1011 hPa
41 %

25 °C
Скопје - Пет, 23.05.2025 10:45
Социологот Дерек Сигел од Универзитетот во Масачусетс спроведе истражување за искуствата на родителството кај трансродовите лица. Мотив за истражувањето е занемареноста на оваа тема во социологијата (и покрај тоа што помеѓу 25 и 50 проценти од трансродовите лица во САД имаат деца, но и добивањето увид во тоа како пандемијата влијаеше на транс родителите. Сигел интервјуирал 50 трансродови жени од САД, моментални и идни мајки. Истражувањето покажа дека пандемијата, покрај тоа што на сите родители им го отежна ускладувањето на грижата за децата со работата, има и специфични последици по транс родителите: им ги отежна правните, социјалните и економските предизвици со кои и онака се соочени.
И пред избивањето на пандемијата транс лицата беа соочени со високо ниво на дискриминација на работа, која негативно се одразува и на нивните приходи. Според едно истражување, 77 проценти од транс лицата ја одложиле транзицијата или го криеле својот родов идентитет на работното место за да избегнат дискриминација. Според истражувањето од 2020 година, транс лицата имале 31 процент поголема шанса да работат скратено работно време за време на пандемијата и 7 проценти поголема шанса да ја изгубат работата од цис лицата. Соговорничките во истражувањето на Сигел ги споделиле своите искуства како што е губењето работа, што за секој значи и зголемена зависност од партнерите и/или семејството, а за нив како транс лица тоа дополнително го нарушува балансот во односите на моќта со партнерите/ките. Една соговорничка, која останала без работа во пандемијата, објаснила дека во такви услови не се чувствува повикано да ги преиспитува родителските односи на својата партнерка: „Како транс личност, тешко ми е да не чувствувам благодарност заради фактот што партнерот ме прифаќа. И затоа во моменталната ситуација не се чувствувам како сосема рамноправен родител.“
Финансиската зависност од семејството може да ја ограничи и можноста за изразување на родовиот идентитет на транс лицата, заради страв од губење на семејната поддршка доколку се аутираат. Тоа го илустрира друга соговорничка во истражувањето, мајка на деветгодишен син, која исто така останала без работа за време на пандемијата и станала зависна од финансиската помош на својата мајка. Објаснила дека заради тоа престанала да размислува за аутирањето пред својата мајка: „Таа би реагирала мошне негативно и не би имала кого да повикам ако му затреба нешто на моето дете“.
Негативното влијание на изолацијата во однос на менталното здравје исто така е универзален проблем во пандемијата, но со специфични последици во однос на транс родителите - додека некои учеснички во истражувањето се пожалиле на недостаток на контакти со заедницата која ги прифаќа, оние што ја имаат оваа заедница под својот покрив, ваквата изолација ја доживеале како нешто позитивно, зашто привремено им бил олеснет товарот од стравот како ги перципира јавноста и стравот од јавно вознемирување. На пример, една од учесничките во истражувањето изразила загриженост околу враќањето во одредени јавни простори во улога на мајка: „Дали ќе можам да влезам во женски тоалет со своите ќерки или ќе ме обвинуваат за злоставување или сексуален напад на сопствените деца?“
Покрај сите специфични несигурности на транс лицата поврзани со пандемијата, дополнителни проблеми во САД создадоа и низа анти-транс закони. Меѓу другото, со тие закони се настојува на младите транс лица да им се ограничи пристапот до хормонска терапија и учество во училишните спортови. Учесничките во истражувањето сметаат дека таквите закони, освен што се дискриминаторски, ги јакнат митовите дека транс лицата не знаат што е најдобро за нив, или дека претставуваат опасност за другите жени и девојки. Транс лицата често ги апсорбираат ваквите пораки - Сигел пишува дека повеќе од една третина од жените кои ги интервјуирал изјавиле дека интернализираната трансфобија во еден момент ги спречила воопшто да се замислат како родители.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Astro Twitch
Извор: https://www.bilten.org/