Година на микротероризам

27.12.2010 14:56
Година на микротероризам

Ова беше година обележана од економијата – бавното закрепнување, кризата во Европа, стимулациите, даночните кратења и дебатите околу буџетите. Надворешната политика донесе помалку новости. Ирак е нефункционален, но стабилен; Авганистан е нестабилен, ама нималку понестабилен од претходно. Односите меѓу САД и остатокот на светот се наоѓаат во разбирлив облик. Затоа можеби ќе звучи чудно ако оваа година ја наречеме година на тероризам. Ама беше таква.

„Бројот на обиди за напади против САД во изминативе девет месеци го надмина бројот на обиди за напади за време на секој претходен едногодишен период“. Ова е цитат од извештајот на Департментот за домашна безбедност од мај годинава. Обидот од октомври да се разнесат товарни авиони преку бомби сместени во тонери за печатачи само го потврдува овој факт. И ова не е само американски феномен. Руската државна агенција РИА Новости известува дека терористичките напади на руска територија се удвоиле во 2010 година.

За време на годината која веќе изминува бевме сведоци на зародишот на еден нов вид војување: микротероризмот, кој може да се дефинира како тероризам од мали размери, раководен од локално ниво, чии извршители не ги одбираат најголемите и најспектакуларните операции туку оние кои имаат најголеми изгледи да бидат успешни. Првите пионерски чекори ги направија елементи на Ал Каеда, т.е. идеолошките сојузници на оригиналната група, иако остана нејасно дали Осама бин Ладен и Ајман ал-Завахири се режисерите. Но дури и овие луѓе да се целосно небитни за оваа појава, тоа не значи дека треба да бидеме спокојни. Тоа само ќе го истакне основната карактеристика на микротероризмот: тој не е спроведен од врвот, туку извира од дното како меурчиња.

Во новиот вебзин на Ал Каеда Inspire, неговите уредници го објаснуваат својот став околу микротероризмот: „Не сакаме да нападнеме голема цел“, велат тие. „Напаѓајќи го непријателот... сакаме да искрвари до смрт“, тактика која тие ја нарекуваат „стратегија на илјада исекотини“. Друг напис во Inspire каталогизира колку чини да се лансира Операцијата Крвавење, нападот со тонерите за печатачи: два телефона, два печатача и трошоците за испраќање. Вкупно: 4200 долари. Како што имплицира насловот, целта на ова ново списание е да заведе и регрутира млади мажи од Западот, посебно САД, кои би станале оперативци – или, со други зборови, бомбаши-самоубијци.

Ал Каеда прави избор на неопходностите. Отсекогаш се веруваше дека групата за да се сфати сериозно како противник, мора да планира и спроведува големи операции. Низ 1990-те, таа раководеше со десетици операции во неколку земји, планираше симултани бомбардирања (како на амбасадите во Кенија и Танзанија) и целеше на значителни мети како воениот брод U.S.S. Cole. Сето ова кулминираше во 2001, кога се случија речиси истовремени напади, во два града, напаѓајќи симболично трговски центри, владини згради и штабот на американската војска. (Ако погледнеме од сегашно растојание, намерите се запрепастувачки.) Сега, кога е нападната во Авганистан и Пакистан, кога се најдени врските и трагите на нејзиното финансирање, кога нејзините водачи се под постојани напади, Ал Каеда реши да се сосредоточи на попречување на западњачкиот живот преку низа од значително помали напади по своите размери.

Овој вид тероризам најверојатно нема да произведе операции како оние кои го запрепастија светот. Соло напорите, дури и кога се успешни, можат да имаат само мал ефект. Но таквата смирувачка помисла можеби повеќе ќе биде одраз на денешната достапна технологија отколку точен предвесник на иднината. Микротероризмот се обложува на една моќна сила која зема замав низ светот: демократизацијата на технологијата. Насекаде гледаме дека моќта се префрла од големите инситуции кај мотивираните поединци. Технологијата им овозможува на луѓето да најдат потпора за тежината на овие институции против нив самите, произведувајќи ефект сличен на џиу-џитсу.

Микротероризмот во основата е асиметричен. Ја користи моќта да се биде ситен и тежок за пронаоѓање или контролирање. Произлегува од земји како Авганистан, Јемен и Сомалија; кога САД се обидуваат да појдат во овие земји за да се борат со непријателот, тој тешко се лоцира. Агендата за САД брзо се менува во стабилизирање на земјата и давајќи и’ одредена поддршка – градење на нацијата. По дефиниција ова е тежок потфат во овие места, кои од лошите момци се избрани токму поради фактот дека претставуваат црни дупки за поредокот и развојот. Сè што терористот треба да стори е да се сокрие и да испрати бомба по пошта.

Најголемите нарушувања и усложнувања, секако, доаѓаат кога терористите вклучуваат западни државјани, често без претходно досие за џихад. Ако борбата против тероризмот секогаш бара сложена навигација меѓу човековите права и барањата на воената состојба, дилемата станува многу посложена кога си имате работа со сопствените граѓани.

Проблемот со микротероризмот останува мал засега; постојат неколкумина кои му се посветени и кои организираат успешни напади. Но демократизацијата на технологијата, пристапот до неа, информациијата и сите тие добри нешта исто така неумоливо водат кон демократијзација на насилството. Добредојдовте во 2011.

Извор: time.com

ОкоБоли главаВицФото