Роман на годината 2020: „Боксерот од Ново маало“ и „Туѓо тело“ (15)

24.06.2021 14:00
Роман на годината 2020: „Боксерот од Ново маало“ и „Туѓо тело“ (15)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

„Боксерот од Ново маало“, Владимир Плавевски, „Арс Либрис“

„Нешто многу се дружиш со тој маалски ѕвер, како го викате?Тој тепачиштето од кланица? – ме прашува татко ми кога си дојдовме дома.

- Шуре Катиљот... Му читам книги – одвраќам.

- Ти му читаш книги? Зошто? – продолжува татко ми.

- Вели дека ја знае азбуката, завршил осмолетка, ама не може да чита – објаснувам.

- Ако не знае да чита, а ја знае азбуката, има алексија – одвраќа татко ми.

- Тоа е болест, психолошка – ми кажува со прст покажувајќи на главата. – А за што му читаш?

- За боксот. Сака да стане боксер. Така му наредиле кога го пуштиле од затвор.

- Па, да видиш, не згрешиле. Тој само тоа знае. И да коле животни... Тебе не ти е страв од него? – татко ми ме мерка сомнително.

- Не.Тој се плаши плаши од мене – се фалам. Татко ми се смее.

- Добар си, синко мој... В ред, продолжи да го образуваш тоа твое тепачиште што се плаши од тебе – кажува со смеа.

Чукам на портата на Шуре Катиљот. Со чкрипеж портата се раскрилува. Шуре Катиљот ме гледа со потечено лице и модринка под левото око.

- Што сакаш? – едвај прозборува.

- Да ти читам за боксот. Се тепаше?

- Аааа...Со петорица... Во Драчево. Партал ги направив... Ај влези, не стој на врата.

Влегувам, а тој ја затвора чкрипливата порта. Доаѓа до кофа полна со вода кај бунарот и го мие лицето.

- Те боли? – го прашувам сожаливо.

- Ова за мене е, бре, пичкин дим – одвраќа. – А да ми читаш утре?

- Е, не може. Треба да ја вратам книгата во библиотека. Ако задоцнам, треба да платам казна – кажувам надмено.

- Уф, кај те најдов, кај се запустив – кукумјавчи качувајќи се по чкрипливите, дрвени басамаци.

Се враќа со книгата в рака, седнува на газерот од кофата од која ја истура водата во градината. Јас седнувам на каменот спроти него и почнувам да читам.

- Кхм...Боксот се нарекува благородна вештина... Разбра?

- Да бе!

- Двајцата боксери со иста тежина се удираат со тупаници во тек на рунди од по три минути. Боксерите ги избегнуваат ударите од противникот, а истовремено му задаваат удари на противникот... Јасно ти е?

- Да бе!

 „Туѓо тело“, Владимир Плавевски, „Арс Либрис“

Секретарката ми соопштува дека професорот Тошев сака да се види со мене. Кимнувам потврдно со главата.Таа дава знак со раката и во мојот кабинет влегува висок, слабникав маж со големи очила што му висат на носот.

-Ајде, Вангеле, влези - му кажувам, оставајќи го лаптопот.

Се поздравуваме и се гушкаме срдечно. Со професорот и декан на Металуршко-техничкиот факултет се познаваме од пред неколку години. Пред две години лично му ги оперирав максиларните синуси и неговите тегобни главоболки му секнаа. Оттогаш станавме вистински пријатели. Играме тенис секоја недела; најчесто го победувам и тој мора да чести со билети за Филхармониски концерт. Тој е разведен, а мојата сопруга почина пред десетина години. Ако ме победи тој, јас честам вечера во елитен ресторан.

Професорот Тошев е врвен светски специјалист за спектрална анализа. Спектралната анализа е доминантна во процесот на утврдување на составот на одредена материја со помош на светлосен спектар под влијание на висока температура.Луто седнува на фотелјата и од џебот на сакото ја вади металната кутија и ја става пред мене.

- Што чудо е ова?! - вели луто, внимателно вадејќи ја малата, проѕирна капсула.

- Па, затоа ти ја пратив, Вангеле. Да направиш спектрална анализа за да видам од што е составена.

- Е, веднаш ти кажувам оти не знам ништо за неа. Ништо! -луто одвраќа.

Го гледам со чудење.

- Не ви работат спектралните анализатори? - одвраќам глупаво.

- Имам спектрални квантни анализатори меѓу најдобрите во светот! - се лути.

- Па, во што е проблемот? - се чудам.

- Во ова твое чудо! - ми ја дава капсулата, туѓото тело што го измолкнав од главата на Виктор. - Што е ова?

- Туѓо тело...Го извадив од базата на мозокот на еден пациент - одвраќам.

- Како прво, ова твое туѓо тело ниту се крши, ниту се дроби, ниту се топи, ниту се сече. Апсолутно невозможно! А ете, возможно е... Не успеавме ниту со директна квантна спектрална анализа да утврдиме од што е составено! Ова е првпат во мојата кариера да наидам на мистерија!...Кажа оти си го извадил од базата на черепот на некој пациент?

Јас, вчудовиден од кажаното, кимнувам потврдно со главата.

- Па, како вакво чудо, според тебе туѓо тело, стигнало во најскриеното место во човековото тело?!

- Не знам, Вангеле. Навистина не знам.Оперирав пациент и го извадив од базата на неговиот мозок. Не утврдив какви било знаци дека е вметнато. Пациентот се жалеше на неподносливи главоболки и вртоглавици. Сега, втор ден по операцијата, сите тие тегоби му исчезнаа. Ова чудо невидено, ова туѓо тело, оваа мистерија беше причината за неговите тегоби.

Кон претходните делови