Пред нас е деценија за обнова на природните екосистеми

23.06.2021 00:13
Пред нас е деценија за обнова на природните екосистеми

„Забрзано ја доведуваме планетата до точка од која нема враќање. Се соочуваме со три ургентни еколошки проблеми: губење на биодиверзитетот, климатски промени и ескалирачко загадување. Го пустошиме истиот оној екосистем кој го одржува нашето општество и правејќи го тоа ризикуваме да си ја одземеме храната, водата и ресурсите кои ни се неопходни за да преживееме. Уништувањето на природата уште сега ја загрозува благосостојбата на 3,2 милијарди луѓе, односно 40 проценти од светската популација“, вака неодамна го започна своето обраќање генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на виртуелната свеченост по повод официјалниот почеток на Деценијата за обнова на екосистемите на ОН, вечерта пред Светскиот ден за заштита на животната средина.

Деценијата за обнова на екосистемите ја предводат Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Деценијата се однесува на периодот помеѓу 2021 и 2030 година, што воедно е и рокот за постигнување на Целите за одржлив развој, но и временски интервал кој научниците го идентификуваа како клучен за спречување на катастрофалните климатски промени.

Откако 71 земја го поддржа предлогот на Ел Салвадор овие десет години да бидат прогласени за Деценија за обнова на екосистемите, во која ширум светот би се вложувале напори во обнова на уништуваните екосистеми, Генералното собрание на Обединетите нации тоа и го направи со резолуцијата од 1 март 2019 година.

На овогодинешното одбележување на Светскиот ден за заштита на животната средина, чија главна порака се состои во слоганот „Reimagine. Recreate. Restore“, Деценијата официјално ја започна Антонио Гутереш, кој своето излагање го заврши со позитивна порака:

„За среќа, Земјата е издржлива, но потребна ѝ е нашата помош. Сè уште имаме време да ја поништиме штетата што ја направивме. Ова глобално движење (Деценијата за обнова на екосистемите) ќе ги зближи владите, бизнисите и цивилното општество во досега невиден подвиг за лекување на Земјата. Со оживувањето на екосистемите можеме да покренеме трансформација која ќе придонесе за достигнување на сите Цели за одржлив развој. Мораме повторно да ги пошумиме и да ги сочуваме нашите шуми, мораме да ги исчистиме нашите реки и мораме да ги озелениме нашите градови. Остварувањето на овие цели нема само да ги заштити ресурсите на нашата планета, туку и ќе создаде милиони нови работни места до 2030 година, кои ќе носат приход од над 7 илјади милијарди долари секоја година и ќе помогнат за искоренување на сиромаштијата и гладта“.

Зошто обновата на екосистемите е толку важна?

Добивката која ја носи обновата на екосистемите е повеќекратна за целиот жив свет, подразбирајќи го и човекот кој мора да го поправи она што го нарушил. Реставрацијата на екосистемите е препознаена како важен чекор кон подобра иднина зашто може да реши повеќе еколошки проблеми во исто време.

Стручњаците проценуваат дека заштитата и оживувањето на природните системи, како што се тропските шуми или крајбрежните мангрови гори и примена на други решенија засновани на природата можат за една третина да ја намалат емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, што е неопходно за да се запре климатската криза. И покрај тоа, научниците кои ги изучуваат климатските промени сметаат дека обновата на екосистемите е неопходна доколку сакаме да го ограничиме зголемувањето на средната глобална температура на 1,5 степени целзиусови.

Заштитата на копнените и водените екосистеми на планетата Земја ќе ги зачува живеалиштата на најголемите цицачи и живеалиштата на најситните микроорганизми, а со тоа и биодиверзитетот. Поддржувајќи ги земјоделството, шумарството, рибарството и многу други активности ширум светот, здравите екосистеми ја поддржуваат егзистенцијата на милијарди луѓе ширум светот, а особено во земјите во развој. Екосистемите се клуч за постигнување на Целите за одржлив развој до 2030 година, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на искоренување на сиромаштијата и безбедноста на водата и храната, се наведува на официјалната веб страница на Деценијата за обнова на екосистемите. Исто така, се нагласува и дека реставрацијата може да спречи потенцијални конфликти и миграции кои настануваат заради деградацијата на животната средина.

Како да се обноват екосистемите?

Исполнувањето на целите за одржлив развој, но и целите поставени со Парискиот договор, не е можно без обнова на екосистемите. Екосистемите ни обезбедуваат вода, храна, градежен материјал, но тие учествуваат и во одржувањето на климатскиот систем на планетата и зачувувањето на биодиверзитетот. Сепак, екосистемите се мошне комплексни, заради што нивното оживување бара внимателно планирање и трпеливо спроведување.

УНЕП подготви прирачник за обновување на екосистемите за на сите кои сакаат да му се придружат на движењето Генерација на реставрацијата да им ја олесни работата. Во продолжение следуваат неколку примери за обнова на екосистемите.

Земјиштето

Земјиштето исцрпено со претерано земјоделско обработување, употреба на вештачко ѓубриво и пестициди, ерозија на земјиштето, може да се обнови со намалено обработување, користење природно ѓубриво и природни пестициди, но и одгледување повеќе различни видови посеви, како и со садење дрвја.

На овој начин се складира повеќе јаглерод во земјиштето, што го прави поплодно, а со самото тоа и се намалува потребата за обработка на дополнително земјиште. Исто така, обновата на земјиштето создава живеалишта за диви животни.

Шумите

Сечењето на шумите, загадувањето, инвазивните штетници и пожарите доведоа во светот секоја година да исчезнуваат огромни површини шуми. Само во 2020 година светот изгуби шуми со површина поголема од Обединетото Кралство.

Обновата на шумските екосистеми подразбира пошумување и намалување на притисокот на шумите, за да им се овозможи на дрвјата да растат природно. Бидејќи потребата за земјоделска површина е главна причина за дефорестацијата, неопходно е да се разгледаат начините на кои човекот произведува и консумира храна и кои промени би можеле да доведат до намалено оптоварување на шумите. Идеално земјиште за пошумување е она кое веќе е исцрпено после земјоделско обработување.

Исто така, во контекст на борбата против климатските промени посебно внимание треба да му се посвети на зачувувањето на постоечките, стари шуми кои имаат огромна способност за отстранување на јаглеродниот диоксиод од атмосферата.

Реките

Слатководните системи се уништуваат со загадување, претеран риболов, но и извлекување сè поголеми количества вода за наводнување. Обновата подразбира запирање на загадувањето, намалување на отпадот кој завршува во реките, управување со побарувачката за вода и риба, како и оживување на вегетацијата под и над површината на водата.

Морињата

Морските екосистеми се на удар на загадувањето, климатските промени и претераната експлоатација. Едно од решенијата е законска регулација за одржлив риболов, додека канализацискиот и другиот отпад би требало да се третираат на подобар начин, а пластиката да се спречи да стигне до водата.

Коралните гребени, мангровите гори и морската трева се екосистеми кои мораат внимателно да се обноват, за океанот да продолжи и натаму да биде дом на бројни морски видови.

Градовите

Иако урбаните средини изгледаат како еколошки пустини, каде нема многу место за вегетација заради патиштата, зградите и фабриките, додека водата, земјата и воздухот се загадени, градовите впрочем имаат голем потенцијал за обнова на екосистемите. На пример, општинските управи и групите граѓани имаат моќ да ги исчистат пловните патишта, да дозволат раст на растенијата кои ги привлекуваат пчелите и да создадат урбано шумско живеалиште за дивите животни во парковите, училиштата и другите јавни површини.

Урбаните мочуришта можат да пружат заштита од поплави и загадување, а загадените индустриски подрачја можат да се претворат во места за рекреација во природа.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Edith Meusnier

Извор: https://klima101.rs/
 

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото