Обама: од Дон Кихот до Санчо Панса

25.06.2021 00:57
Обама: од Дон Кихот до Санчо Панса

Кога политичките водачи кои ги разочаруваат очекувањата на своите следбеници пишуваат мемоари, тие пред сè се наменети за оние кои сакаат да остварат подобар резултат. Принудени да се соочат со срушените илузии на јавноста, овие предводници своите неуспеси најчесто им ги припишуваат на нереалните очекувања на сопствените следбеници, нападите на противниците, фактот дека светот е комплексен или на правилата на политиката заради кои биле принудени да ветат нешта кои никогаш не можеле да ги исполнат. Па сепак, дури и разорачувачките мандати содржат подвизи со кои човек може да се пофали. Затоа не зачудува што првиот том од Мемоарите на Барак Обама завршува со детално прераскажување на потерата по Осама бин Ладен и неговото убиство.1

Меѓутоа, авторот на оваа книга - кој сега веќе би требало да размислува како ќе изгледа последното поглавје од вториот дел - немал премногу простор за да го кити сопствениот биланс бидејќи неговото претседателствување, кое почна на 20 јануари 2009 година во атмосфера на сеопшта еуфорија после убедливата изборна победа и под слоганот „Yes, we can“, заврши осум години подоцна со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Тоа без сомнеж беше лошо за Обама. Од колективното сеќавање веќе е избришано сè што беше маркантно поврзано со периодот на неговата власт, и тоа во толкава мера што еден од најинтелигентните и најбрилијантните претседатели на САД е во опасност да остави помал белег на националната и светската историја од својот директен наследник, колку и последниов да има ограничени способности.

Авторот нè води низ сопствените доживувања и увиди и заедно со читателот или читателката го поставува прашањето: што, впрочем, сакаше Барак Обама? Моќ; тука нема сомнеж. Како посветен граѓански активист, тој одлучил да влезе во политиката за веќе да не се занимава со последиците од туѓите одлуки. Потоа заклучил дека во Конгресот може да има поголемо влијание отколку како член на претставничко малцинство во една од сојузните држави од американскиот Среден запад. Стигнувајќи до таа позиција, откако беше избран за сенатор на Илиноис, погледот го насочил кон Белата куќа. Спротивно на сите очекувања, ја порази Хилари Клинтон на демократските прелиминарни избори и, после полетната и оптимистичка предизборна кампања, го смени Џорџ Буш помладиот на местото претседател на САД. Обама речиси секогаш повлекуваше правилни потези - вклучувајќи ја и одважната одлука есента 2002 година да се спротивстави на војната во Ирак - во вистински момент, а и судбината му беше наклонета. Финансиската криза која изби во септември 2008 година ја уништи можноста Републиканската партија да се победи само неколку недели пред изборите. Така, Обама стана првиот афроамерикански претседател во историјата на САД.

Дали тоа значеше дека тој ја исполни задачата која си ја постави пред себеси и дека тука е крајот на неговата приказна? Таквиот заклучок се наметнува сам по себе, зашто од тој момент па натаму неговите амбиции стивнаа или останаа мртво слово на хартија. Трансформацијата на политичкиот живот, надминувањето на поделбите во државата, поттикнувањето младите да им се посветат на активности од општ општествен интерес... Откако се качи на врвот на пирамидата на моќта, човекот кој својата незапирлива амбиција ја оправдуваше со желбата „промените да дојдат што побрзо“, почна упорно да повторува дека за промени е потребно време. На почетокот од своите мемоари, тој се осврнува на себеси како млад активист и пишува: „Бев како Дон Кихот без Санчо Панса“. Единственото што влезе во Белата куќа од овој бестрашен витез и борец против неправдата беше високиот стас.

Поглавјето во кое Обама го оправдува изборот на луѓето што ги прими во својот кабинет претставува резиме на двата негови мандати: тој не сакаше, како што тоа го направи Френклин Рузвелт, да ја искористи економската и финансиска криза за да го промени системот, туку одлучи да го поправи. Како новиот претседател да помисли дека нештата веќе се премногу лоши и дека не сака да се потпре на луѓето кои би оставиле сè да отиде по ѓаволите. Дали Рам Емануел, секретар во неговиот кабинет, не ја поддржа Хилари Клинтон на прелиминарните избори, беше близок со елитата од Волстрит и редовен посетител на Светскиот економски форум во Давос? Секако, но „бидејќи светската економија беше во слободен пад, моја главна задача не можеше да биде да изградам нов светски поредок. Требаше да се избегне катастрофа со незамисливи размери. За да успеам во тоа, ми беа потребни луѓе кои имаа искуство со кризи и кои можат да ги смират пазарите кои беа на раб на паника - луѓе кои нужно влечеа грешки од минатото“. Заради истата причина тој не можеше да постави министер за финансии без консултации со капиталистичкиот естаблишмент. На кој било, освен Тимоти Гајтнер, „ќе му требаа неколку месеци работа за да го стекне нивото на разбирање на финансиската криза и да изгради односи со актерите во светскиот финансиски сектор; јас, едноставно, немав толку време.“

Кога банкарите ќе земат заложници

Причината за негативната реакција на јавноста на планот на новата администрација за бејлаут на банките лежеше во тоа што задачата за лекување на последиците од кризата им беше доделена на луѓе кои беа одговорни за нејзиното избивање. Самиот Обама искажа неверување заради „неблагодарноста“ на банкарите кои „ги извлече од понорот“ додека милиони Американци и Американки беа турнати во банкрот без никаква помош од државата. „Бесмислено е да се игнорираат доказите“, признава, „дека главните одговорни за економските проблеми во нашата држава останаа неверојатно богати. Тие избегнаа какви било последици зашто постоечките закони шокантната неодговорност и подлоста на управните одбори и берзите ја гледаа како помало злосторство од малолетничките кражби во супермаркетите“. Меѓутоа, тој повторно се оправдува дека немал избор: банкарите „се опашаа со експлозив“ и ја земаа економијата како „заложник“. Додуша, Обама признава дека зажалил што во првите месеци од својот мандат „не се покажал како одважен“. Можеби тоа ја објаснува моменталната храброст на човекот кој осум години служеше како негов потпретседател.

Контрастот помеѓу овие двајца е уште позабележлив во случајот со војната во Авганистан. Во јануари 2009 година, Обама одлучи на местото министер за одбрана да го задржи членот од претходната администрација, Роберт Гејтс, „републиканец, воен хушкач и заговорник на воени интервенции“, со изговорот дека... тој „разбира како како функционира Пентагон и каде се замките што треба да се избегнат“. Претседателот речиси истовремено откри дека воените лидери се обиделе да го стават пред свршен чин објавувајќи ги своите намери во врска со авганистанското прашање пред тој да има можност да донесе одлука. Бесен заради таквиот потег, ги собрал во Белата куќа и ги прекорил, но најпосле се согласил со сите нивни предлози - до таа мера што во Авганистан испрати дополнителни сили. Од друга страна, под услов Џо Бајден да се држи до одлуката која штотуку ја најави, до 11 септември оваа година во Авганистан веќе нема да има американски војници. Изгубени се 12 години.

Една од претходните книги на Обама, објавена 2006 година, се вика Одважноста на надежта2. Во неа ја опиша иднината со неочекувано мал ентузијазам, но секако во склад со тоа како изгледаа неговите мандати: „Во што е поентата на опишувањето како би требало да изгледа светот кога вложените напори тој да се промени се покажуваат како недоволни?“

(1) Барак Обама, A Promised Land, Crown, Њујорк 2020 (француско издание: Une terre promise Fayard, Париз, 2020). Сите цитати се од ова дело, доколку не е поинаку нагласено.
(2) Барак Обама, L'Audace d'esperer, Presses de la Cite. Париз, 2007.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Le Monde diplomatique