон „времето како квалитет“ и „гласот како движење“ преку секојдневна пракса на физичко и вокално загревање, вежби за проширување на перцепцијата и експресивниот опсег на учесниците, како и алатките за создавање материјал преку интердисциплинарен пристап.

Работилницата вклучи 15 учесници од полето на танцот, театарот, психологијата, педагогијата и други дисициплини, кои се впуштат во овие уметнички истражувања на отелотворен начин.