Скраја да е од ваквата Бугарија и ЕУ!

25.06.2021 20:53
Скраја да е од ваквата Бугарија и ЕУ!

  

Бугарските политичари (и владини и опозициски) продолжуваат да водат жестока и црна политичка кампања кон Македонија, македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Како се наближуваат изборите во Бугарија, така црната кампања кон Македонија се интензивира.

Во услови кога повеќето бугарски политичари водат таква пропагандна црна кампања со широк дијапазон стратегии - од непризнавање, негирање, расистички навреди, милитантни провокации, лажни вести и дезинформации, говор на омраза и дискриминација, до отворени територијални и историски претензии  - нема никакви услови за градење на пријателски односи. Кога некој не те признава и сака да те понижи или да те снема, не може да ти биде пријател.

Најновото трагикомично оправдување на Радев за продолжувањето на блокадата кон Македонија е показател дека бугарските политичари немаат никаква намера да се откажат од црната пропагандна кампања. Радев во Брисел отворено кажува дека Бугарија не можела да го поддржи почетокот на преговори за членство во ЕУ на РС Македонија, „пред да се увериме дека нашата сосетка нема да го гради својот идентитет врз основа на кражбата на бугарската историја".

Каква колосална глупост! Па, зарем има некој разумен што верува дека некој тука во Македонија сака да ја краде бугарската државна историја, исполнета со државни порази и национални катастрофи?

Па, кој будала сака да краде лузерска историја? Зарем има некој тука кој сака да ги краде бугарските „победи“ во Втората Балканска војна, во Првата Светска Војна и Втората Светска војна? Па, никој тука не сака да има било каква врска со таквите историски „победи“, а камоли да ги краде.

„Браќа Бугари“, со таква црна пропагандна кампања за некаква си кражба на вашата лузерска историја, никого нема да уверите дека сте наши браќа.

Со продолжување на црната пропагандна кампања, само ќе го засилите впечатокот дека воопшто не им мислите добро не само на своите соседи, туку и на Балканот и на Европската Унија.

Вашето однесување нема никаква врска со принципите на ЕУ, туку со принципите на милитантниот балкански етнонационализам од 19-от век.

Затоа, и оние малкумина кои негуваа пријателски чувства кон Бугарија, и кои јавно изјавуваа дека се бугарофили (како мене) - веќе немаат никаква причина да ја сакаат ваквата шовинистичка Бугарија.

Напротив, имаат многу добра причина да извикаат - скраја да е од ваквата Бугарија и ЕУ!

Слики: Roby Dwi Antono