Колку долго уживаме во пивото?

28.06.2021 00:22
Колку долго уживаме во пивото?

Археолозите од американскиот Универзитет Стенфорд не можеле ни да сонуваат дека, трагајќи по храна која ја јадел праисторискиот човек на тлото на денешен Израел, ќе ја пронајдат најстарата пивара на светот.

„Ова е најстарото сведоштво за алкохол што го направил човекот“, објаснува Ли Лиу, предводничка на истражувачкиот тим.

„Ова откритие покажува дека алкохолот не настанал нужно како последица на појава на вишок во земјоделското производство, туку дека, барем делумно, бил произведен за ритуални обреди и духовни потреби“, вели Лиу, додавајќи дека пивото најчесто се пиело кога им се оддавало чест на мртвите.

На тоа укажува и фактот дека остатоци пиво се пронајдени во пештерата во која се наоѓаат гробови на припадниците на натуфиската култура.

Ли и нејзиниот тим отишле во Хаифа, трет град по големина во Израел, за да ја истражат пештерата која ја користел праисторискиот народ Натуфијци, ловци-собирачи од источниот Медитеран. Археолозите ги интересирала исхраната на овие полуномади, пред сè користењето растителна храна.

„Не појдовме со намера да најдеме алкохол во камени садови, туку сакавме да истражиме кои растителни намирници ги консумирале луѓето зашто во археолошките записи има многу малку податоци“, вели Лиу.

Нејзиниот тим анализирал траги пронајдени токму во камени садови на длабочина од околу 60 сантиметри. Садовите биле врежани во подот на пештерата и веродостојно се знае дека биле користени за чување, толчење и готвење разни видови растенија, како што се овесот, махунарката и разни влакна.

Професорката Ли Лиу

А како Лиу и нејзиниот тим воопшто дошле до пивото? Тие во пештерата пронашле и ископале остатоци од скроб и микроскопски растителни честички кои се нарекуваат фитолити и кои се типични за трансформација на пченицата и јачменот во алкохол. Тимот верува дека при правењето пиво Натуфијците имале јасно дефинирани три фази. Најпрвин, скробот од пченица и јачмен се претворал во слад, па потоа се гмечел и загревал, а потоа го оставале да ферментира со див квасец во воздухот. Следејќи го овој процес, Лиу и нејзиниот тим направиле сопствено пиво кое, како што вели студијата, имало јасни сличности со она кое го правеле овие праисториски луѓе кои ја населувале територијата на денешен Израел. Тие велат дека натуфиското пиво изгледало многу поинаку од пивото што го познаваме и консумираме денес, како и дека било поблаго.

Пред да се објави истражувањето, научниците веруваа дека производството на пиво датира од пред околу 5 000 години. Сепак, ова откритие носи уште неколку важни пораки освен онаа дека во пивото се ужива значително подолго отколку што се мислеше. Имено, во заклучокот на својот труд, археолозите велат дека пронаоѓањето на најстарата пивара на светот фрла ново светло на натуфиската култура, нивните ритуали, и дека „покажува широк спектар технолошки иновации и општествени организации во рамки на нивната култура“.

„Правењето пиво било интегрален дел од ритуалите и гозбите, но било и регулаторен механизам во општествата со воспоставена хиерархија“, вели Џијаџинг Ванг, коавтор на трудот, додавајќи дека во оваа култура ритуалите биле многу важни, на што укажува и фактот дека најстарата пивара се наоѓала на гробишта.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://elementarium.cpn.rs/

ОкоБоли главаВицФото