Волгоградска, 1987

02.07.2021 11:55
Волгоградска, 1987

Сликава од мене како скокам јаже е од 1987 година. Ме сликаше татко ми. Имам шест години, лето е, на гости ни се две пријателки од Америка. Маслинесто-зеленото количе зад мене е нашето Фичо. Паркирано е точно пред руската зграда во која живееме, во нашиот случај, „хармоника“: ниска, бетонска зградичка отпорна на земјотреси, изградена како дел од планот да се обнови разурнатото Скопје по стравотниот земјотрес во 1963 година. Името на улицата е Волгоградска. Како и други улици, и таа е именувана во знак на благодарност кон градовите и земјите што покажаа солидарност во справувањето со последиците од земјотресот. Букурешка, Анкарска, Мексичка, Хелсинки, Московска, Дамаска... ова се улиците на моето маало.

Ваквите маала се раскошно зелени, хумано чувствителни кон своите жители. Меѓу зградичките и куќичките се гнездат паркчиња. Толпи разиграни деца трчаат наоколу. Наеднаш, грстови бели облакодери никнуваат таму каде што порано се ширеле пусти полиња и мочуришта. Ги сакаме овие нови згради и ги викаме „убавици“. Една од овие убавици ѕирка зад мене на сликата, извивајќи се над крошните од липите.

Ги носам влечките со Штрумфови што ги имаа сите девојчиња. Се сеќавам дека посебно бев горда на фустанчето, зашто модата не беше силна страна на Југославија. Штом жените подостарат и станат баби, се облекуваат како жените зад мене. Удобни кожни влечки, цветни фустани, или прави здолништа до под колена и еднобојни кошули. Ова се бабите и мајките на народот, негувателките. Секое утро во шест нè будат со мирисот на она што го викаме запршка – кромидот, брашното и зачините што се пржат на летните балкончиња за потоа да се стават во манџата што семејството ја јаде штом возрасните се вратат од работа. Мајките и бабите стануваат рано, готват ручек, одат на работа, се враќаат дома, ручаат.

Додека трае попладневната дремка за другите, чистат и готват, потоа пишуваат домашни со децата. Мажите седат надвор на клупи и пијат ракија или пиво. Некогаш се преправаат дека си ги поправаат старите коли, Дијаните, Југата, Стокецовите и Фичовците. Долго и запотено се возиме напикани во овие коли, одејќи на летни одмори. Но не брзаме, зашто одморот трае барем еден месец.

Родена сум во 1981 година и ова е онаа Југославија што ја знам, ова е Југославијата на моето детство. Како и секој човек кому му недостасуваат безгрижните денови на младоста, понекогаш оваа носталгија ја мешам со копнежот по земјата што веќе ја нема. Но знам дека ова не е вистина, исто колку што знам дека не сите имале детство исполнето со љубов, изобилие и праведност.

Овој текст е оригинално објавен во австриското списание „Клајне Цајтунг“ како обележување на 30 годишнината од распадот на Југославија

 

Слични содржини

Балкан / Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото