Чадна завеса за проширувањето на ЕУ

06.07.2021 14:10
Чадна завеса за проширувањето на ЕУ

Брисел повторно посегнува по својот аргумент што го користи за да го оправда застојот во процесот на проширување на ЕУ – односно неможноста да се најде клуч и соодветен пристап за решавање на билатералните спорови на земјите-кандидатки со нивните соседи-членки на ЕУ.

Напорите на португалското претседателство тешко би можеле да се изделат од таквиот контекст, бидејќи останува нејасно како еден висок државен функционер во Лисабон во својата невнимателност погрешно го нарече официјалниот јазик на земја-кандидатка, но во својата „лингвистичка неписменост“ понуди и мал продлабочен курс за европски почетници, објаснувајќи дека „севреномакедонскиот“ произлегол како дел од бугарскиот јазик. Ако е ова израз на јазичната политика на ЕУ, таа тука, во форма на „несреќна изјава“, доживува вистинска хаварија. Не е првпат пред проширувањето на ЕУ да се креваат чадни завеси зад кои се прават обиди за камуфлирање на фактите.

Јазична политика

А токму јазичната политика на ЕУ го содржи фокусот кој можеби најдлабоко задира во основниот постулат вграден во темелите на европската градба – во геслото „Обединети во различноста“ (United in diversity). Приказната се чини треба да биде протолкувана на мошне едноставен начин. Европското обединување се збогатува со многуте различни култури, традиции и јазици на континентот. Тоа е всушност факт што би требало да го релативизира и да го намали значењето на дилемите што произлегуваат од различните погледи и толкувања на културната разновидност и историското наследство.

Досега ниту една земја на станала членка на ЕУ, влегувајќи во заедничкиот европски дом без сопствен официјален јазик. Јазичната политика на ЕУ, онаква како што досега функционираше, му дава смисла и поткрепа на тврдењето дека преку европскиот праг пред портата на ЕУ „ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик“. Иако и понатаму останува нејасно како бугарските националнистички аспирации и негаторскиот однос кон Македонија, што преку историскиот ревизионизам на Софија од кој зрачат прикриени хегемонистички апетити кон соседната земја со кандидатски статус за членство, би можеле да се оправдаат со исклучителнот принцип да се почитуваат идентитетските, културните и јазичните посебности и разлики. Па дури и по цена на неприкосновенто право на вето. Бугарите се во ЕУ речиси деценија и пол, но „единството во различноста“ очигледно за нив е прифатливо само доколку се вклопува во рамките на лажните тези на нивната историска и национална пропаганда.

Но, дали проширувањето на ЕУ моментно е зарибано само поради бугарските деструктивни барања. Хрватскиот претседател Милановиќ, коментирајќи ги деновиве бугарските оспорувања на македонскиот јазик и идентитет, прашува реторички што би се случило доколкуХрватска ги доведе во прашање јазиците на своите соседи, доколку би ги оспорувала црногорскиот или босанскиот јазик? Тоа, според Милановиќ, е погрешно и неморално, бидејќи е тешко на соседна држава да и се одрече правото да се нарекува со некое име и со тоа име да го нарекува јазикот. Дали ова ќе биде и официјален државен став на Хрватска во подоценжните фази на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, или пак ваквите ставови за добрососедско разбирање ќе останат како „издвоено мислење“ на еден хрватски претседател, останува да се види. Развојот на односите на Балканот се тешко предвидливи, особено ако некому му се пружа можност да им го загорчи животот на соседите преку извртување на историската правда.

 Културни разлики

Многумина ја сфаќаат ЕУ како проект за создавање една народна Европа – повеќе со меѓукултурна отколку мултикултурна соработка, бидејќи Европа не е никаква топилница за претопување на народите и културите. Затоа не треба да се доживуваат како празни фрази напорите да се сочуваат сите културни разлики на земјите членки, дури и „кога се наоѓаме во една иста чинија“, во која малите јазици го подобруваат вкусот. Мал јазик, голема симболика. Не можат, на пример, Македонците да останат без свој залак во една таква чинија, само поради незаситните апетити на нечиј агресивен егоизам.

Според еден француски предлог на почетокот на 1990-години, како решение за поефикасна јазична политика во рамки на ЕУ би требало да се користат само пет работни јазици. Таквиот предлог веднаш предизвикал низа остри протести од цела низа земји членки. Денес, по две децении од таа јазична дебата, многу малку нешта укажуваат дека атмосферата околу јазичните прашања е помалку зовриена и помалку неизвесна. Иако ЕУ во меѓувреме доби вкупно 24 официјални јазици. Последниот меѓу нив беше хрватскиот, еден од помалите европски јазици, кој сепак не помина низ некакви посебни оспорувања, според примерот на (не)лингвистичките аргументи што се пласираат во однос на посебноста на македонскиот јазик.

ЕУ може да опстане само како фамилијарна заедница, а не како растопено тесто што се подготвува за излевање во заеднички калап. Токму затоа и македонскиот јазик не може да биде исклучен од големото и суштинско значење на симболиката што низ евроинтеграциите се доживува и опстојува како – јазична рамноправност.

Слики: KEROZEN

Извор за текстот: Слободен печат