Познатиот хрватски уметник Игор Грубиќ гостува во Скопје

22.06.2021 10:36
Познатиот хрватски уметник Игор Грубиќ гостува во Скопје

Во среда, 23 јуни, од 21 часот, КСП Центар - Јадро организира средба со познатиот хрватски уметник, Игор Грубиќ. Видео проекцијата и дискусијата со  Грубиќ во разговор со кураторката Јованка Попова ќе се одржи во Музејот на современа уметност.

Избраните видео дела што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката пракса на Грубиќ, односно на значајни историски настани, маргинализираните групи и невидливите херои. Видео делата на Грубиќ се карактеризираат со афективен и емпатичен пристап, кој е длабоко хуман и честопати поетски.

Игор Грубиќ, е роден 1969 година во Загреб и е еден од најистакнатите и меѓународно признати хрватски уметници. Неговата уметничка пракса вклучува специфични интервенции во јавниот простор, фотографија и видео. Од 2000 година, тој исто така работи и како продуцент и автор на документарни филмови, ТВ прилози и социјално ангажирани реклами. На 58-то Биенале во Венеција во 2019 година, тој ја претставуваше Хрватска со проектот „Траги на исчезнување (во три чина) “и краткиот, експериментално документарен / анимиран филм „Како се калеше челикот“, со кој освоил повеќе награди, вклучувајќи ги и: специјалната награда на меѓународниот фестивал за анимација Анилог и Анимафест; како и награда за најдобар професионален филм на „АСИФА-Хрватска“ (2018).
Игор Грубиќ

Интервенциите на Грубиќ во јавниот простор, како и видео-делата, ги истражуваат политичките ситуации од минатото и сегашноста, притоа пробивајќи го ткивото на реалноста. Критичката, социо-политички посветена практика на Грубиќ се карактеризира со долгорочен ангажман и посветеност на темите што тој ги обработува. Од длабинско истражување на судбината на историските споменици и падот на индустријата до испитување на проблемите на малцинските заедници.

Грубиќ учествувал на бројни меѓународни изложби, меѓу кои и: Биеналето во Тирана (2003); Манифеста 4 (Франкфурт, 2002); Манифеста 9 (Генк, 2012); 50-ти Октомвриски салон (Белград, 2009); Reality Check, MuMOK (Виена, 2009); 11-то Истанбулско биенале (2009); 4. фестивал на фотографии во Манхајм Лудвигсхафен, Хајделберг (2011); East Side Stories, Palais de Tokyo (Париз, 2012); Биенале Гвангжу (2014); Нулта толеранција, MOMA PS1 (Њујорк 2014); Степени на слободата, МАМбо (Болоња, 2015); 5-то Солунско биенале (2015); Cut, МСУ (Загреб, 2018); Небесни суштества, МГ + МСУМ (Љубљана, 2018); Вредности на слободата, Белведере 21 (Виена, 2018), 58. Биенале во Венеција (2019), Биенале во Ереван (2020). Неговите дела се дел од колекциите на: Тејт Модерн, Музеј на современа уметност во Белград и Загреб, Музеј Штуки, колекциите Кадист и Контакт, уметничката колекција на Телеком, Октомврискиот салон во Блград и др.

Јованка Попова е куратор во Музејот на современата уметност и куратор и програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Претседател е на AICA Македонија. 

Програмата „Видео уметници од Македонија и регионот“ се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада

ОкоБоли главаВицФото