1022 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Пет, 12.12.2025 04:59

Во рамки на филмската програма на фестивалот за феминистичка култура и акција Прво па женско која низ заедничкиот програмски наслов „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“ куриран од страна на нашата долгогодишна соработничка и другарка Кумјана Новакова, во јуни во Музејот на современата уметност се прикажаа четири филмови – прекрасна филмска селекција каде секој од селектираните филмови е омаж на некое носталгично чудно, возбудливо, или пак болно минато, изградено за да ни пренесе порака за справување со современоста низ внимателно одбрани архивски материјали со моќна монтажна структура и нарација. Во филмското остварување на Кортни Стивенс, режисерка и продуцентка од Лос Анџелес, доживувате прекрасен експеримент за којшто веднаш посакувате да дознаете повеќе. Станува збор за филмот Земја женска (Terra Femme). За мене беше нешто што за прв пат го доживувам – вешто и умно монтирање на аматерски снимки на приватни патнички видео записи на американки снимени во период од 20 години помеѓу 1920 и 1940, кои го патуваат светот. А како ме водел патот во животот да се бавам со етнографија и да сум си архиварка по природа која ја интересираат феминистичките практики – за овој филм ми беше само едно криво, шти не сум го создала јас.
.jpg)
Неколку работи фасцинираат во овој филм. Најпрво, самата генијална идеја за создавање на една ваква филмска форма – итро користење на пронајдените лични филмчиња создадени и наменети за публика од пријатели и членови на семејствата на авторките. Која би рекла дека видеата што ги снимаме на одмор и низ нашите патувања ќе доживеат фестивалска публика, награди и пред сé, би претставувале уметничка творба. Затоа, една важна порака во овој контекст – архивирајте! И само архивирајте! Никогаш не се знае како вашиот случаен етнографски запис може да се вклопи во една ваква приказна.
.jpg)
Вториот восхитувачки аспект на филмот е прекрасната поучувачка нарација на режисерката Стевенс, која нема намера да морализира врз (во голема мера) колонизаторскиот поглед на авторките на овие приватни снимки, ниту пак нуди решение за тоа како еден патепис би го деколонизирале и би го гледале одвоено од имеријалистичката рамка. Додека го гледате филмот се обидувате да си одговорите на прашањата, дали има разлика што субјектите зад камерите се жени? Се препознава ли некаде некаков типичен женски поглед и дали таков навистина постои? Дали овие привилегирани жени го доживуваат своето ослободување и ако да, во која смисла? Во таа насока Стивенс ни ги отвора филозофските прашања за класата, потеклото, расизмот и колонијализмот – горечки размислувачки правци во феминистичката мисла денес за интерсекционалните карактеристики во позиционирањето на жените во светот. Филмот едноставно е совршен визуелно-наративен приказ на оваа проблематика.
Најпосле, човек не може да остане рамнодушен на контекстот во којшто овие снимки се правени. Период во којшто жените можеби за првпат доживуваат едно ослободување и ја преземаат улогата на освојувачки на светот. Свет во почетокот на 20 век кој ни го нудат во целата егзотика, раскош и сиромаштија на т.н. трет свет, но сé уште пркосни на конзервативниот плашт на пуританските светогледи и практики ос „Западот“. Светот во овие географски ширини е можеби во зачетокот на заграбувањето на колонијалистичката рака, или уште не целосно поклопен од истата – свет во кој колонизаторите егзотично се препуштаат на забавата.
Би сакала да живеам во свет каде Земја женска ќе биде дел од образовен курикулум во средните училишта, филм за првите аматерски кинематографки низ којшто дознаваме и учиме за политиките на погледот низ феминистичката перспектива.