„Кој може да расипе еден ваков ден“

05.07.21 13:06

На 1 јули, во МКЦ беше промовиран новиот албум на „Фолтин“, како и видео за една од песните од изданието.

Албумот „Симултан Бакнеж“ се состои од 4 песни, снимени во Студио АЛШАР – Скопје, во декември 2020. Изданието беше промовирано со спот за една од песните „Кој може да расипе еден ваков ден“, во режија на Милена Виитман.

„Фолтин“ најавија лето исполнето со концерти, така на 17 јули ќе настапат во Кичево, на 25 јули во Струга во Домот на културата, на 29 јули во Прилеп во Центар за култура, на 31 јули во Амфитеатарот во Велес и на 22 август на плажа Оревче во Охрид. Исто така, бендот ќе гостува и на Џез фестивал во Банско на 8 август, а најавија и голема скопска промоција на албумот на крајот на летото.

Фотографијата и дизајнот на омотот се креација на режисерот Ѓорче Ставревски.

Директор на фотографија е Michell Rivas, а актери се Rio Rasch и Nisha Virmani. Видео записот е снимен во Берлин.

Издавач на албумот е ОХО Продукција, продуцент е Пеце Талески, а извршен продуцент е Илија Тирицовски. Продуцент на видео записот е Пеце Талески, а како извршни продуценти се јавуваат Милена Виитман и Илија Тирицовски.

КОЈ МОЖЕ ДА РАСИПЕ ЕДЕН ВАКОВ ДЕН

се прашувам од каде таков мир на бродот
гледаме бранот го крева хоризонтот
и бргу ќе стигне на нашиот брег
но кој може да расипе еден ваков ден

треба ли да боли и пред да боли
крајот на светот во џебно издание
можеби ноќва ќе клекнеш да се молиш
но кој може да расипе еден ваков ден

знам дека се точни црните прогнози
еден ден ќе скапеме но сѐ уште сме сочни
црвот ги гризе јаболката со ред
и кој може да расипе еден ваков ден

треба ли да боли и пред да боли
крајот на светот во џебно издание
можеби ноќва ќе клекнеш да се молиш
но кој може да расипе еден ваков ден

можеби ноќва ќе клекнеш да се молиш
но кој може да расипе еден ваков ден

Музика и текст: ФОЛТИН
Пеце Трајковски Брада - гитара; Гоце Јованоски - бас; Славчо Јовев - тапани; Пеце Николовски - кларинет и шејкер; Бранислав Николов - глас и мини ел. пијано

Извор: You tube

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото