Словенија 30 години од независноста: Заробени во духот на минатото?

28.06.2021 12:25
Словенија 30 години од независноста: Заробени во духот на минатото?

 

Извор: Дојче веле

„Соништата се дозволени денеска, утре е нов ден“ - овие зборови се врежани во историската меморија на Словенците. На 25 јуни 1991 година, тие беа изговорени од Милан Кучан, тогашен претседател на југословенска социјалистичка Република Словенија и последователно двапати претседател на независна Словенија. На тој ден, Словенија ја прогласи својата независност и официјално се оддели од Југославија.
„Можете да ја почувствувате неговата несигурност од таа последна реченица“, вели Душан Плут, тогашен член на претседателството на Словенија и претседател на „Зелените“ во Словенија. Тој имаше големи очекувања - но како политичар беше загрижен и за тоа како ќе се развива независноста.

По референдумот одржан на 23 декември 1990 година, на кој 95 проценти гласаа за независност на Словенија, политичарите во земјата едногласно одлучија да го спроведат резултатот што е можно побрзо - „ненасилно“, како што нагласува Плут.

Разочарувањето на Плут од ставот на европската политика и клучните европски земји во тоа време, вклучително и Германија, сè уште е видливо: „Тогаш не добивме никаква поддршка. Во обид да спречиме конфликт, акцентот на европско и меѓународно ниво беше ставен на зачувување на граничниот интегритет, како и на социјалистичкиот социо-политички систем на Југославија. Сепак, војната се случи“.

Помешани чувства

По прогласувањето на независност на Словенија, југословенската армија започна интервенција. Социологот и филозоф, д-р Рената Салецл, потсетува дека постоел широк страв од воена ескалација. Сепак, војната во Словенија траеше само 10 дена.

Последните југословенски војници ја напуштија Словенија на 25 октомври 1991 година со брод од Копер. Борбите однесоа 76 жртви: 19 од словенечка страна, 45 од југословенска страна, 12 беа странски државјани, меѓу нив и австриските новинари Николас Вогел и Норберт Вернер.
„Одлуката за независна и суверена Словенија беше соодветна и правилна. Ја искористивме 'последната шанса' да постигнеме независна Словенија“, објаснува Душан Плут, притоа признавајќи: „Самите достигнувања на независноста предизвикуваат мешани чувства“.

Нормално оттогаш има зголемување на материјалната благосостојба. Д-р Рената Салецл додава дека, тогаш, постоеше голема доверба во демократијата и човековите права. „Но, имаше премногу малку дискусии за тоа какво општество замислувавме во иднина“.

Зголемена социјална разлика

„Социјалните и регионалните разлики се зголемија. Одлуките сè уште се носат централно. Срамното наследство на независноста е што околу 15 отсто од населението живее под прагот на социјално осигурување. Ова е во целосна спротивност со политичките цели и ветувања од раните 90-ти. Независноста не требаше да значи дека релативно голем дел од Словенците ќе живеат во сиромаштија “, посочува Плут.

„Почнавме добро, но, се разбира, направивме грешки“, вели Наташа Бриски, новинарка на веб-порталот Метина листа и поранешен дописник од САД. Таа посочува дека на 26 февруари 1992 година Министерството за внатрешни работи на Словенија незаконски избришало 25.671 лице со југословенско државјанство од регистарот на постојани жители.

Смела, амбициозна и поврзана

Бриски, која имала 16 години при прогласувањето на независноста, ја доживеала Словенија која била смела, амбициозна и поврзана. Сепак, по зачленувањето во релевантни меѓународни организации, како што се ОЕЦД, ЕУ, НАТО, државата во зародиш започнала да заостанува.
„Дел од проблемот е што уздите на моќта во Словенија сè уште ги држат луѓе кои играа важна улога пред 30 години, но денес тие се главно само огорчени, стари и немаат визија. Во последните десет години нашата политичка состојба навистина се влоши“.

Не може да ги исполни очекувањата

Анкетата за јавното мислење „Вокс попули“, подготвена за весниците Дневник и Вечер од агенцијата Нинамедија (n = 700), откри дека 61,8 проценти од испитаниците сметаат дека Словенија не ги оправда очекувањата на граѓаните во последните 30 години.

На прашањето дали испитаниците денес живеат подобро, полошо или исто како и пред триесет години, 33 проценти од испитаниците одговориле дека живеат подобро, 27 проценти од испитаниците живеат исто, а 28 проценти од испитаниците одговориле дека им е полошо отколку пред независноста.

Сепак, во однос на природниот и човечкиот потенцијал, Словенија е рангирана меѓу 20 до 30 најпривилегирани земји во светот, тврди Душан Плут, географ, еколог и пензиониран професор. Еден од клучните предизвици на иднината за Словенија е обезбедување на социјална сигурност. „Тековните механизми нема да успеат. Словенија треба темелно да ги разгледа новите механизми за социјално осигурување, како што е идејата за универзален основен приход“.

Дигиталната неписменост е проблем

Професорката на Електротехничкиот факултет во Љубљана, д-р Емилија Стојменова Дух проценува дека Словенија има оценки под европскиот просек во областа на дигиталната трансформација.

„Клучниот проблем е недоразбирање на дигитализацијата и нејзината многу лесна имплементација. Најголемиот предизвик што го имаме, покрај поврзаноста што треба да им биде достапен на сите, е обезбедување на вештини и дигитално знаење коешто е од суштинско значење за дигиталната трансформација. Премногу Словенци се дигитално неписмени и затоа не можат да користат Интернет или дигитални јавни услуги“.

Емилија Стојменова Дух се пресели од Македонија во Словенија во 2002 година. „Политички и социјално Словенија во моментов е на дното. Нетолеранцијата е голема, иако за среќа ова може највеќе да се забележи во политиката, а помалку во општеството. Но, се плашам дека нетолеранција во политиката може да доведе до омраза и немири меѓу населението“.

Во март 2021 година Министерството за култура донесе одлука за формирање музеј на словенечката независност. „Се повеќе и повеќе споменици се поставуваат со цел да се митологизира независноста на Словенија сè повеќе, акцентот е ставен на величењето на оние аспекти на процесот директно поврзани со денешната водечка партија во владата“, вели Плут.

Каква шанса имаат демократијата и човековите права?

Д-р Рената Салецл сè уште се сеќава дека присуствувала на протестите во 1988 година за поддршка на денешниот премиер Јанез Јанша, кој заедно со уште тројца колеги беше уапсен од службата за државна безбедност и контраразузнавањето на ЈНА за наводно објавување воени тајни. „Судењето на љубљанската четворка“ беше причина за масовните протести што доведоа до тоа Словенците да го откријат значењето на граѓанското општество.
„Сега се чини дека нишалката повторно се враќа во авторитарна насока“, вели Салецл. „Ние се боревме за правата на човекот кој е премиер денеска. Но, тој денес се обидува да ги игнорира концептите како што се човекови права, демократија, слобода на собирање и слично. Владејачките политичари во Словенија се повеќе се оддалечуваат од демократијата и човекови права - вредности што секогаш ги поврзував со независноста “.
Наташа Бриски тврди дека Словенија денес е на важна пресвртница. „Нашата иднина ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните во текот на следните неколку години. Ќе треба да одлучиме што сакаме - нова, иновативна, смела и социјално праведна Словенија, или земја заробена во духот на минатото и во следните 30 години".

Слични содржини

Општество / Балкан
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Култура / Музика
Општество / Балкан / Став

ОкоБоли главаВицФото