Сите на Островот го мразат американското пилешко

28.06.2021 01:25
Сите на Островот го мразат американското пилешко

Во моментов во Обединетото Кралство, после Брегзитот а во екот на пандемијата, кога економијата е на удар на рецесија, а кралското семејство е во црнина и проблеми, тешко е да се пронајде тема која ја обединува оваа поделена нација. Но, американските кокошки успеаја во тоа.

Сите ги мразат.

Уште побизарно е тоа што американското пилешко не се продава каде било во Британија, а ако се прашуваат луѓето од Островот, тоа ќе остане така засекогаш.

Некои американски пилиња се потопуваат во хлор, за да се елиминираат потенцијално штетните патогени. Американците со години јадеа вакви птици без никакви проблеми, но во Британија, за американското пилешко пишуваат новинари, академици, политичари, земјоделци и бројни активисти.

Американското пилешко не стана предмет на омраза во Обединетото Кралство сè додека не стана јасно дека, кога Велика Британија и официјално ќе ја напушти Европската унија, овие две земји ќе потпишат трговски договор. Американските стандарди за храна на Островот се гледаат со подбив - се тврди дека тие ги толерираат нечистотијата и лошите услови во бескрајната трка по профит.

И додека американската индустрија за храна тврди дека сето тоа е една голема лага, нивното пилешко некако стана симбол на британските стравови дека трговскиот договор со Вашингтон би можел да ја промени Британија кон полошо.

„Ова е класичен пример како едно верување ги победи доказите и стана врежано во комплексниот општествено-политички дискурс, сосема сигурно мотивиран од нешто друго“, вели Ијан Бојд, професор по биологија на Универзитетот Сент Ендруз. „Пилешкото потопено во хлор дефинитивно е само замена за многу поважните и многу потешките прашања за довербата“.

Тоа може да се види и според ставовите на некои застапници на Брегзитот. Често се користи изразот „суверенитет“, заедно со пораките дека многу „суверенитет“ ѝ бил предаден на остатокот од Европа и дека тој треба да се врати.

На некој начин, „хлорираното пилешко“ е новиот суверенитет, а тоа се гледа и според јазикот кој го користат одредени критичари, како Тим Ланг, професор на Сити, Универзитетот во Лондон, кој го кажа следното: „Вистинско прашање е дали Обединетото Кралство ќе стане 51 американска сојузна држава.“

Не се знае кога точно ќе биде потпишан трговскиот договор. Некои експерти толкуваат дека овие преговори ќе траат со години. Но толкавото чекање можеби е токму она што им е потребно на Британците, вели професорот Бојд.

„Доколку сакаме да ги решиме стравувањата за американското пилешко, со аргументи кои се темелат на факти и скапи Пи Ар кампањи, ќе се појави нешто друго“, вели тој. „Ова е општествено-политички проблем кој може да се реши со просветување и засновање односи, а не со инсистирање луѓето да ги слушнат фактите.“

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото