Кумановската пошта во Перо Чичо украсена со нови мурали

05.07.2021 11:27
Кумановската пошта во Перо Чичо украсена со нови мурали

Мала пошта бр. 1310, омилена на граѓаните од населбата „Перо Чичо“ во Куманово конечно доби ново руво. Малата пошта е лоцирана на јавен простор опкружен со игралиште, зеленило и содржини за деца, но фасадата беше испишана со неугледни натписи. „Токму поради поставеноста на овој објект во јавниот простор заедно со група локални уметници од Куманово дојдовме на идеја да ја разубавиме фасадата со мурали“, велат од Центарот за современи уметности Скопје, кои заедно со локални уметници од Куманово предводени од уметникот Дејвид Стоилковски изведоа уметничка акција врз овој објект.

„Идејата на Локалната иницијатива за осликување на Малата пошта со поштенски мотиви од современа и историска тематика беше од група млади уметници од населбата Перо Чичо, предводени од уметникот Дејвид Стоилковски. Инспирацијата за оваа акција можеби беше потсвесно скриена од изминатиот 18 месечен пандемиски период, кога всушност сите и лично се уверивме во важноста на поштенскиот сервис и поштенските услуги“, соопштуваат Центарот.

На четирите страни од фасадата на Малата пошта се насликани различни поштенски содржини кои, велат тие, на самиот објект му даваат нова форма и изглед. И некогашната неугледна фасада се замени со мурали на која  се горди не само поштенските работници, туку и жителите на населбата Перо Чичо во Куманово. 

Инаку, младиот уметник Дејвид Стоилковски е дипломец на Факултетот за ликовни уметности на отсекот графика. Досега има изложувано во Куманово и во Скопје, а учестувал и во проекти за изработка на мурали и графити во Кочани, Чашка, САД, Црна гора и Австрија. Добитник е на наградата „Драгутин Аврамовски Гуте“ за најдобро  графичко дело за 2019 година.

Малата пошта пред акцијата

Иницијативата била спроведена во соработка со АД Пошти на Северна Македонија. Овој проект на Центарот за современи уметности Скопје е финански поддржан од Фондација Отворено општество Македонија.

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Јавни простори / Живот
Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото