Роман на годината 2020: „Изгорени души“ и „Курвински хроники“ (16)

30.06.2021 15:30
Роман на годината 2020: „Изгорени души“ и „Курвински хроники“ (16)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

„Изгорени души“, Ѓорѓи Прчков, „Графо -пром“, Битола

Саботен ден. Константин, Симона и баба Ката автомобилот во Светонеделските гробишта во Битола ги однесе. Баба Ката го сети дека за некаде му се брза, дека не му е по волја на гробишта да ги носи, ама под принуда дека е.
Набрзина кај синот свеќа запалија, набрзина и на гробот на синот на баба Ката запалија. Како обично да се исплачат, душата колку - толку да си ја олеснат не останаа.

Константин, Симона и баба Ката да ги однесе во станот брзаше и често во часовникот погледнуваше. Баба Ката секое негово движење му го следеше, Симона не, таа за синот си тажеше, што не го исплака на гробот го оплакуваше на седиштето во автомобилот.

Константин до станот ги однесе, не ги ни испрати до дневната соба, на баба Ката не ѝ помогна скалите да ги искачи, ги остави двете да вложуваат напор до станот да одат, по скалите да се тетерават. Константин со автомобилот некаде јурна, бучеше силно и многу чад фрлаше.
Двете под рака се фатија и лека полека задишани, на секоја втора - трета скала починка правеа додека во станот нѐ влегоа.

Кога до здив дојдоа, разговорот го отпочна Симона, на баба Ката ѝ велеше:

-Овој од брзање очи истера, баба Ката за каде толку брзаше, според мене обавува нечисти работи, скриени од нас, Господ умот да не му го зел, та по патот на ѓаволот кинисал!

Баба Ката се замисли. Низ главата ги испреврти сите пороци што ги поседуваат мажите, ама да открие ѝ беше тешко, всушност ги откри, ама во ниеден порок Константин не можеше да го сврсти, зашто како таква личност не можеше да го прифати, Костантин за неа беше човек со стабилен карактер - прекрасен човек. Баба Ката знаеше дека ваквите луѓе понекогаш знаат да изненадат, и таа Константин го прими со извесна доза на резерва. „Кој ќе му знае, можеби и да се лажам“ - си помисли.

Едно време Симона, да ја прекине мачната атмосфера, на друга страна да ја заврти, на баба Ката ѝ рече:

- Бабо ако некогаш од кај нас си отидеш ќе ти треба фрижидер, храната да си ја заштитиш, во фенер со Константин како што рековте тоа е несигурна и примитивна работа!

- Ќерко, од каде пари јас за фрижидер, ќерко за основните работи се нема, за храна се нема, се гладува, да ти кажам право со вас се најадов, гледам и по малку салце, лојца по снагата почнала да ми се таложи, а многу важно што ми е силите во организмот почнале да ми се враќаат, од стапот да се влечам повеќе потреба немам!

- Баба Ката, јас ти велам ако случајно од нашиот дом си одиш, јас тоа не го сакам, ама и самата гледаш како брачните води ни се разматуваат, ако сосема ни се разматат кој знае со нас што ќе излезе, можеби...Не дорече Симона!

„Курвински хроники“, Александар Русјаков, „Арс Либрис“

Повторно полудев. Кој сум, по ѓаволите, јас? Што ќе остане по мене? Курвите во холивудските филмови завршуваат со хепиенд. Животот не е холивудски филм.Мојот живот е Б-филм.Преполн порнографија, Б-филм. Што навистина ќе остане по мене? Непотребно истрошено семе. Бескорисни воздишки исфрлени во празнотијата на вечноста. Јас сум курва, го задоволувам туѓиот глад за перверзија. А некогаш сакав да се вљубам. Да имам деца, семејство. Јас сум празнотијата на гревот. И таа празнотија мора да се наполни со лош алкохол. И со несреќата на курвите пред Министерството за внатрешни работи. Звучи неверојатно, но тие се таму, меѓу Судот и Министерството. Градските курви. Оние најбедните, најсиромашните, очајните. Полни полови болести и модринки по телото од страста на насилниците.

Каква само иронија. Моите ноќни колешки. Понекогаш, кога ќе полудам, одам кај нив.Им носам пари.Се опиваме до бессознание.

Страшна главоболка ми ги отвора очите. Лежам гол во својата постела. До мене 'рчи курва. Не ѝ го знам името. Полека се подигам. Во главата ми пулсира болка. Мешавина од испрекинати мисли. Го тргам чаршафот од заспаната жена. И таа е гола. Повторно ја покривам. Полека излегувам од постелата. Мамурен сум, убиен. Се обидувам да си ги пронајдам алиштата. Расфрлени низ собата.Сигурно сум закачил некој сифилис. Или трипер. Ги собирам парчињата облека едно по едно. Гаќите ги најдов кај прозорецот. Се наведнав, ги земав, се исправив. И тогаш ја видов. Долу на тротоарот спроти мојата куќа. Непозната девојка. Не ѝ давам повеќе од осумнаесет години. Гледа кон мојата куќа. Само стои и гледа. А потоа ја подига главата.Ме здогледува на прозорецот. Стојам гол и гледам во неа. И тоа трае. Некое време. Стоиме и се гледаме. Курвата гласно кива.

-Сѐ ти ебам...- вели.
-Треба да си одиш- велам.
-Кој кур си ти?
-Тој што те плати. Облечи се и оди си.
-Може да се истуширам барем?
-Не.
Излегувам.

Влегувам во дневната соба. Брзо се облекувам.Веднаш одам кон прозорецот. Погледнувам низ него.Надвор, отаде улицата, стои девојката. Стоиме така извесно време и се гледаме. Јас на прозорецот, таа на улицата. Нема трепнување, нема вртење на главите.Само така стоиме и се гледаме. Што, по ѓаволите, се случува? Која е таа девојка? Можеби полудувам. Халуцинирам. Морници ми лазат по грбот. Курвата влегува во дневната соба. Облечена е.

- Извини! - вели.
- Зошто?
- Бев вулгарна.
- Ништо важно.
- Кога се будам по ваква ноќ, мамурна сум и лоша.
- Јас се будам лош по секаква ноќ.
- Ти си писател?
- Не сум.
- Вчера ми рече дека си писател.
- Бев пијан.Уште сум. Неважно е тоа.

Насловна слика: Neetasha Joshi

Кон претходните делови