На Исланд се гради постројка која отстранува јаглерод диоксид од атмосферата

02.07.2021 01:13
На Исланд се гради постројка која отстранува јаглерод диоксид од атмосферата

Иако можеби во моментов климатската криза не ви изгледа толку драматично, последиците од глобалното затоплување сè повеќе се гледаат и чувствуваат, без разлика дали тоа се пожари, суши, поплави, екстремни бури или, на пример, негативното влијание врз здравјето на луѓето и нивната општа благосостојба. За овие последици да не станат уште поекстремни и позачестени, неопходно е да се исполнат целите поставени со Парискиот договор. Меѓутоа, научниците се сложуваат дека тоа веќе не е можно да се изведе само со едноставен прекин на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, туку е неопходно и да отстраниме одредена количина јаглерод диоксид од атмосферата.

Меѓу различните пристапи за намалување на атмосферската концентрација на јаглерод диоксид е и неговото директно извлекување од воздухот (Direct Air Capture). Кога јаглерод диоксидот ќе се отстрани од воздухот, потоа вообичаено или повторно ќе се искористи, на пример за преработување храна, или трајно ќе се складира во длабоки геолошки формации, со што впрочем се постигнува јаглеродна негативност, зашто овој гас со ефект на стаклена градина трајно се отстранува од атмосферата отколку што се емитува во неа.

Швајцарската Climeworks е една од компаниите кои развиваат ваква технологија, а со својата најнова постројка на Исланд (Орка) има за цел годишно да отстранува 4 000 тони јаглерод диоксид од атмосферата. Заради споредба, толкава количина јаглерод диоксид од атмосферата на годишно ниво „извлекува“ една шума со површина од околу 18 квадратни километри. Ваквиот улов би ја направил Орка најголема постројка на светот со позитивно влијание на климата досега. Планирано е Орка да почне со работа годинава.

Како да се фати јаглерод диоксидот?

Climeworks директно го фаќа јаглерод диоксидот со помош на модуларни собирачи, кои можат да се поврзуваат и да изградат постројка со која било големина. Овие собирачи селективно го фаќаат јаглерод диоксидот во два чекори.

Прво, воздухот се вовлекува во собирачот со помош на вентилатор. Потоа, јаглерод диоксидот се собира на површината на високо селективен филтер кој се наоѓа во собирачот. Второ, кога филтерот ќе се наполни со јаглерод диоксид, собирачот се затвора. Потоа, температурата во собирачот се зголемува на 80 до 100 степени целзиусови, со што се ослободува од филтерот и собира прочистен јаглерод диоксид во високи концентрации. Еден собирач може да фати околу 50 тони јаглерод диоксид во текот на една година.

Сите постројки на Climeworks за директно фаќање јаглерод диоксид од воздухот, се напојуваат со енергија од обновливи извори или енергија добиена при третирање отпад. На секои 100 тони јаглерод диоксид фатен од воздухот, најмалку 90 тони се отстрануваат трајно, додека 10 тони се реемитуваат во атмосферата.

Што се прави со фатениот јаглерод диоксид?

Вака изолираниот јаглерод диоксид од атмосферата сега може да се рециклира и да се искористи како сировина, на пример за производство на газирани пијалоци или за производство на обновливи синтетички горива.

Покрај рециклирањето, изолираниот јаглерод диоксид може и трајно да се отстрани од атмосферата, со геолошко складирање. Climeworks за таа цел ги здружи силите со исландската компанија Carbfix. Оваа компанија обезбедува природно и трајно складирање со претворање на јаглерод диоксидот во камен, процес за кој е потребен период пократок од две години.

Значи, Climeworks го фаќа јаглерод диоксидот од атмосферата, а потоа Carbfix го меша со вода и со помош на пумпи го испраќа длабоко под земјината површина. Во процесот на природна минерализација, јаглерод диоксидот реагира со базалтните карпи и за неколку години се претвора во камен. Со овој пристап, јаглерод диоксидот се отстранил од атмосферата и се вратил во земјата, трајно и на безбеден начин.

Зошто е неопходно јаглерод диоксидот да се отстрани од атмосферата?

Повеќе различни научни студии и испитувања укажуваат дека, покрај престанување на емитувањето гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата, неопхопдно е и од неа да отстраниме дел од јаглерод диоксидот кој досега сме го емитувале, доколку сакаме да ги постигнеме целите предвидени со Парискиот договор.

Климатските модели кои се применуваат во моментов предвидуваат дека декарбонизацијата нема да може да се спроведе доволно брзо и дека до средината на овој век ќе биде нужно да се отстранат околу 10 милијарди тони јаглерод диоксид од атмосферата секоја година, за температурата да не се зголеми за повеќе од 1,5 степени до крајот на векот. Засега, светот ги нема овие капацитети, но со развивање технологии како што е директното фаќање од атмосферата во спрега со геолошкото складирање, шанси постојат.

За да се следи уште колку јаглерод диоксид смее да се емитува во атмосферата, а притоа да не се пречекорат климатските цели поставени со Парискиот договор, воведен е поимот јаглероден буџет. Земајќи ги предвид досега емитуваните количини јаглерод диоксид, се проценува дека на светот му преостануваат 8 проценти јаглероден буџет, кој со моменталното темпо на емисиите би можел да се исцрпи во наредните десет години.

Јаглеродниот буџет ни кажува колку точно јаглерод диоксид може да се емитува во атмосферата и колку мора да се отстрани. Доколку се пречекорат емисиите на јаглерод диоксид над проценетиот буџет, средната глобална температура ќе се зголеми за повеќе од 1,5 степени до крајот на 2100 година. Бидејќи буџетот речиси е наполнет и бидејќи нема многу време, мошне е важно што побрзо да се отстрани јаглерод диоксидот од атмосферата. Двата базични пристапи се решенија засновани на природата и се воедно и јаглеродно негативни технологии.

Високите трошоци како отежнувачки фактор

Она што ја забавува понатамошната имплементација на овој начин на отстранување на јаглерод диоксидот од атмосферата е високата цена во споредба со другите опции. Меѓутоа, со понатамошниот развој на технологијата се очекува трошоците да паѓаат, додека истовремено се очекува цената за емитување јаглерод диоксид да продолжи да расте, што отвора простор и за поширока примена на постројките кои го фаќаат јаглерод диоксидот директно од воздухот.

Climeworks дури им нуди и опција на граѓаните да се претплатат на нивната веб страница и да придонесат во отстранувањето на јаглерод диоксидот од атмосферата. На нивната официјална веб страница секој може да избере соодветен план, на пример, за 7 евра месечно на годишно ниво на овој начин можете да отстраните 85 килограми јаглерод диоксид од атмосферата.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/