Патувачкото кино МакеДокс 2021 тргнува од Кратово

23.06.2021 11:30
Патувачкото кино МакеДокс 2021 тргнува од Кратово

Патувачкото кино МакеДокс ќе го почне своето патешествие на 25 јуни во грлото на изгаснатиот вулкан, забележан и во Хомеровата „Илијада“, во Кратово.

„Годинава, Патувачкото кино го менува својот формат и наместо 15-дневно доживување ќе направи викенд-проекции во осум градови и населени места во североисточниот регион. Досега беа прикажувани документарни филмови во речиси сите градови и региони низ државата. Раскажаните приказни покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар. Патувачкото кино досега посети 75 места во земјава, а во 2019 посети и три места во Албанија: Бучимас, Пустец и Лин.

Сите проекции се под отворено небо и се бесплатни. Во најголем дел од овие села никогаш претходно немало кино проекција или имало неколку пред 40-50 години. Проекциите на МакеДокс сред село се доживување и атракција за сите жители за која зборуваат и ја паметат долго време“, соопштуваат од МакеДокс.

Во својата 12-та година Патувачкото кино на „Македокс“ ќе ги опфати Кратово (25 јуни) и селото Шлегово (26 јуни) во последниот викенд во јуни. Во јули Патувачкото кино ќе прикажува документарни филмови во Штип (2 и 3 јули), како и во селото Оризари (9 јули) и Кочани (10 јули). Последната сесија годинава ќе се случи во септември со проекции во Виница (3 септември) и селото Пекљани (4 септември). Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, а влезот е бесплатен.

Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.

Поради пандемијата со ковид-19, задолжително ќе биде носење маска за секој посетител – влезот нема да биде дозволен без маска, задолжителна е дезинфекција на раце, на влезот за секој посетител, како и мерење на температурата.