Тревопасна резолуција

07.07.2021 09:43
Тревопасна резолуција

Навистина е убаво и моќно еден парламент сложно да застане околу некоја важна работа и да каже – ова е тоа. Го укинуваме ропството, или даваме право на глас на жените, го забрануваме детскиот труд итн. Историјата е полна со такви резолуции и декларации, некои корисни и прогресивни, некои не баш, некои пак сосем штетни. Но, не може да се спори дека се моќни. Една таква е декларацијата на бугарскиот парламент, која се однесува на Македонија и на Македонците. Собрани на куп сите предрасуди и стереотипи негувани во една земја во сите нивоа на школството и на државната пропаганда, и оверени од еден пратенички состав. Другите алтернативни погледи на истото прашање, кои видовме дека ги има и во бугарското општество, останаа во научните маргини. Сега таа декларација е орудие за блокада на Македонија на патот на ЕУ. Кои се можните исходи? Или спорот никогаш да не се реши, или да се реши со кршење на таа декларација.

Нашата опозиција, ВМРО-ДПМНЕ, по истиот углед, предлага во Собранието да усвоиме слична декларација, со која, како што се вели, Македонија би ги исцртала своите „црвени линии“. Навидум, конструктивен предлог – опозицијата ѝ помага на власта во прашања од национален интерес. Што има тука лошо, ќе речете.

Лошо е што во случајов, не станува збор за резолуција од национален интерес, туку за евтин политички трик. Прво што паѓа во очи е што уште во заглавието партијата не го користи уставното име, туку ја адресира предлог-резолуцијата до „Собрание на Република Македонија“. Како да сака да ги потцрта своите антипреспански позиции, само еден ден по досега најголемиот форум одржан во Македонија, со највисоки гости од регионалната и од светската политика. Форум, кој ВМРО-ДПМНЕ брутално го бојкотираше, навредувајќи ги со тоа многубројните гости, кои во суперлативи говореа токму за овој договор како за голем дипломатски и политички успех. Нашата опозиција сака да порача дека е во „претпреспански“ стадиум и има намера таму да остане, без оглед колку тоа изгледало неконструктивно. И спротивно на сегашната намера да демонстрира конструктивност предлагајќи резолуција.

ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае дека само врз основа на овој момент, на неупотребата на уставното име, нејзината резолуција може да не биде ставена на дневен ред. Но, изгледа тоа не ѝ пречи.

Дека станува збор за обичен партиски маневар уште повеќе се гледа од содржината на текстот полн со небулози, двосмислености, недоречености и анахронизми. За илустрација, ќе наведам само еден пример, прво поради просторот, а второ поради неискреноста на тоа писание: На едно место се вели – „да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет“. Само ова пасусче врие од нејаснотии така што никој сериозен не би го ставил во документ наменет за гласање. Кои историски сознанија да се почитуваат „безрезервно“? Сите? Дали и сознанијата на Петар Поповски за Македонија до Индија или на Александар Тунтев за Каменот од розета? И колку „безрезервно“? Дали македонската наука е безгрешна? Па токму „дострелите“ на македонската историска наука се најјакиот аргумент на Бугарија во нашата блокада. И на која „автохтоност“ се мисли, од кој век? Има ли овде неавтохтони? И колкав е тој „културен континуитет“, од антиката до денес или „само“ од Големата преселба на народите? Куп нејаснотии. Вакви се дузина од тие пасуси од предложената резолуција.

Но, токму во тоа е „суштината“ што би рекол Мицкоски. Намената на тој текст не е ниту да биде разгледуван, ниту усвоен од пратениците, туку да послужи како провокација. Пишуван е за да биде неприфатлив, а кога ќе се отфрли, ќе поентираме дека ние „се бориме“ за македонската кауза, но, ете, другите „не ни даваат“. Трикот секогаш „пали“ кај одреден вид гласачи. Така се собираат гласови, а всушност се поигрува со чувствата на гласачите. Со таа прикаска се негираше Преспанскиот договор, а ако утре се реши и бугарското вето, пленот е повторно ист. Волкот влакното го менува, наравот не. Проблемот е што и натаму ги јаде овците.

Да не останам недоречен за резолуцијата „како таква“, не оваа блеферска од ВМРО-ДПМНЕ. Дали македонското Собрание треба да усвои некаква резолуција? Може, ама да знае дека и таа ќе ја има истата судбина како бугарската. Или ќе послужи за проблемот никогаш да не се реши, или проблемот ќе се реши со нејзино кршење. Трето нема.

Слики: Anuj Shrestha

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото