Критичарски кружок за романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска

28.06.21 15:48

   Во оваа втора епизода од онлајн емисијата Inside/Out критичарите Маја Абаџија (Босна и Херцеговина) и Борисав Матиќ (Србија) го дискутираат романот „Резервен живот“ од писателката Лидија Димковска. Разговорот го модерира книжевницата Мања Величковска (Македонија).

Абаџија и Матиќ ги презентираа скиците од тековната работа на нивните критики, со цел да ги илустрираат пристапот, нивните дилеми и главните проблеми на кои одлучиле да се задржат. Тие дискутираа и за автоматското пишување школска критика и можностите за пишување експериментална и/или умерено-конвенционална критика (на социјалните медиуми) која сепак ќе ги задржи суштинските и жанровските белези на форматот на класичната критика.

Покрај разгледувањето на техничките аспекти од пишувањето, Абаџија и Матиќ се задржаа на повеќе аспекти од романот, како класата, улогата на религијата и мотивот на егзилот, поврзувајќи ги преку различни сцени и цитати со: женското искуство на блискоста, концептите на љубовта, пријателството, сфаќањето на сопственото тело и сексуалноста, стигматизацијата и дискриминацијата. Се разговараше и за пишувањето како интимност и (не)можноста за интимен простор.


(На Јутјуб видеото е достапна опција за превод на македонски.)

Матиќ објасни дека за него е важно да им потенцира на читателите зошто е значајно да се зборува токму за овој роман и нагласи дека: „Романов можеме да го толкуваме од аспект на попреченоста, особено преку теориски пристап. Тука секако ја имаме и квир, но и феминистичката перспектива. Така може да зборуваме и за еден интерсекциски пристап низ кој предвид ги земаме родот, сексуалноста, класата, целиот контекст на распаѓањето на Југославија и меѓуетничката омраза.“

Во емисијата беше дискутирана и позицијата на македонската книжевност на регионалната сцена. Абаџија го сподели својот впечаток дека македонската книжевност е недоволно присутна помеѓу читателите во поранешна Југославија: „Имав чувство дека не зборуваме доволно за тоа, за тоа колку малку ја преведуваме македонската книжевност и колку малку знаеме за неа, иако со децении делевме еден државен и културен простор. Кај ‘културен простор’ некако самоиронично ставив и прашалник, затоа што прашање е како можеме да зборуваме за ист простор, имајќи ја превид тешката проодност на македонските писател(к)и кон регионот.“ – вели Абаџија.

Во емисијата се вклучија и Наташа Лазукиќ, која е млада критичарка и гостинка во епизодата, чие учество е дел од младинската и менторска програма за пишување на критика во рамки на проектот низ кој се раализира емисијата и Викторија Блажеска, која е лингвистка и преведувачка и постојана соработничка на емисијата INSIDE/OUT.

Темат во фокус на оваа сезона се современите македонски феминистички и квир книжевност, култура и практики. Емисијата Inside/Out има за цел да го разјасни креативниот процес и ја промовира книжевноста како работа која е девалвирана во нашето општество, а заслужува рамноправен третман помеѓу професиите. Inside/Out се стреми кон поврзување и јакнење на постјугословенската книжевна сцена и надминување на јазичните, културните и генерациските бариери. Активно учество во емисијата ќе земат книжевнички/ци, културологињи/зи, критичар(к)и, преведувач(к)и и активист(к)и од целиот регион, со посебно внимание кон претставување и интеграција на младите од овие полиња на културата.

Претходната епизода, во која гостуваше Румена Бужаровска, може да ја погледнете овде.

Темат во фокус на оваа сезона се современите македонски феминистички и квир книжевност, култура и практики. Сезоната ја реализираат Коалиција МАРГИНИ, порталот за култура ОКНО и регионалната мрежа на книжевни критичарки Pobunjene čitateljke од Србија.

Редакцијата на третата сезона на Inside/Out ја сочинуваат: Мања Величковска, Борисав Матиќ, Фросина Крушкаровска и Наѓа Бобичиќ.

Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.