Јуни од моето детство, со уморна жолтозелена боја

23.06.2021 18:29
Јуни од моето детство, со уморна жолтозелена боја

Јуни од моето детство беше безмилосно жежок месец. Неретко јунската дневна температура знаеше да го прејде четириесеттиот степен, иако официјалните објави најчесто застануваа на 39-иот. Возрасните ова со половина глас го коментираа како политика на властите да не го „возбудуваат“ населението со воведување вонредна состојба, што наводно била задолжителна за Целзиусовата 40-ка. Крајот на јуни редовно беше вовед во неиздржливиот јули, месецот кога скопјани го напуштаа својот град, како да е брод што тоне. Таа јунска завршница ми изгреба безброј подвижни сеќавања, слики, чувства и мириси: ние децата талкавме по градот од рано насабајле до темна ноќ, па долгите јунски денови уште ми заземаат завидно пространо место во паметењето.

Моќно зеленило

Но, самата жештина на предземјотресното Скопје, како да ја обвива секоја моја меморија; таа обвивка не е некој обоен тон, како сепијата, која ги грее старите фотографии, туку повеќе како проѕирно лелеење и заматување на сликите, баш како да се разнишани од слоевите прегреан воздух. Крајот на јуни беше почетокот на топењето на површинскиот слој на неколкуте ретки асфалтирани улици во градот. Тогашниот асфалт завршуваше со мазна – како налиена – маса од писа, педантно извалана и испеглана, во која до крајот од јуни почнуваа да се втиснуваат пенџетираните ѓонови од чевлите, а се потесните штикли што тогаш ја освојуваа модата, знаеја да направат вистински дупки во улиците. Немаше дете од моја возраст – неуморен набљудувач на баналностите на летниот ден – што не видел сцена кога на елегантна жена ќе ѝ останеше чевелот со штикла длабоко заглавена во асфалтот.

Јуни беше месецот на промена на боите на денот – од пролетни во летни, кога скопското зеленило ќе ги покажеше првите знаци на умор. Април и мај го завиваа Скопје во моќно зеленило – градот беше полн со дрвореди и градини, а тревата, напати зачинета со камилица или со колонии тегавец, ќе ги обраснеше земјаните тротоари како да се тревници. Во тоа време асфалтираните или поплочени тротоари беа редок, практично непостоечки луксуз по буњаковечките улици, па тревниците и цветните градини буквално се прелеваа на тротоарите. На крајот на јуни зелената веќе бледееше и тротоарските диви ливади беа првите пожолтени места, првите жртви на скопската легендарна жега. Во јули и август зелени остануваа само дрвјата со подлабоко корење, додека тревите – и оние во градскиот парк, кој беше огледно уреден и одржуван – беа како зрело жито. Зрелото лето беше полно со исушена жолта трева, со густо и елегантно исчешлано класје – како украдено од социјалистичките грбови на тоа време.


Повеќе мириси – втиснати во моето сеќавање – ги означуваат и бојат овие детски сеќавања на скопскиот јуни. Мирисното сеќавање на Скопје од доцните 50-ти и раните 60-ти години – инаку, најдолготрајното и најверодостојното сеќавање што го имаме – веќе е како запис што знаеш дека го имаш, интимно и многу лично чувство, кое меѓутоа не може да ти го побуди ниту еден од современите мириси на градов. Најсилниот од сите – мирисот што ги буди сите мемории на скопското лето од моето детство – сѐ уште можам одвреме-навреме да го осетам… и во секоја пригода го вдишувам со полни гради. Тоа е мирисот на скопската прашина. Не е иронија: таа прашина го покриваше секој тротоар и секоја патека во градот, а местата каде најмногу се врвеше беа украсени со најдлабок слој прашина. Таа беше хомогена, светло кафена, неверојатно ситна прашина, по која одот беше нечуен, мек, како да одиш по облаци. Имам уште слика – од моите детски очи – како му се препуштам на безмерното уживање да барам незгазнато и мазно парче прашина, на која јас – како предатор кој му си прикрал на пленот – скокам со двете нозе, триумфално радувајќи се на мекото – пафф – и на облакот прашина што го истиснав на сите страни со доскокот. Божествениот мирис на скопската прашина почнуваше да игра бесен танц во моите ноздри, секогаш кога ќе почнеа да тапкаат првите крупни капки од летните дождеци што знаеја често да прокапат, но само како да го фајтаа градот пред пеглање – едвај по неколку капки во омарниот бескрај.


А тогашните скопски ноќи – веќе од крајот на јуни – беа топли до тегобност: се сеќавам на нив како на кошмари. Така, во веројатно едно од моите најрани сеќавања, една прежешка скопска ноќ, во која воздухот се чувствуваше како млака, леплива и густа како мед маса, што лежи врз нас децата – брат ми и мене – и не ни дава да заспиеме; нѐ поти, нѐ тера очајно да се превртуваме одлево надесно и да разменуваме бесмислени зборови што излегуваа од нас како стенкање. Татко ни влезе во затемнетата соба и почна да ни ги објаснува практичните термодинамички закони што требаше да ни помогнат да се справиме со тегобното чувство на зовреаност и да заспиеме. Ни објасни, со тивок глас и трпение со кое на деца им се раскажуваат бајки пред спиење, дека не треба да мрдаме со телата, зашто така произведуваме уште повеќе топлина, туку да лежиме мирно на грб, со раширени и разголени раце и нозе, за да му овозможиме на телото да се лади со колку што е можно поголема површина. Се чини дека советите работеа, зашто тука и сеќавањето ми затемнува.

Претседателот што садел дрвја

Овие сеќавања на жешките јунски денови од моето детство ми надојдоа сосем спонтано и неконтролирано, како некаква инаетлива реакција на умот на невообичаено свежиот јуни што го живееме деновиве. На ладникавоста на сегашниов јуни секако дека влијаат климатските промени што ги мешаат временските карти на целата планета, но скопските неподносливо жешки и омарни лета од моето детство исчезнаа уште во доцните шеесетти и раните седумдесетти, и тоа од сосем други и сосем локални причини. Имено, скопската микроклима се смени драматично кога поодраснаа, се исправија и зазеленеа дрвјата со кои македонските власти систематски го пошумуваа Водно цели дваесет години – од педесеттите до зрелите седумдесетти години од минатиот век. И тој неверојатно далековиден и во секој поглед огромен, фараонски потфат, на чија успешност можеме да го припишеме неповратното исчезнување на некогаш неподносливо топлите скопски летни ноќи, денес го сметаме како даден од Госпот Бок лично, заборавајќи ги хероите што таа огромна државотворна работа ни ја овозможија на сите нас: да уживаме во освежувачкиот шумски воздух што секоја летна ноќ слегува од Водно и го покрива градот како невидлив ленен чаршав што нѐ гали додека спиеме.


Во 1999 година, малку пред неговата смрт, имав можност да го запознам и да разговарам неколку саати со Лазар Колишевски, првиот премиер на новосоздадената македонска република и потоа долгогодишен секретар на Сојузот на комунистите на Македонија. Поводот за средбата беше неговата молба да помогнам градските власти да не сосечат цела една заедница дрвја во неговото соседство, што тој ги засадил години порано. Во разговорот со тој исклучително интелигентен и виспрен старец преовладуваше неговата животна посветеност на пошумувањето на Македонија, во која – особено околу плодните долини и населените места – царуваа еродирани голини што сведочеа за историската негрижа на овдешните цивилизации за дрвениот свет од кој биле излегнати. На крајот ми кажа дека би сакал да биде запаметен како претседател што садел дрвја.

Си мислам: не само што го заборавивме претседателот што садел дрвја, туку изветреа и колективната меморија дека Водно и пристоен дел од другите околуградски брда по Македонија се пошумувани со рацете на истите оние што ја создале и изградиле оваа држава. Заборавот и плитката хоризонтална состојба на свест што царува со денешницата ги претвора во ништо и некогашните скопски јунски жештини, и заслужните за нивното исчезнување.


Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Европа / Свет / Историја
Став / Теорија / Историја
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Книжевност / Историја
Европа / Балкан / Историја
Технологија / Живот / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото