1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Поминувам секој ден покрај неа. Преубава куќа на брегот на реката Рибница, во центарот на Подгорица, со ѕидана ограда која потсетува на шпанските хациенди, со полукружни отвори низ кои „ѕиркам“ да се „напијам“ од нејзината убавина. Еднаш, портата беше отворена и се осмелив да влезам два-три чекори во некогаш, очигледно, раскошната бавча, како да влегувам во некоја тајна градина. И секој ден наново ѝ се восхитувам, а до неодамна се прашував – чија ли е, и што претставува? Очигледно, никој не живее во неа, и во неа не се случуваа никакви активности…
До пред месец-два. Прво, видов дека во градината е донесен градежен материјал а неколкумина работници влегуваа и излегуваа од куќата. Потоа, забележав дека на тротоарот е поставена информативна табла, на која пишува дека тоа е куќата на д-р Ристо Куслев, еден од првите забни лекари во Подгорица, и дека ја изградил по неговото преселување од Цетиње, во 1916 година.
По името веднаш насетив дека се работи за Македонец, а тоа потоа го потврди и мојата мала истрага на интернет. Изворите кажуваат дека д-р Ристо Куслев е Македонец, бил близок соработник на Гоце Делчев и учествувал во Илинденското востание. По востанието заминал во Женева каде што студирал стоматологија, а по дипломирањето дошол во Цетиње, престолнината на тогашното Кралство Црна Гора, каде што имал своја стоматолошка пракса. Бев воодушевена – јас, Македонка во Подгорица, сум поминувала секој ден веќе две-три години и сум се вљубила, без да знам, токму во куќата на друг Македонец во Подгорица, кој живеел тука пред еден век…
Се разбира, веднаш помислив дека тоа е интересна приказна за македонската јавност, и го започнав моето новинарско истражување. А тоа ме доведе до директорот на Јавната установа „Музеи и галерии на Подгорица“, г-дин Вучиќ Четковиќ и неговата заменичка, г-ѓа Љиљана Кујунџиќ, кои ме примија мошне љубезно и ми појаснија дека станува збор за објект кој е културно наследство на Подгорица, и се наоѓа во сопственост на градот. Куќата се реновираше, а беше отворена со изложба на стари фотографии и архивски материјал, посветена на д-р Куслев и Подгорица од неговото време. Изложбата се отвори на денот на црногорски национален празник, 21 Мај, Денот на обновата на црногорската независност, а на свеченоста како гости на градоначалникот на Подгорица, г-дин Иван Вуковиќ, присутни беа и градоначалничката на Сараево, г-ѓа Бенјамина Кариќ и градоначалникот на Скопје, г-дин Петре Шилегов.
Бисерот на Рибница
За ликот и делото на д-р Куслев во Црна Гора со особена жар зборуваат м-р Вања Вешовиќ-Вуковиќ, авторка на изложбата и м-р Зорица Стијеповиќ, координаторка на проектот, двете вработени во ЈУ „Музеји и галерии на Подгорица“. Нивното залагање да се пронајдат стари документи и фотографии поврзани со д-р Куслев и неговото семејство нè враќаат еден век наназад, во старата Подгорица…
Во меѓународно признатата, независна држава Црна Гора на Берлинскиот конгрес 1878 година, Подгорица станува центар на административниот, стопанскиот и културниот живот. Се развива како европски град, поприма европски вредности. Плански се гради, се европеизира и се создава граѓански сталеж. Никнуваат велелепни градби, хотели („Европа“, „Југославија“, „Балкан“, „Империјал“) и приватни пансиони, меѓу кои и вилата на д-р Ристо Куслев, бисерот на брегот на Рибница, една од четирите реки на кои лежи градот.
М-р Вања Вешовиќ-Вуковиќ вели дека таа е ретка од величествените куќи и згради, кои во 1944 не се урнати со бомбардирањето на Подгорица. Всушност, врз куќата паднала бомба, го оштетила нејзиниот покрив, но не ја урнала, бидејќи паднала попречно, а не на капсулата и не експлодирала (подоцна била деактивирана). Така, таа останала како еден од ретките сведоци на балканска автентична архитектира од првите децении на 20 век. Заради интересната архитектура и извонредните амбиентални вредности и убавина, куќата е санирана и ќе се користи како изложбен простор на Јавната установа „Музеи и галерии на Подгорица“, но и за протоколарни потреби на Главниот град.
Домот на омилениот градски забен лекар, е изграден на почетокот на 20-тите години на 20 век, по неговото преселување од Цетиње во 1916 година. Куќата е градена по урнекот на балканската архитектура на 20 век, во фолклорен стил, почитувајќи ја локалната неимарска традиција. Подигната е на падините на брегот на Рибница, над рибничките пештери, така што подрумскиот дел ги зафаќа овие природни пештери, вели м-р Вешовиќ-Вуковиќ.
Куќата има разиграна, „разбиена“ архитектура, постигната со поврзување на два објекти со различен габарит, појаснува таа. – Разиграниот корпус на куќата го сочинуваат два поврзани делови. Прво е соѕидан двокатен објект, а потоа се доѕидани другите делови, спуштајќи се кон реката и совршено искористувајќи ја природната конфигурација на теренот. Убавината на оваа куќа ја сочинуваат скалилата, терасите, различната габаритност и катност, низата прозорци во неколку нивоа, влезните отвори, пространите оградени тремови и тераси. Највпечатлива е кога се посматра од реката Рибница. Од западната страна била оградена со висок ѕид од кршен камен, а кон улицата со малтерисан ѕид со неколку лачно засводени отвори и 2 капии.
Д-р Куслев имал три деца – ќерката Јелена и синовите Александар (Шандор) и Леонида (Лео). Со сопругата Винка (родена Матулиќ, по потекло од околината на Дубровник, Хрватска) просторот околу куќата го уредуваат како парк-градина, единствена во градот во тоа време. Имало медитерански билки – лимон, агава, портокали, леандри, како и прекрасно лозје, од кој се истакнувало мошне вкусното бело грозје… Д-р Куслев бил и пчелар, имал кошници во бавчата. Семејството во оваа градина често приредувало мали забави за подгоричките деца. За време на традиционалниот подгорички маскенбал „Сурети“, децата редовно ги посетувале д-р Куслев и неговата сопруга, а тие по обичај, ги честеле со некоја „ситна пара“, додава м-р Зорица Стијеповиќ.
Омилен заболекар и голем хуманист
Но, кој бил всушност д-р Ристо Куслев? Роден е на 24 март 1883 г. во Кукуш, тогашна Егејска Македонија. До трето одделение учел во своето родно место, а потоа во машката гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун. Уште како ученик се придружил на ВМРО, чија цел била ослободување на Македонија од отоманското ропство. Поради тие активности бил прогонуван од властите и кога работел како учител во Крушево, 1901 година. Од 1903 година активно соработува со Гоце Делчев, бил на чело на мала чета во струмичкиот крај и учествувал во Илинденското востание.
По задушувањето на востанието, заминал во Женева да студира стоматологија и во 1908 година добил диплома за хирург-дентист. Истата година во август се преселил во славното Цетиње, престолнината на Црна Гора каде што била столицата на Крал Никола.
Д-р Куслев на Министерството за внатрешни дела му ја приложил својата диплома стекната во Женева, а министерот Лакиќ-Војводиќ издал одобрение и притоа го истакнал образованието на д-р Куслев. Тој ја започнал својата пракса на Цетиње. Постојат записи, т.е. огласи во весникот „Глас Црногорца“ дека д-р Куслев патувал за да ординира во Вир Пазар, Даниловград, Подгорица, Никшиќ и Ријека Црнојевиќа.
За почитувањето на д-р Куслев од страна на кралскиот двор, говори податокот дека со Указ на Кралот Никола, на 22.12.1911, Министерството за странски дела му доделило „Златна медалја за ревност“. Откако Крал Никола бил принуден да ја напушти Црна Гора, во 1916 година и да замине во егзил, Цетиње го напуштил и д-р Куслев.
Се преселил во Подгорица, а својот кабинет прво го отворил во Стара Варош. Подоцна, по изградбата на куќата на Рибница, го преселил таму. Во неговата стоматолошка амбуланта ќе поникнат многу талентирани подгоричани кои ќе продолжат да се занимаваат со оваа медицинска гранка. Еден од нив е познатиот д-р Миленко Лаиновиќ, исто така омилен лекар на подгоричани. Д-р Лаиновиќ имал само 15 години кога д-р Куслев починал, во воената 1943 година. Тој ја продолжил работата во неговата амбуланта на брегот на Рибница, а подоцна станал доајен на црногорската и југословенската стоматологија.
Интересен е податокот дека на почетокот на 20 век, во тогашната патријархална Црна Гора, како забен лекар ординирала една жена – Евросинија Калуѓеровиќ, која го сместила својот заболекарски кабинет 1909 година во Подгорица.
Д-р Куслев бил познат добротвор и хуманист. Тоа се гледа и од писмото упатено до министерот за здравство (29. 5. 1921), во времето на туберкулозата која зела голем замав во Црн Гора. Тој му предложил низа решенија, меѓу кои бесплатно лечење на сиромашните, кои го претставуваат д-р Куслев како голем хуманист и лекар-професионалец.
– Поради неговата стручност, човечност и несебичното залагање, подгоричани многу го почитувале, вели м-р Вања Вешовиќ-Вуковиќ. – Овој космополит, а над сè хуманист, бил неуморен, секогаш „на нозе“, што и придонело да добие уремија од која починал на 19 септември 1943 г. Погребан е во дворот на црквата Св. Ѓорѓи под Горица. Неговата сопруга Винка исто така одиграла голема улога во меѓувоениот живот на Подгорица. За време на Втората светска војна отворила народна кујна за многубројните бегалци кои доаѓале од Метохија и други краеви. Се грижела за нивното сместување и на многумина им ги спасила животите.
По војната, Винка Куслева ја напуштила Црна Гора, отишла во Сараево каде што доживеала длабока старост, опкружена со внуците. Многу податоци, како и семејни фотографии, за изложбата во куќата на д-р Куслев, се добиени од неговите внуци – Владимир Куслев од Белград и Давор Куслев од Сараево. Денес, внуците и правнуците на д-р Куслев се раселени низ светот – во САД, Швајцарија, Италија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, продолжувајќи го неговиот космополитски дух.
А еден значаен дел од тој дух и тоа сеќавање го чува Подгорица. Истражувањето за куќата, ликот и делото на д-р Куслев за двете дами, авторката и координаторката на изложбата, претставувало своевидно патување низ времето.
„Сочуваните објекти или целини, екстериери или ентериери, фотографиите од минатото, записите за начинот на живеење на генерациите и поединците во децениите и вековите кои останале зад нас, се спој со нас денеска, со овој простор и овој момент во времето. Ништо не почнува само од нас, ниту завршува со нас“ – е мотото на оваа изложба.
Сеќавањето и почитувањето кои Подгорица и Црна Гора го негуваат кон д-р Куслев, е доказ за тоа.
Извор: vecer.press