Измените во законот за странци во Словенија македонските студенти можат да ги вратат дома

01.07.2021 12:52
Измените во законот за странци во Словенија македонските студенти можат да ги вратат дома

 
 Во Словенија неодамна се донесоа контроверзни законски измени кои го отежнуваат добивањето визи за странските студенти кои сакаат да студираат на некој од тамошните универзитети.

Според амандманот усвоен во март без знаење на јавноста, странските студенти мораат да докажат поседување финансиски средства во висина од речиси 5000 евра за да добијат виза за една академска година, што за огромен број од нив ќе биде невозможно да го обезбедат. Ваквите измени се само уште едни во низата, кои го отежнуваат живеењето на странските државјани во Словенија.

Досега за привремен престој на студентите на возраст до 26 години беше доволна само едноставна изјава од старателите дека ќе ги издржуваат своите деца во странство обезбедувајќи адекватни средства. Со донесените измени, пак, студентите мораат да докажат финансиски средства во висина на минималната плата во Словенија (околу 403 евра месечно), за цела студиска година однапред. Тоа се вкупно околу 4800 евра. (За студентите постари од 26 години овој услов и досега важеше.) Притоа треба да се земат предвид и онака големите почетни трошоци при доаѓањето во Словенија, а и фактот дека студентската работа на странските студенти е двојно оданочена. Тие немаат пристап до студентски домови, поради мерките за штедење им беа скратени стипендиите, а сега им се отежнува и процесот за добивање виза за престој во земјата. Впрочем, бараните средства со измените претставуваат висока сума дури и за словенечките студенти.

Ситуацијата дополнително се комплицира со фактот што новиве прописи се донесуваат три месеци пред рокот за поднесување документи за следната академска година, и тоа без соодветно информирање. Тоа значи дека не само што бројот на нови странски студенти во Словенија ќе биде значително намален, туку и дека оние чии студии веќе се во тек или кои се пред дипломирање, ќе го изгубат правото на привремен престој и ќе бидат принудени да се вратат во матичните земји.

Заедницата од поранешните југословенски земји е најголемата заедница на странски државјани во Словенија. Според словенечкиот Завод за статистика моментално бројот на странските студенти изнесува околу 7600, односно 10% од вкупниот број. Од нив најголем дел, околу 60%, доаѓаат од Западен Балкан (а уште 20% од Хрватска, која припаѓа на ЕУ). Оттаму, очигледно е дека тие најсериозно ќе бидат погодени од овие измени.

Македонските студенти имаат право на бесплатно студирање во Словенија врз основа на склучен билатерален договор помеѓу државите, што е поттик за голем број млади. Истото важи и за останатите земји од поранешна Југославија.

Марко Дурдубаков од С. Македонија е еден од оние кои поради билатералниот договор и квалитетот на образовниот систем минатата година своите втори додипломски студии ги запишал на Философскиот факултет во Љубљана. Сега, неговото понатамошно образование е загрозено: „Многу е тешко да се одлучиш да се преселиш 1000 км подалеку од дома, со цел да студираш и тоа на туѓ јазик – тоа е доволен предизвик по себе. Како иден социолог сметам дека оваа промена на Законот за странци е подмолна, донесена преку ноќ, во ек на Корона криза (во која веќе две години образованието е експериментално), во ек на испитна сесија и на прагот на нова економска криза. Ова би значело крај за многу студенти кои не би имале доволно средства на самиот почеток од студиите а голем број од нив не се ниту запознаени со овие измени. Доста остри критики за промената на Законот беа испратени и од трите најголеми Универзитети во Република Словенија, кои порачуваат дека интернационализацијата на нивните факултети е важна и потребна. Целава ситуација е доста, би рекол смешна, бидејќи од страна на владејачката гарнитура ова значи: ‘Сакаме интернационализација во нашето образование, но не сакаме да е од просторите на поранешна Југославија’. Се работи за стигматизација, која станува сѐ порадикална.“

Според Марија Јеремиќ, српска студентка по компаративна книжевност во Словенија, која активистички се заложува за ширење на свеста за последиците од законскиве измени, овој амандман претставува елегантно решение за намалување на бројот на странски студенти без да се прекршат склучените билатерални договори.

За донесувањето на амандманот словенечката влада се повикува на ЕУ директивата од 2016. Од академската заедница, пак, тврдат дека ЕУ регулативата тоа не го бара.

Информацијата за амандманот се раширила во јавноста кога проф. д-р. Роман Кухар, декан на Философскиот факултет во Љубљана, објавил за него на својот фејсбук профил. Кухар изјавува: „Промената на Законот за странци, која беше извршена набрзина и далеку од очите на пошироката стручна јавност, на странските студенти непотребно и бирократски им го ограничува студирањето во Словенија. Иако Универзитетот во Љубљана веќе некое време моли за конкретно објаснување, тоа и понатаму не е дадено. Она што е спорно и невистинито е секако првичното тврдење на авторот на овој Закон, дека промената е неопходна заради европските директиви. Европската директива исклучиво бара од странците, за потребите на привремената дозвола за престој, да приложат адекватна финансиска состојба. Оваа директива не е променета ниту пред промената на Законот за странци во Словенија. Зошто во тој случај не важи веќе изјавата на родителите? Зошто менуваме нешто што функционирало и не претставувало проблем досега?“


Официјалниот одговор на Министерството за внатрешни работи на Словенија, накратко, е дека се работи само за мала административна промена, која не го менува суштински процесот на добивање виза. Наспроти тоа, противниците на овие измени објаснуваат дека главниот проблем се состои во постоењето различни начини на кои овој Закон може да се интерпретира. Според нив, таквата ситуација го префрла тежиштето на одлуката врз управните единици, што ја комплицира можноста за жалба на апликантите.

Роман Кухар ја поддржува оваа дијагноза: „Новонастанатата конфузност придонесува само за загриженост кај странските студенти во Словенија. Нејасните правила им носат улога на ‘мали богови’ на административците кои одлучуваат за судбината на овие студенти. Мораме веднаш, јасно и гласно, да го запреме анти-интелектуализамот скриен во перфидните административни постапки.“

Токму затоа, Марија Јеремиќ, која веќе девет години живее во Словенија, целата ситуација ја гледа како „елегантен начин начин за завршување на нашите животи овде“. Таа вели: „Тие услови не се логични, туку се само обид да нѐ избришат одовде. Мене законов, спротивно на тврдењата на законодавците, ме става во катастрофална финансиска положба, бидејќи не знам колку треба да жртвувам сега за да ја продолжам визата во септември. Префрлувањето на моќта за одлука врз управните единици укажува дека постои јаз меѓу правната теорија (дека студентските визи се право на студентите) и управниот став (дека визите сега имаат своја цена). Цената е исто така и во понижувањето кое доаѓа со тоа. За нив таквата ‘бирократска измена’ не е никаква голема промена, но за нас претставува крај.“

Сепак, во јавноста во Словенија нема свест за значењето на ваквите настани. Според анкетата што ја спровеле странски студенти волонтери во јуни, најголем дел од анкетираните немаат основни познавања за Законот за странци - што тој содржи, на кого се однесува и како е носен. Ваквите резултати се индикативни бидејќи покажуваат дека оваа вест не е присутна во медиумите и дека постои простор јавноста да се образова за односот на државата кон странските студенти.

Марко Дурдубаков вели дека најголем дел од студент(к)ите реагираат многу пасивно на овој Закон не сфаќајќи ја сериозно ситуацијата која ги очекува, и тивко се надеваат дека до септември нештата самите ќе се расчистат: „Македонските студенти генерално на почеток изреагираа, но само површно, без преголема ангажираност. Целосното нивно ангажирање траеше два-три дена и на крајот се повлекоа, бидејќи никој не сака да е во првите борбени редови иако сите сакаат да се промени Законот. Тоа е жално бидејќи доста од нив проблемите ќе ги почувствуваат во септември, кога сето ова ќе се претвори во една голема мешаница, помеѓу институциите (на шалтерите, кои ‘само го следат Законот’) и странските студенти.“


Ваквите настани може да се набљудуваат и во поширок општествен контекст. На измените за странските студенти им претходеа измени за странските работници во Словенија. Горан Лукиќ, претставник од Работничко советувалиште и активист за правата на мигрантските работници во Словенија, објаснува дека ваквите тенденции кон отежнување на животот на странците во земјата постепено се развиваат подолг период: „Законот за странци почна да се менува уште во 2018 година, и уште тогаш имаше промени во правец да се искомплицира нивната позиција. Првата важна работа беше продолжувањето од една на две години на периодот што работникот/чката мора да го помине во Словенија за да може да си го доведе семејството. Законодавецот тврди дека е тоа добро за работникот/чката, бидејќи ќе има една дополнителна година за економски да се подготви за пристигање на семејството. Уште една точка е дека во адекватните средства што се земаат предвид исфрлија одреден дел од платата. Тоа значи дека после две години работникот/чката, иако смее да си го донесе семејството, може да се случи врз основа на новиот закон да нема доволно пари за тоа.

А потоа започна приказната околу студентите. Уште во декември владееше таквиот тон околу странските студенти, дека мораат да имаат адекватни средства, но тогаш никој не обрнуваше внимание на тоа. Кулминација во јавноста се случи кон крајот на мај, кога конечно се рашири информацијата за конкретните измени.“ Според Лукиќ, клучно е да се увиди дека на овој начин законодавецот ги изедначува сите статуси на странски лица во земјата: било да си странски работник или странски студент – условите за виза се исти.

Хана Радиловиќ, претставничка од Движењето за достојна работа и социјално општество и активистка, вели: „Последниот голем инцидент поврзан со студентите беше пред неколку години, кога после финансиската криза владата воведе одредени мерки за штедење, кои најмногу ги таргетираа и ги ставија во лоша економска ситуација токму странските студенти. Тогаш ние го истакнувавме слоганот ‘Чии студенти сме ако не ваши?’ Сега повторно го поставувам истото прашање. Самото категоризирање како ‘странски студенти’ за студентите без ЕУ државјанство сугерира туѓинство. Бидејќи, голем број од нив не се навистина странци во Словенија, напротив, долго време се дел од словенечката култура. Не се тоа луѓе на минување во Словенија, туку се барем делумно Словенци - наши колеги, соседи, пријатели.“

Хана истакнува и дека дури и ако ги заборавиме на миг сите овие технички детали, клучното прашање е зошто ова се случува. Таа забележува дека Министерството за внатрешни работи во јавноста ја пласира идејата дека студентите некако ја оптоваруваат Словенија, дека се некаков баласт кој зема повеќе отколку што дава. Но, според неа, тие немаат никаква статистика ниту доказ што би ја потврдил таа теорија.

Деканот Роман Кухар вели дека тековната ситуација не го изненадува бидејќи моменталната влада во Словенија е противлиберална, и дека тоа, меѓу другото, се манифестира врз странците.

Сепак, тој смета дека, доколку се направат соодветни напори за спротивставување, постои надеж една единствена интерпретација на Законот да стане фиксна и таа да се дистанцира од она што е документирано во интерните упатства за администрацијата. Кухар најави протести на сите три ректорати: „Ако не се делува брзо – септември, месецот кога повеќето студент(к)и ја уредуваат својата привремена дозвола за престој во Словенија, е речиси тука – ќе го посведочиме тивкото бришење на студент(к)ите, кои ќе бидат принудени да ги прекинат своите студии во Словенија и да се вратат дома.“

Марија Јеремиќ повикува дека единствен начин ова да се промени е да се врши што поголем притисок, и тоа не само од Словенија туку и од матичните земји: „Амбасадите и министерствата мораат да се активираат. Единствено решение е јавниот притисок. Поради начинот на кој е донесен Законот јасно е дека Министерството нема да ја промени одлуката само од себе. Организациите кои ги контактираме имаат функција да поддржат поширока медиумска акција која ќе ја информира нашата и словенечката јавност за тенденцијата кон институционализирана дискриминација спрема мигрантите кои во најголем број припаѓаат на поранешните југословенски нации. Во интерес на словенечкото Министерство за внатрешни работи е да се задржи блокадата на информациите меѓу нашите држави и Словенија.“

Јеремиќ ја потенцира опасноста дека се работи за долгорочен потег на Министерството, кој ќе отвори пат да продолжат со слични методи во иднина.

Последниот одговор на министерот за внатрешни работи Алеш Хојс на писмото од Работничко советувалиште во кое се бара повлекување на измените, укажува на тоа дека министерството нема слух за реакциите на јавноста.

ОкоБоли главаВицФото