„О2 Иницијатива“: Чадот во Скопје не е само сахарска прашина, има и локални загадувачи

25.06.2021 11:04
„О2 Иницијатива“: Чадот во Скопје не е само сахарска прашина, има и локални загадувачи

Граѓаните на Скопје и еколошките организации бараат објаснување за загадениот воздух во Скопје, кој сметаат дека не е само последица на песочниот ветер што донесе прашина од Сахара во целиот регион, туку дека е предизвикан и од секојдневното палење отпад и пластика во Вардариште.

Екологистите од „О2 Иницијатива“ информираа дека испратиле претставки до Општините Карпош, Аеродром, Гази Баба и Инспекторатот на Градот Скопје и побарале инспекциски надзор и целодневни патроли на терен, се додека не се откријат причинителите на пожарите и загадувањето. Тие бараат и оградување на депонијата Вардариште и воведување на редарска служба. Претставка, велат од еколошката организација, е испратена и до Општина Охрид и нејзината инспекциска служба бидејќи и таму воздухот е зачаден, особено во ноќните и утринските часови.

„Прашината од Сахара која дојде заедно со топлотниот бран е дел од објаснувањето зошто имаме високи вредности за PM10 речиси во секое мерно место. Но, другото е со локално потекло, чадот во воздухот е наш. Апелираме до надлежните, не излгувајте со објаснување дека квалитетот на воздухот се должи на донесената прашина од Сахара. Објаснете го локалното загадување, причината за чадот и што се презема да се спречи и да не дишеме токсичен воздух во лето“, велат од „О2 Иницијатива“.

Реакциите следуваат по информациите од Државниот мониторинг систем за следење на квалитетот на воздухот, според кои веќе неколку денови во сите градови, освен во Гевгелија, концентрациите на ПМ 10 честичките се повисоки од максимално дозволените, што е невообичаено за овој период од годината. Од друга страна, пак, во главниот град пожарите и горењето отпад се честа појава во лето. Ова особено се случува на депонијата Вардариште, долгогодишен еколошки проблем на Скопје, што нема најава дека наскоро ќе се реши. По фотографиите на кои се гледа црн чад над населбата Ново Лисиче што ги споделуваат граѓани и еколошки организации, Државниот инспекторат за животна средина вчера најави засилени патроли покрај депонијата Вардариште.

„Државниот инспекторат за животна средина иницираше заеднички акции со Инспекторатот на град Скопје и Министерството за внатрешни работи, за да се спречи палење кабли и гуми покрај реката Вардар. Договорени се засилени патроли и интервентни акции по пријави на граѓани. Ги охрабруваме граѓаните, штом се јави чад – веднаш да пријават загадување преку месинџер на Фејсбук страната на Државниот инспекторат за животна средина“, велат од оваа институција.

Извор: Мета.мк