Јули

05.07.2021 12:31
Јули

Јули, на латински Iulius, го добил името по средното или родово име (nomen gentilicium) на Гај Јулиј Цезар. Овој римски војсководец, државник и писател, меѓу своите современици познат како Кајсар, е најпознатиот припадник на родот на Јулиевците. Вергилиј во епот Ајнеида пишува дека Јулиевците го добиле своето родово име по Јул, синот на тројанскиот јунак Ајнеј, кого го сметале за свој прататко. По падот на Троја, Јул, познат и под името Асканиј, заедно со својот татко Ајнеј и со дедото Анхис се доселил во Италија. Потеклото на името Јул не е познато.

Некои го поврзуваат со старогрчкото ἴουλος (íoulos) ‘првата брада кај младите момчиња’, ‘мов’, а други, пак, велат дека Јул е можеби од латинското Jovilius ‘посветен на богот Јупитер’.

Некогашното име на јули било квинтил (букв. петти). Ова име месецот го добил зашто во стариот римски календар, во кој годината почнувала со март, јули бил петтиот месец во годината. Јули се викал квинтил сè до 44 година пред нашата ера, кога, по убиството на Кајсар, Сенатот донел одлука месецот во кој Кајсар бил роден во иднина да го носи неговото родово име - Iulius. Така, со политичка одлука квинтил станал јули.

Родовото име на Кајсар, Јулиј, освен во јули преживеало и во многу лични имиња: Јулија, Џулија, Џулиета, Џулијано, Хулио, Жил... Стариот календар што уште се користи во многу православни цркви низ светот се вика јулијански зашто бил воведен од Јулиј Кајсар. Едиктот на Каесар за замена на дотогашниот римски календар со нов календар стапил на сила на 1 јануари 45 година пред нашата ера. Времето се пресметувало според овој календар сè до 1582 година, кога папата Грегориј XIII го вовел календарот што и денес го користиме – грегоријанскиот. Од прекарот, пак, на Кајсар, е изведена императорската титула caesar. Оваа титула има многувековна традиција, па оттаму има и многу јазични варијанти. Една од нив е и варијантата цар. Постои популарно и веројатно неточно верување дека од прекарот Кајсар е изведен и медицинскиот термин sectio caesarea, познат меѓу народот како „царски рез“ (англ. Caesarean section, фр. Césarienne, герм. Kaiserschnitt, рус. Кесарево сечение).

Оние што веруваат во оваа теза велат дека овој хируршки зафат го добил името по Јулиј Кајсар, кој, како што вели легендата, дошол на свет со царски рез.
Салатата Цезар нема никаква врска со Гај Јулиј Кајсар. Името го добила по својот изумител - италијанскиот готвач Чезаре Кардини.

Слика: Јулиј Кајсар, Петер Паул Рубенс (1625/6), Лајденска колекција

Извор: ΑΡΓΩ

Слични содржини

Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Култура / Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото