Патувачкото кино на МакеДокс во Кратово и Шлегово, следува Штип

01.07.2021 11:22
Патувачкото кино на МакеДокс во Кратово и Шлегово, следува Штип

Првите две локации на кои стигна „МакеДокс“ на своето 12-то патешествие со Патувачкото кино беа Кратово на 25 јуни и селото Шлегово на 26 јуни.

„Во Кратово, гратче кое самото е извор на голем број средновековни и современи приказни, а помеѓу кулите, мостовите и подземните тунели е распната богата историја, проекцијата се одржа во дворот на Домот на културата. Само неколку километри понатаму, на патот од Кратово кон Пробиштип, во селото Шлегово проекцијата се одржа во дворот на основното училиште „Кочо Рацин“.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава го смени својот формат и се одржува во текот на четири викенди во месеците јуни, јули и септември. Првиот викенд беше одбележан со јубилеј. Имено, во селото Шлегово се случи 80-та проекција на Патувачкото кино во неговото 12-годишно патешествие низ државата, а во 2019 посети и три населени места во Албанија“, соопштуваат од МакеДокс.

Следниот викенд (2 и 3 јули) Патувачкото кино ќе се смести во Домот на младите во Штип, каде, покрај програмата за најмладата публика, во форма на авторски вечери ќе бидат прикажани документарни филмови на Сашко Потер Мицевски.

Проекциите почнуваат во 21 часот, ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.