УНЕСКО: Охридскиот регион да се впише на Листата на светско наследство во опасност

23.06.2021 12:38
УНЕСКО: Охридскиот регион да се впише на Листата на светско наследство во опасност

УНЕСКО донесе предлог-одлука Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, а ваквата одлука треба да се формализира на состанокот на Комитетот за светско наследство во Фужоу, Кина, кој треба да се одржи од 16 до 31 јули.

„Комитетот е длабоко загрижен за заклучоците на мисијата од 2020 година, според кои високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина (посебно во градовите Охрид, Струга и Поградец, но исто така и долж крајбрежјето надвор од урбаните средини), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз универзалната вредност на регионот“, стои во извештајот на УНЕСКО.

Истовремено, Комитетот ги поздравува напорите за започнување на решавањето на препораките, а тука, меѓудругото го истакнува привременото суспендирање на одобренијата за градење во земјава, како и уривањето на некои нелегални структури.

Во меѓувреме, тие сметаат дека иако некои одлуки и препораки од реактивната мисија во изминатите шест години биле адресирани, неколку биле делумно или недоволно спроведени, а голем број од нив воопшто не биле адресирани.

Претходно во предлог-одлуката се наведуваат причините за промената на статусот.

Комитетот е разочаран од наодите на Реактивната мониторинг мисија од 2020 година. Во врска со Македонија, Комитетот смета дека е направено премалку да се запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој.

Комитетот е длабоко загрижен од заклучоците на Реактивната мониторинг мисија, која смета дека високите објекти близу до езерото, слабиот архитектонски квалитет на изграденото (посебно во поголемите градови Охрид, Струга и Поградец, но и долж брегот надвор од градовите), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежјето за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание на универзалната вредност на Охридскиот Регион.

Комитетот за Светско наследство, меѓудругото, од двете земји бара да развијат детален стратешки план за санација и акциски план во фази поврзан со јасно дефинирани цели и исходи за да се ублажат заканите за универзалната вредност на краток и долг рок.

Исто така, тие бараат и фазен акционен план, заснован на целосните препораки од мисијата во 2020 година кои би обезбедиле сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќекратните закани со кои се соочува регионот.

Комитетот бара од Северна Македонија и Албанија до 1 февруари 2022 година да поднесат ажуриран заеднички извештај за состојбата за зачувување на регионот до Центарот за светско наследство.

Покрај Охридскиот регион, УНЕСКО предложи на Листата на светско наследство во опасност да се најдат и Венеција и Будимпешта.

Според правилата на УНЕСКО, Листата на загрозено светско наследство е создадена да ја информира меѓународната заедница за условите кои ја загрозуваат специфичната особеност поради која еден регион или место е ставен на Листата за светско наследство, а и за да охрабри корективна акција. Ставањето на Листата на загрозено светско наследство му овозможува на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на загрозеното место да му даде итна помош од Фондот за светско наследство.

Фотографии:  Охрид СОС

ОкоБоли главаВицФото