Варанот ветеран

02.07.2021 16:33

На островот Комодо
живеел варан ветеран,
еден од најстарите жители на планетата.
За жал, бил изолиран, од никого баран,
и затоа се осеќал малце разочаран.

Всушност, со сите бил скаран
зашто му велеле дека е чудовиште:
„Левијатан! Калибан!“
Му велеле дека е таков змеј и азган
што поради него се кријат под јорган
сите островски животни:
од павијан до орангутан,
од кајман до корморан,
сите добивале сафра
и фуфка им било топтан.
Од варанот ветеран
наводно немал дерман
дури и песот доберман!

А дали навистина стариот варан
на животните им бил душман?
Стварно некое отишло курбан?
Блуел оган? Предизвикувал оркан
или цунами бран во Индискиот океан?

Не! Зашто заби веќе немал нашиот вeтеран!
Јадел само шафран и патлиџан!
И уживал во мирисот на јоргован!

А од паднатите заби на стариот варан
островскиот врач, Просперо, си направил ѓердан.

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото