Древниот тотем пишува нова историја

30.06.2021 01:33
Древниот тотем пишува нова историја

Најстарата позната дрвена скулптура во светот - речиси три метри висок тотем, стар илјадници години - се надвива над тивката одаја во еден опскурен музеј на Урал, во Русија, недалеку од местото каде почнува Сибир. Шигирскиот идол, како што се нарекува, претставува пејзаж на толку различни духови што модерниот посматрач останува без текст.

Уште во 1890 година од тресетиштето го извлекле тргачи по злато. Оваа реликвија - или она што е останато од неа - е изрезбана од големо стебло на ариш. Расфрлени во правилни геометриски облици има осум човечки лица, секое со прорези за очи.

Устите кои се наоѓаат на врвот, сместени во главата која изгледа како наопаку завртена солза, ширум се смејат и делуваат помалку вознемирувачки.

„Тоа лице на самиот врв не е нималку пасивно“, вели Томас Тербергер, археолог и челник на одделението за истражување на Департманот за културно наследство во Долна Саксонија, Германија. „Не можеме да знаеме дали вреска, вика или пее, но секако емитува некаква моќ, и тоа помалку малеволентна моќ. Уште од почетокот е јасно дека не ви е некаков пријател“.

Во археологијата, преносните праисториски скулптури се нарекуваат „мобилна уметност“. Но освен Шигирскиот идол, не преживеала ниедна дрвена скулптура од каменото доба. За нејзината точна старост се дискутираше сè до 1997 година, кога руските научници успеаја да утврдат дека не е помлада од 9 500 години.

Д-р Тербергер и неговиот тим, составен од германски и руски експерти, во 2014 година земале примероци од внатрешноста на идолот, користејќи спектометрија. Тоа дополнително го продолжи векот на оваа скулптура: се чини дека е настаната пред околу 11 600 години, кога Евроазија сè уште изглегувала од последното ледено доба. Статутата е повеќе од двојно постара од египетските пирамиди или Стоунхенџ и претставува прво познато дело на ритуалната уметност во човечката историја.

Една нова студија, во која повторно учествуваше истиот тим, објавена во журналот „Quaternary International“, сега уште повеќе го продлабочува знаењето за праисторијата. Се тврди дека Шигирскиот идол е постар за уште 900 години, што значи дека е меѓу првите уметнички дела од Евроазија од каков било вид.

„Идолот е изрезбан за време на големите климатски промени, кога раните шуми се ширеле по должина на малку потоплата доцна глацијална или постглацијална Евроазија“, вели професорот. „Како што се менувала природата, така се менувала и уметноста, од фигуративните прикази и релативно верно насликаните животни во пештерите.“

Томас Тербергер

Студијата ѝ фрла ракавица в лице на етноцентричната теза дека сè што имала Европа дошло од земјоделските заедници од Плодната месечина пред околу 8 000 години.

„Уште од викторијанската ера, западната наука зборува дека европското знаење било супериорно, секако подобро од она 'другото'“, вели Тербергер. „Ловците-собирачи биле сметани за инфериорни во однос на раните земјоделски заедници кои се појавиле во Левант. Во исто време, археолошките докази од Урал и Сибир се занемарувани или омаловажувани“.

Жоао Зиљао, палеоантрополог од Универзитетот во Барселона, кој не учествувал во студијата, вели дека главна порака на ова истражување е дека недостатокот на докази не значи доказ за недостаток.

Со тоа се сложува и Олаф Јорис, од Истражувачкиот институт за археологија во Лајбниц.

„Новите докази за Шигирот прават археолозите сега да сонуваат како би изгледала целата наука ако дрвените остатоци биле подобро сочувани“, вели тој.

Шигирскиот идол, наречен по мочуриштето во кое е пронајден, веројатно стоел на камен постамент две или три децении, пред да го прекрие одамна пресушеното палео-езеро. Таму го чувале микробиотските култури од тресетиштето. Во 19 век, под калта било откриено злато, а сопственикот на овој посед, грофот Алексеј Стенбок-Фермор, ангажирал мануелни работници да копаат руда.

Идолот е откриен на длабочина од околу четири метри, и е извлечен во десет фрагменти. Потоа, деловите се однесени стотици километри подалеку, во Екатерингбург, каде биле изложени во она што денес е Регионален музеј во Свердловск.

Тогашниот управник на музејот му дозволил на шефот на железничката станица, Димитриј Лобанов, археолог-аматер, да ги состави главните фрагменти во речиси три метри висока фигура со прекрстени нозе.

Се чинеше дека во најдобар случај, Шигирскиот идол подолго од еден век е само занимливост стара неколку илјади години.

Радиојаглеродните анализи од 1997 година беа дочекани со потсмев, бидејќи некои научници сметаа дека не постои шанса артефактот да биде толку стар. Некои одеа толку далеку што тврдеа дека сè е фалсификувано.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report