Изложба во Љубљана на македонските кураторки Васева и Тануровска

24.06.2021 13:37
Изложба во Љубљана на македонските кураторки Васева и

Во Музејот на современа уметност Метелкова во Љубљана денеска се отвора изложбата „РЕАЛИЗИРАЈТЕ! СПРОТИВСТАВЕТЕ СЕ! РЕАГИРАЈТЕ! Перформанс и политика во 1990-те во пост-југословенскиот контекст“, а кураторки од Северна Македонија се Ивана Васева и Биљана Тануровска – Ќулавковски.

Васева и Тануровска – Ќулавковски во рамки на изложбата го разгледуваат политичкото во перформансот преку примери на уметнички перформанси во Македонија во 90-тите години на минатиот век, кои се во полето на визуелната уметност, театарот и танцот, но и вон уметничкото поле, односно во поширокото културно поле. Тие го разгледуваат политичкиот перформанс како уметност која е неизоставно политичка, како и секое уметничко дело, што вели Шантал Муф, земајќи предвид дека оној политички перформанс кој може да придонесе за доведување во прашање на доминантната хегемонија е критичкиот.

Тие истражуваа форми на критичка уметност како перформанси или перформанси како проширен поим што ја задржуваат политичноста како форма на критичност и антагонизам кон доминантните социјални и културни политичка состојба на работите.

Имајќи предвид дека критичкиот политички перформанс во уметничкото по 90-тите недостасува, решија да вклучат дела и случувања како перформативни гестови кои ги читаат, или ги сметаат за политички чинови во нивната процедура и потенцијал, а кои понекогаш се реализираат како дејство што го придружува уметничкото. Дел од селекцијата вклучува дела од Искра Димитрова; Александар Станкоски, Влатко Галевски и др. Игор Тошевски; Роберт Јанкулоски; Уметничката група Елементи; Оливер Мусовиќ и Ирена Паскали. Исто така, во приказите на настани и простори прикажани се архиви од изведени дела од Александар Поповски и Дарко Митревски, Зоја Бузалковска и Иван Поповски, Сашо Миленковски, Срѓан Јаниќијевиќ, Владимир Милчин, Горан Тренчовски итн., како и настани и простори кои се клучни за развој на изведбата/перформансот како критичко и политичко проширено поле, и тоа Културен Центар/Театар Мала Станица, Центар за изведувачки уметности Мултимедија, Сорос Центар за современа уметност, Радио Канал 103, како и изложбите Капитал и Пол, Имиџ Бокс итн.

„РЕАЛИЗИРАЈТЕ! СПРОТИВСТАВЕТЕ СЕ! РЕАГИРАЈТЕ! Перформанс и политика во 1990-те во пост-југословенскиот контекст“ е изложба која се фокусира на политичкиот перформанс во пост-југословенскиот контекст на 1990-тите години од минатиот век.

Изложбата е дел од едногодишно истражување на политичкиот перформанс во декадата на деведесетите години, а дел од проектот се кураторите Бојана Пишкур од Музејот на современа уметност Метелкова од Љубљана како и покрај Биљана Тануровска – Ќулавковски и Ивана Васева, другите гости-куратори: Линда Гусиа, Јасна Јакшиќ, Вида Кнежевиќ, Нита Лучи, Асја Мандиќ, Рок Вевар и Јасмина Заложник а дизајнот на изложбата е на Синиша Илиќ. Изложбата ќе биде отворена до 3 октомври 2021 година.

Изложбата вклучува повеќе од 120 уметнички дела, архивски материјали и видео документи од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора и Северна Македонија и е структурирана околу следниве теми: војна, национализам, тело, нови простори, демонстрации, држави, територии, нови граници, другиот, феминизмот и медиумите. Изложбата го истражува политичкиот перформанс преку различни траектории, а особено она што тој го донесе, значеше или што трансформираше во поширокото поле на уметноста од пост-Југославија во 90-тите, како и врските меѓу перформансот и политичките и идеолошките структури од кои и се појави. Во исто време, изложбата е обид да се открие еманципаторската моќ на политичкиот перформанс во таа тешка деценија, како и релацијата и поврзаноста со сегашноста, време не помалку фрустрирачко од 90-тите години на минатиот век.

Изложбата е организирана во рамки на „Наши многу Европи“, четиригодишна програма организирана од музејската конфедерација „Интернационале“ и нејзините партнери. Интернационале се состои од седум големи европски уметнички институции: Moderna galerija (MG+MSUM, Љубљана, Словенија); Museo Reina Sofía (Мадрид Шпанија); MACBA/МАКБА, Museu d’Art Contemporani de Barcelona (Шпанија); Museum van Hedendaagse Kunst Antwerpen (M HKA, Антверп, Белгија); Muzeum Sztuki Nowoczesnej w Warszawie (Варшава, Полска), SALT (Истанбул и Анкара, Турција) and Van Abbemuseum (VAM, Ајндховен, Холандија), и партнерите HDK-Valand Academy of Art and Design (HDK-Valand, Гетеборг Шведска) и the National College of Art and Design (NCAD, Даблин, Ирска).